Која е Наталија? Кажи ни нешто повеќе за себе.
Наталија е некоја која има љубопитност за многу работи и сфери и постојано има идеи за нови проекти од различен карактер и размер. Постојан преплет на планирање и спонтаност и уживање во моментот, правење мали чекори кои не секогаш знам каде ме водат, меѓутоа чувствувам дека е правилно да се направат и секогаш ми откриваат поголема слика и отвораат поголеми можности. Најважно е да се ужива во процесот, бидејќи од моето искуство до сега, кога навистина сум вложена и присутна во нешто што правам, секогаш произлегува преубав производ. Преземањето на мали чекори секој ден гради многу голем успех; најважно е да се дејствува и да не се чека совршениот момент.
Инаку, едно нешто што отсекогаш ме интересирало е уметноста, што и на некој начин ме насочи кон студирање архитектура. Мастер студиите ги завршив во 2015 година на Архитектонскиот факултет во Скопје. Кратко потоа заминав за Катар, каде што ја започнав мојата кариера како архитект. Работев за италијанска фирма и имав можност да бидам дел од многу возбудливи и различни проекти, бидејќи државата се подготвуваше за Светското првенство во фудбал, кое беше планирано за 2022 година.

Кога и како се роди твојата желба да се занимаваш со архитектура? Имаше ли некоја конкретна личност, ситуација или момент што влијаеше врз твојот избор?
Кога бев дете, се замислував дека ќе студирам ликовни уметности, бидејќи тоа беше мојата пасија и одев на дополнителни часови кај неколку уметници, меѓу кои Јосип Каракаш, Симонида Филипова Китановска и Мирослав Масин. Меѓутоа, потоа некако бев сигурна дека сакам да студирам архитектура, која претставува симбиоза на многу вештини, меѓу кои е и уметноста.

Како се спојуваат архитектурата и уметноста во твојот свет?
Архитектурата ја гледам низ призмата на уметноста, а уметноста ја гледам низ призмата на архитектурата. На пример, мојата главна инспирација за уметноста се градилиштата (construction sites), кои беа дел од мојата секојдневна работа како архитект. Токму тие привремени композиции на бои и материјали во нивната иницијална, сирова форма се нешто што постојано го документирав. Веројатно таа искреност во процесот, каде што ниедна форма или материја не се обидува да биде нешто повеќе од тоа што е, е она што, според мене, ја прикажува убавината на самиот објект и простор.

Колку уметноста влијае врз твојот начин на работа и создавање?
Не можам да кажам дека токму уметноста влијае, бидејќи тоа е тешко да се дефинира... Едноставно, тоа е начинот на кој ги гледаш работите, што е тоа што го забележуваш, што влијае врз твојата инспирација... Секојдневието е уметност, бидејќи се состои од безброј моменти на инспирација... Не чекаш некој посебен момент, туку го препознаваш тоа што е веќе пред тебе.

Кога ќе влезеш во некој простор за првпат, што забележуваш што можеби другите луѓе не го забележуваат?
Прво е осветлувањето. Дури и самиот простор или уредувањето да не е толку добро, ако просторот е убаво осветлен, перцепцијата ќе биде поинаква.
Исто така, тактилноста и начинот на кој замислувам дека просторот ќе старее секогаш се прашувам: „Како ќе изгледа за 10 години?“ и „Дали вратата ќе остане во моите сеќавања?“ Ако, според мојата визија, нема да изгледа добро, тоа значи дека нештото е направено само за да биде во чекор со моменталните актуелни трендови, кои по природа немаат трајна вредност. Или, ако не ја запамтам вратата (како пример за објект кој го дефинира просторот), тогаш таа нема тактилност и нема да пренесе вредност низ времето.
Друго нешто што сè повеќе го помислувам е: „Дали во просторот има место за уметност?“ Денешните ентериери ги дизајнираат до најмал детаљ, со ѕидови со облоги кои немаат простор за уметничка слика...
И многу важно е: „Дали корисниците можат да се изразат?“ И ова се надоврзува на тој тренд на хипердизајнирање, кој не им дозволува на корисниците да се изразат, туку само им се наметнува тоа што е, и тие се претвораат во консументи на она што се пласира... Ова е особено важно за станбените ентериери. Корисниците што живеат таму мора да имаат простор да го искажат својот карактер. Домот е одлика на тој што живее во него...

Колку е тешко да ја задржиш сопствената идеја кога во процесот на работа има многу различни мислења, барања и компромиси?
Ова е предизвик со кој сите креативни професии се соочуваат... Доколку имаш доволно добар аргумент зошто нештото треба да биде направено, во повеќето случаи клиентот го прифаќа предлогот. Кога се работи со визуелни професии, твојата работа е изложена на критика, мислење или барање. Тоа е дел што е прифатен и добро познат уште во самите студии.
Постои ли проект на кој особено се гордееш? Што го прави посебен за тебе?
Сите проекти ми се драги, навистина, меѓутоа има три на кои, кога ќе помислам, имам преубаво чувство.
Harvey Nichols во Катар. Ова е една од најпознатите стоковни куќи од Лондон, каде што имав можност да соработувам со брендови како Stella McCartney, Balenciaga, Giuseppe Zanotti итн. И не само тоа, туку целиот тим, со луѓе и професионалци од секаде од светот, го правеше целиот процес магичен. Јас бев дел од тимот на MACE, која е консултантска компанија од Велика Британија. На овој проект запознав пријатели со кои сè уште комуницирам и се среќавам.
„Fragments of Becoming“ – мојата самостојна изложба, која се одржа на 13 март годинава во галеријата Пионери Арт Платформ. Целото искуство и успех, заедно со галеријата, е нешто што ќе го паметам засекогаш.
Бидејќи сум LEED Accredited Professional – прва и единствена личност која ја поседува акредитацијата во С. Македонија, имав можност да работам на првиот LEED Gold Certified објект во државата, а тоа е новиот објект – централата на Стопанска банка во Скопје.
Инаку, LEED (Leadership in Energy and Environmental Design) е систем за сертифицирање на објекти издаден од U.S. Green Building Council. Овој сертификат означува холистички пристап, односно дека објектот ги исполнува високите стандарди за одржливост и носи повисок степен на одговорност за неговото влијание врз животната средина и корисниците. Како дел од процесот се земаат предвид сите аспекти – вода, енергија, материјали итн.

Дали сметаш дека младите архитекти денес имаат доволно простор за експериментирање и создавање нешто свое?
Архитектите денес можеби имаат повеќе можности, меѓутоа мислам дека социјалните медиуми многу влијаат на тоа како го формираме светот, почнувајќи од тоа што јадеме и пиеме, па дури и на поголем размер како градиме...
Мислам дека, бидејќи клиентите денес имаат пристап до медиуми каде што можат да ја извлечат својата инспирација, архитектите се многу ограничени од самиот почеток... Исто така, мислам дека трендовите се многу еднолични и унифицирани, како што се унифицира и светот, а архитектурата и ентериерите не се ни малку исклучени од тоа „движење“.
Меѓутоа, како и во секое време, секако дека можности за изразување има, само во таа маса на продукција треба да се најде своето место...

И за крај, што можеме да очекуваме од тебе во периодот што следува? Дали имаш некој нов проект, идеја или предизвик што ти е во план?
Би сакала да се зголеми свеста за влијанието на градењето и одговорноста која ја носат архитектите во своите одлуки. Доколку би можела да пренесам знаење и заедно да дојдеме до некои свесни промени, дури и малото влијание би имало големо значење.
Во моментов работам на неколку возбудливи проекти поврзани со одржливост во архитектурата, за кои се надевам дека наскоро ќе можам да откријам повеќе детали. Исто така, продолжува моето истражување и гледање на процесот на градење како уметнички акт или како збир од многубројни уметнички композиции.

Тагови: креативност уметност Наталија Зафироска