Со предложените измени во Законот за прекршоци ќе се намалат казните за прекршоци за физичките лица и за компаниите. Казните за физичките лица ќе се намалат за 75 отсто, а за правните тоа намалување ќе биде и до 150 отсто. Ако досега казната за нерегистрирано возило изнесувала 500 евра, со новиот закон ќе изнесува 250 евра, за предизвикување бучава казната сега изнесува 450 евра. Со новиот закон сега казната нема да смее да надмине 250 евра, изјавија вчера премиерот Зоран Заев и министерката за правда Рената Дескоска.

Според предложените владини измени минималната глоба за физичко лице ќе биде 15 евра, а максималната 250 наместо досегашните 1.000 евра. За правните лица, при одредување на глобата ќе се води сметка за приходот остварен во претходната година, бројот на вработени и претходно санкционирање за исти или слични прекршоци.
Во законот се прави градација помеѓу мали, средни и големи претпријатија. Кај малите компании казните се намалуваат од 50 до 2.000 евра, а за средните и големите компании казните се намалуваат за два и пол пати, од 250 минимална до 10.000 максимална казна, кажа премиерот Заев.
Дескоска рече дека казнената политика нема да биде политика за полнење на буџетот, туку ќе биде насочена кон опомена на оние кои што згрешиле.
Околу 200 закони во кои е уредена висината на казната, ќе треба да се усогласат со Законот за прекршоци и нема да смеат да го надминат утврдениот минимум и максимум. Ако досега казната за нерегистрирано возило изнесувала 500 евра, со новиот закон ќе изнесува 250 евра, казната за технички неисправно возило сега изнесува 400 евра, со новиот закон истата не смее да надминува 250 евра, за предизвикување бучава казната сега изнесува 450 евра, со новиот закон сега казната нема да смее да надмине 250 евра, рече Дескоска.
Сега акцентот ќе се стави на опомената и на она што често пати се случуваше, некогаш самата грешка што ќе биде увидена од страна на правните лица, често пати беше казнувана без оглед што самите ја увиделе грешката, пријавиле, значи направиле корекција. Законот не дозволуваше инспекциските служби да се повлечат и фирмите беа казнувани. Сега, доколку самото претпријатие направи корекција, доколку станува збор за ненамерна грешка која што не оставила штетни последици и доколку се отстранат штетните последици, тогаш нема да има казнувања, рече министерката за правда.
Владата не предвиде измени во казните за предизвикување општествена опасност, за загадување на животната средина и за уништување на културното богатство.