Промовирани огласи »

Како изгледа светот низ очите на архитект? Наталија открива што прво забележува во еден простор

Најважно е да се дејствува и да не се чека совршениот момент

Која е Наталија? Кажи ни нешто повеќе за себе.

Наталија е некоја која има љубопитност за многу работи и сфери и постојано има идеи за нови проекти од различен карактер и размер. Постојан преплет на планирање и спонтаност и уживање во моментот, правење мали чекори кои не секогаш знам каде ме водат, меѓутоа чувствувам дека е правилно да се направат и секогаш ми откриваат поголема слика и отвораат поголеми можности. Најважно е да се ужива во процесот, бидејќи од моето искуство до сега, кога навистина сум вложена и присутна во нешто што правам, секогаш произлегува преубав производ. Преземањето на мали чекори секој ден гради многу голем успех; најважно е да се дејствува и да не се чека совршениот момент.

Инаку, едно нешто што отсекогаш ме интересирало е уметноста, што и на некој начин ме насочи кон студирање архитектура. Мастер студиите ги завршив во 2015 година на Архитектонскиот факултет во Скопје. Кратко потоа заминав за Катар, каде што ја започнав мојата кариера како архитект. Работев за италијанска фирма и имав можност да бидам дел од многу возбудливи и различни проекти, бидејќи државата се подготвуваше за Светското првенство во фудбал, кое беше планирано за 2022 година.

Кога и како се роди твојата желба да се занимаваш со архитектура? Имаше ли некоја конкретна личност, ситуација или момент што влијаеше врз твојот избор?

Кога бев дете, се замислував дека ќе студирам ликовни уметности, бидејќи тоа беше мојата пасија и одев на дополнителни часови кај неколку уметници, меѓу кои Јосип Каракаш, Симонида Филипова Китановска и Мирослав Масин. Меѓутоа, потоа некако бев сигурна дека сакам да студирам архитектура, која претставува симбиоза на многу вештини, меѓу кои е и уметноста.

Како се спојуваат архитектурата и уметноста во твојот свет?

Архитектурата ја гледам низ призмата на уметноста, а уметноста ја гледам низ призмата на архитектурата. На пример, мојата главна инспирација за уметноста се градилиштата (construction sites), кои беа дел од мојата секојдневна работа како архитект. Токму тие привремени композиции на бои и материјали во нивната иницијална, сирова форма се нешто што постојано го документирав. Веројатно таа искреност во процесот, каде што ниедна форма или материја не се обидува да биде нешто повеќе од тоа што е, е она што, според мене, ја прикажува убавината на самиот објект и простор.

Колку уметноста влијае врз твојот начин на работа и создавање?

Не можам да кажам дека токму уметноста влијае, бидејќи тоа е тешко да се дефинира... Едноставно, тоа е начинот на кој ги гледаш работите, што е тоа што го забележуваш, што влијае врз твојата инспирација... Секојдневието е уметност, бидејќи се состои од безброј моменти на инспирација... Не чекаш некој посебен момент, туку го препознаваш тоа што е веќе пред тебе.

Кога ќе влезеш во некој простор за првпат, што забележуваш што можеби другите луѓе не го забележуваат?

Прво е осветлувањето. Дури и самиот простор или уредувањето да не е толку добро, ако просторот е убаво осветлен, перцепцијата ќе биде поинаква.

Исто така, тактилноста и начинот на кој замислувам дека просторот ќе старее секогаш се прашувам: „Како ќе изгледа за 10 години?“ и „Дали вратата ќе остане во моите сеќавања?“ Ако, според мојата визија, нема да изгледа добро, тоа значи дека нештото е направено само за да биде во чекор со моменталните актуелни трендови, кои по природа немаат трајна вредност. Или, ако не ја запамтам вратата (како пример за објект кој го дефинира просторот), тогаш таа нема тактилност и нема да пренесе вредност низ времето.

Друго нешто што сè повеќе го помислувам е: „Дали во просторот има место за уметност?“ Денешните ентериери ги дизајнираат до најмал детаљ, со ѕидови со облоги кои немаат простор за уметничка слика...

И многу важно е: „Дали корисниците можат да се изразат?“ И ова се надоврзува на тој тренд на хипердизајнирање, кој не им дозволува на корисниците да се изразат, туку само им се наметнува тоа што е, и тие се претвораат во консументи на она што се пласира... Ова е особено важно за станбените ентериери. Корисниците што живеат таму мора да имаат простор да го искажат својот карактер. Домот е одлика на тој што живее во него...

Колку е тешко да ја задржиш сопствената идеја кога во процесот на работа има многу различни мислења, барања и компромиси?

Ова е предизвик со кој сите креативни професии се соочуваат... Доколку имаш доволно добар аргумент зошто нештото треба да биде направено, во повеќето случаи клиентот го прифаќа предлогот. Кога се работи со визуелни професии, твојата работа е изложена на критика, мислење или барање. Тоа е дел што е прифатен и добро познат уште во самите студии.

Постои ли проект на кој особено се гордееш? Што го прави посебен за тебе?

Сите проекти ми се драги, навистина, меѓутоа има три на кои, кога ќе помислам, имам преубаво чувство.

Harvey Nichols во Катар. Ова е една од најпознатите стоковни куќи од Лондон, каде што имав можност да соработувам со брендови како Stella McCartney, Balenciaga, Giuseppe Zanotti итн. И не само тоа, туку целиот тим, со луѓе и професионалци од секаде од светот, го правеше целиот процес магичен. Јас бев дел од тимот на MACE, која е консултантска компанија од Велика Британија. На овој проект запознав пријатели со кои сè уште комуницирам и се среќавам.

„Fragments of Becoming“ – мојата самостојна изложба, која се одржа на 13 март годинава во галеријата Пионери Арт Платформ. Целото искуство и успех, заедно со галеријата, е нешто што ќе го паметам засекогаш.

Бидејќи сум LEED Accredited Professional – прва и единствена личност која ја поседува акредитацијата во С. Македонија, имав можност да работам на првиот LEED Gold Certified објект во државата, а тоа е новиот објект – централата на Стопанска банка во Скопје.

Инаку, LEED (Leadership in Energy and Environmental Design) е систем за сертифицирање на објекти издаден од U.S. Green Building Council. Овој сертификат означува холистички пристап, односно дека објектот ги исполнува високите стандарди за одржливост и носи повисок степен на одговорност за неговото влијание врз животната средина и корисниците. Како дел од процесот се земаат предвид сите аспекти – вода, енергија, материјали итн.

Дали сметаш дека младите архитекти денес имаат доволно простор за експериментирање и создавање нешто свое?

Архитектите денес можеби имаат повеќе можности, меѓутоа мислам дека социјалните медиуми многу влијаат на тоа како го формираме светот, почнувајќи од тоа што јадеме и пиеме, па дури и на поголем размер  како градиме...

Мислам дека, бидејќи клиентите денес имаат пристап до медиуми каде што можат да ја извлечат својата инспирација, архитектите се многу ограничени од самиот почеток... Исто така, мислам дека трендовите се многу еднолични и унифицирани, како што се унифицира и светот, а архитектурата и ентериерите не се ни малку исклучени од тоа „движење“.

Меѓутоа, како и во секое време, секако дека можности за изразување има, само во таа маса на продукција треба да се најде своето место...

И за крај, што можеме да очекуваме од тебе во периодот што следува? Дали имаш некој нов проект, идеја или предизвик што ти е во план?

Би сакала да се зголеми свеста за влијанието на градењето и одговорноста која ја носат архитектите во своите одлуки. Доколку би можела да пренесам знаење и заедно да дојдеме до некои свесни промени, дури и малото влијание би имало големо значење.

Во моментов работам на неколку возбудливи проекти поврзани со одржливост во архитектурата, за кои се надевам дека наскоро ќе можам да откријам повеќе детали. Исто така, продолжува моето истражување и гледање на процесот на градење како уметнички акт или како збир од многубројни уметнички композиции.

Тагови: креативност уметност Наталија Зафироска

Промовирани огласи »

5 знаци дека сте заглавени во професионална рутина

Се чувствувате заглавено на работа? Овие 5 знаци го потврдуваат тоа!

Секој професионалец има периоди кога работата станува монотона. Но, ако долго време чувствувате дека стоите во место, не учите ништо ново и немате мотивација за следниот чекор, можеби сте заглавени во професионална рутина. Еве 5 знаци дека е време да направите промена.

1. Секој работен ден ви изгледа исто

Ги извршувате истите задачи, следите ист распоред и речиси ништо не ве предизвикува. Рутината сама по себе не е лоша, но ако повеќе не чувствувате никаква возбуда или интерес за работата, тоа може да биде знак дека ви треба нов предизвик.

2. Повеќе не учите нови работи

Професионалниот развој бара постојано учење. Ако со месеци или години не стекнувате нови знаења, не развивате нови вештини и немате можност да работите на различни проекти, вашата кариера може да почне да стагнира.

3. Не гледате следен чекор

Дали се прашувате: „Што следно?“, но немате одговор? Ако не гледате можност за унапредување, поголема одговорност или нова позиција, можеби е време да разговарате со менаџерот за вашите цели или да истражите други можности.

4. Работата ја извршувате само по навика

Кога главната мотивација ви е само да го завршите работниот ден, а не чувствувате задоволство од она што го правите, тоа е важен сигнал. Не мора секој ден да биде возбудлив, но долготрајниот недостаток на мотивација не треба да се игнорира.

5. Почнувате да завидувате на луѓето кои прават нешто ново

Ако постојано гледате како други луѓе учат нови вештини, менуваат професии, започнуваат проекти или напредуваат, а вие чувствувате дека сте заглавени на истото место, можеби тоа е знак дека и самите сакате промена.

Што можете да направите?

Заглавеноста во рутина не значи дека веднаш треба да дадете отказ. Понекогаш е доволно да побарате нови задачи, да се вклучите во проект, да научите нова вештина или да разговарате со менаџерот за можностите за развој.

Ако, сепак, долго време не гледате простор за напредок, можеби е време да започнете да размислувате за нова работна средина.

Кариерата не треба само да ви носи сигурност треба да ви овозможува и раст. Ако чувствувате дека повеќе стоите во место отколку што напредувате, можеби најважниот чекор е да си поставите едно едноставно прашање: „Каде сакам да бидам за една година и дали мојата сегашна работа ме носи таму?“

Прочитај и за: Совети како да се справите со стресот на работа

Тагови: совети за работа

Промовирани огласи »

Љубов меѓу рафтовите: Фински супермаркет воведе розови корпи за слободни купувачи

Во Финска љубовта може да ја најдете додека пазарувате

Еден супермаркет во Финска најде необичен начин да ги поттикне луѓето да се запознаваат во живо. За купувачите кои се слободни и заинтересирани за ново познанство, достапни се розови корпи кои служат како суптилен знак дека се отворени за разговор и запознавање.

Наместо прв контакт да се случи преку апликации за запознавање или социјалните мрежи, идејата е сосема едноставна секојдневното пазарување да стане можност за ново познанство. Розовата корпа на ненаметлив начин им покажува на останатите купувачи дека лицето е слободно и расположено да запознае некого.

Иницијативата привлече внимание токму поради својата едноставност и поинаков пристап кон запознавањето. Останува прашањето: дали ваква идеја би функционирала и во нашите супермаркети?

Тагови: комуникација Финска запознавање розови корпи

Промовирани огласи »

Во пензија на 60 години? Австрискиот модел се разгледува во друга земја

Еве како функционира австрискиот модел кој служи како пример

СПД предлага германскиот пензиски модел за тешки работни услови да биде по примерот на Австрија, така што работниците од најтешките занимања ќе можат да се пензионираат порано.

Како што објави „Дојче Пресе-Агентур“, парламентарниот секретар на СПД, Дирк Визе, предложи Германија да го преземе овој долгогодишен пензиски модел за тешки работни услови (Schwerarbeitspension).

Причината за овој потег е планираното укинување на претходната опција за пензионирање без пенали по 45 години работен стаж - таканареченото „пензионирање на 63 години“ (што во пракса моментално изнесува 64,5 години).

Главниот проблем лежи во фактот што работниците кои работат тешки занимања честопати не можат да ги дочекаат тие години на работното место без сериозно оштетување на нивното здравје. Укинувањето на оваа мерка директно би влијаело на секој трет нов пензионер во Германија, пишува списанието „Феникс“.

Како функционира австрискиот модел кој служи како пример?

Австрискиот пензиски модел за напорна работа е во сила речиси 20 години (од 2007 година) и овозможува пензионирање уште на 60-годишна возраст - односно пет години пред редовната возраст за пензионирање.

Како што објаснува Австриската работна комора, условот е осигуреникот да има вкупно 45 години пензиски стаж (540 месеци), од кои најмалку 10 години (120 месеци) во последните 20 години мора да бидат признати како тешка работа.

Кој би имал најголема корист во Германија?

Според овој модел, следново се препознава како тешка работа:

  • Работа во ноќна смена
  • Работа на екстремни температури
  • Активности што вклучуваат супстанции опасни по здравјето
  • Тешка физичка работа и грижа за пациентите

Во Германија, градежните работници, лицата кои се грижат за нив, работниците во смени, земјоделците и доставувачите на пакети би имале најголема корист од таквата законска промена.

Тагови: Австрија Германија пензионери

Вчитај повеќе вести...
барај огласи за вработување »