Европските социјалисти бараат истрага за доделувањето бугарски државјанства.

Тие денеска побараа Европската комисија да ги разгледа тврдењата за незаконско доделување на бугарски државјанства на странци.
Европските социјалисти велат дека ова прашање е значајно и за ЕУ, затоа што лицата кои добиваат бугарско државјанство се стекнуваат со правото за слободно патување и работа во Унијата.
Сметаат дека овој случај е „поврзан со чесноста и безбедноста“ и дека тврдењата за злоупотреби го поткопуваат кредибилитетот на ЕУ.
Заменик премиер, министер и пратеник во Европскиот парламент се последните имиња кои се појавија во аферата со бугарските пасоши, открива Еуроактив. Станува збор за Красимир Каракачанов, Екатерина Захариева и Андреј Ковачев и тројцата еминентни бугарски политичари. Нивната поврзаност во скандалот, за Еуроактив ја открива Катја Манева, поранешна директор на Советот за државјанство, која била сменета од страна на Захариева под притисок на Каракачанов и Ковачев. Манева до бугарското овинителство кое ја води истрагата, доставила документи и дала исказ според кој партијата ВМРО на Каракачанов финансиски опстојувала единствено од митото добивано за бугарските пасоши. Матева тврди дека таа во 2016-та година стопирала 7.000 сомнителни барања за издавање потврди за потекло, со што го навлекла бесот на заменик премиерот. Каракачанов побарал од Захариева, која во тој период била министерка за правда, да ја отпушти Матева и да го одблокира процесот за издавање пасоши на странци. Захариева од почеток застанала во одбрана на својата подредена, но по состанокот кој го организирал европратеникот Ковачев со бугарски невладини организации од Македонија, попуштила под притисокот.
Каракачанов земал меѓу 550 и 1.500 евра од секој Македонец кој аплицирал за бугарски пасош во оваа шема, а дневно имало меѓу 150 и 200 кандидати.
Захариева и Ковачев изјавија дека се изненадени од обвинувањата.
Бугарскиот премиер, Бојко Борисов минатата недела им наложи на Министерството за внатрешни работи и на Државната агенција за национална безбедност да извршат проверка на бугарските патни документи издадени на странци во последните пет години.
Обвинителството во земјата минатиот месец започна истрага против службеници во Државната агенција за Бугарите во странство во врска со наводите за корупција и злоупотреби при издавањето на бугарски државјанства на странци.
Во врска со овие сомнежи на 31 октомври беа приведени претседателот на Агенцијата, Петар Харалампиев и 19 нејзини службеници. По првичната истрага, обвиненија беа покренати само против Харалампиев, главниот секретар на Агенцијата, Красимир Томов и против уште две лица.
По ова бугарската Влада најави дека планира да ја затвори Агенцијата, а нејзините надлежности да се поделат на неколку други државни институции.