Позната е набавната цена на струјата за 2027: Што ќе се случи со сметките?

Просечната набавна цена е 67,7 евра за мегават-час, но домаќинствата сè уште не знаат дали ќе плаќаат повеќе или помалку од 1 јануари.

АД ЕСМ ги достави најповолните понуди на тендерот на ЕВН Хоме за снабдување на домаќинствата и малите потрошувачи во 2027 година. За 70 отсто од планираните потреби, понудената цена е 65 евра за мегават-час, а за преостанатите 30 отсто — 74 евра за мегават-час.

Со тој сооднос, пондерираната просечна набавна цена изнесува 67,7 евра за мегават-час. Според ЕВН Хоме, тендерот за периодот од јануари до декември 2027 година е спроведен под надзор на Регулаторната комисија за енергетика.

Конечната цена за домаќинствата сè уште не е утврдена. ЕВН Хоме во наредниот период ќе ги направи потребните пресметки, а дури по утврдувањето на конечната цена ќе биде јасно дали и за колку ќе се променат сметките од 1 јануари.

Тагови: ЕВН ЕСМ поскапува струјата

Банкарските сметки во еден регистар до 1 декември: Кој ќе има пристап?

Сметките, депозитите и изнајмените сефови ќе се евидентираат на едно место, но салдата и трансакциите нема да бидат јавно достапни.

Централниот регистар има рок до 1 декември 2026 година да го воспостави Единствениот регистар на сметки. Во електронската евиденција ќе бидат опфатени денарските и девизните сметки, депозитите, поврзаните платежни инструменти и изнајмените банкарски сефови, како и податоците за нивните иматели и овластените лица.

Регистарот нема да биде јавен преглед на салдата и трансакциите. Пристапот до податоците за граѓаните е уреден со закон, а надлежните институции ќе можат, во рамките на своите овластувања, полесно да утврдат во кои банки физичко или правно лице има отворени сметки. Системот е предвиден и за следење на неактивните сметки, поефикасна присилна наплата и спречување на перење пари.

Евиденцијата би можела да помогне и во оставинските постапки, кога наследниците не знаат во кои банки починатото лице имало сметки или депозити. Регистарот е дел од пошироката модернизација на финансискиот систем, во чии рамки во 2027 година се очекува и воведување инстант плаќања меѓу банките.

Тагови: банка банкарските сметки

Марија Велковска и Candle Lab MK: Кога креативноста, љубовта и деталите создаваат нешто посебно

Зад секоја свеќа стојат приказна, љубов и многу креативност.

Како би се опишала Марија Велковска  надвор од светот на свеќите?

Надвор од светот на свеќите, би се опишала како личност која ги забележува малите нешта и ја пронаоѓа убавината во деталите. Сакам креативност, нови идеи и постојано откривање нешто ново. Сметам дека сум личност која сака да учи, да се надградува и да си поставува нови предизвици. За мене е важно она што го работам да има личен печат и да биде создадено со љубов и внимание.

Дали отсекогаш си била креативна или Candle Lab беше нешто што случајно го откри?

Креативноста отсекогаш била дел од мене, но Candle Lab беше еден вид откритие. Она што започна како љубопитност и желба да создадам нешто свое, постепено прерасна во вистинска страст.

Секако! Првата свеќа можеби не беше совршена, но за мене беше прекрасна и повеќе од доволна. Со текот на времето, секоја следна стануваше сè поубава, а јас сè посигурна во она што го создавам. Токму таа прва свеќа беше почеток на едно прекрасно и креативно патување наречено Candle Lab.

Кој беше најголемиот предизвик кога одлучи да го претвориш хобито во сопствен бренд?

Најголемиот предизвик беше да создадам сопствен идентитет и да понудам нешто што ќе биде препознатливо. Зад секој бренд стојат многу труд, учење, трпение и посветеност.

Како успеваш да ги усогласиш редовната работа, приватниот живот и времето потребно за изработка на свеќите?

Потребни се добра организација, посветеност, желба и многу љубов. Не секогаш е лесно, но бидејќи Candle Lab е нешто што навистина ме исполнува, секогаш се трудам да најдам време за да ја изразам мојата креативност.

Колку простор оставаш за експериментирање и колку често се случува првичната идеја да се промени во текот на изработката?

Експериментирањето е голем дел од мојата работа. Сакам да истражувам нови форми, бои и техники. Понекогаш најубавите идеи се раѓаат токму спонтано, во текот на самата изработка.

Што најчесто бараат купувачите  декоративен производ, убав мирис или подарок со лично значење?

Некои ги привлекува уникатниот изглед, други мирисот, а многумина бараат посебен подарок. Најубаво е кога еден производ успева да ги обедини сите три работи.

Колку Instagram ти помогна во градењето на брендот и пронаоѓањето на првите купувачи?

Instagram има голема улога во развојот на Candle Lab. Ми овозможи да ги претставам моите креации пред поширока публика, да комуницирам со купувачите и постепено да изградам препознатливост.

Што би сакала луѓето да почувствуваат кога ќе запалат свеќа од Candle Lab MK?

Пред сè, мир, топлина и спокој. Сакам моите свеќи да бидат дел од малите секојдневни моменти во кои човек може да забави, да ужива и да си посвети време себеси.

Како го замислуваш Candle Lab MK за три години? Дали размислуваш за нови производи, соработки или проширување на брендот?

Го замислувам како препознатлив бренд кој постојано се развива и нуди нешто ново. Веќе подготвувам нова идеја која во блиска иднина ќе го надмине концептот на мирис и декоративна естетика. Сакам да создадам нешто поинакво, во кое секој ќе може да ужива. Секако, отворена сум и за нови соработки и проширување на брендот.

Тагови: креативност свеќи Марија Велковска

Најнови огласи за работа во Штип!

Огласи за работа во Штип!

Денес ви ги издвојуваме најпосетуваните работни позиции во Штип на KARIERA.mk! Се надеваме дека ќе го најдете вашето идеално работно место меѓу нив. 

Штип градот на индустријата, образованието и традицијата, нуди многу можности за вработување во различни сектори. За да го пронајдете вашето идеално работно место во Штип, посетете го нашиот веб сервис KARIERA.mk и следете нè на нашите социјални мрежи, каде многу работодавци редовно објавуваат отворени позиции.

Моментално отворени позиции:

Унапредувач на продажба (Редач на роба) - Штип, Кочани, Пробиштип
Машински инженер
Продавач/Касиер (м/ж) - Штип
Оператори во call center - Штип

Се уште невработени? Не грижете се, сите останати работни места можете да ги најдете ТУКА.

Прочитајте и за: Најновите огласи за работа во Скопје!