Промовирани огласи »

Секоја креација има душа, приказна и причина да постои - Интервју со Ивона Спасовска

Природата е нејзиниот најголем инспиратор – запознајте ја Ивона Спасовска

Која е Ивона Спасовска? Кажете ни нешто повеќе за себе.

Накратко, би се опишала како личност бескрајно вљубена во силуети, форми, бои, ткаенини и геометриски елементи, кои потоа ги преточувам во вистинска подвижна естетика, односно во финално парче облека. Бидејќи сум длабоко поврзана со природата и секојдневно учам од неа, мојата посветеност кон одржливата мода дојде како најприроден можен чекор. Самиот чин на создавање е мојата најголема пасија тоа е изворот на енергија и мотивација што ме води напред, дури и во најпредизвикувачките моменти.

Кој е најраниот момент што го паметите како почеток на вашата креативна приказна?

Кога ќе се вратам наназад низ времето, најраниот момент потекнува од многу мала возраст, а главен виновник за тоа е мојата мајка. Таа прва ме внесе во креативниот свет на создавањето облека. Ова се, всушност, и моите најубави спомени од детството.

Многу сакав таа да ми шие облека, а јас ѝ бев „технички консултант“ – ѝ ги цртав моите први технички скици, иако тогаш воопшто не бев свесна што всушност претставуваат тие цртежи. На нив беше детално обележано каде да има патент, каде брусни, каде набори и сите други важни детали.

Откако ќе го утврдевме моделот и дизајнот, заедно одевме да купуваме материјал. Буквално се губев во сите тие бои, текстури и дезени. Без да знам тогаш, овие спомени и искуства ги поставија главните темели на мојата креативна приказна.

Кога создавате едно парче облека, од каде најчесто започнува процесот – од материјалот, инспирацијата или приказната што сакате да ја пренесете?

Сум забележала дека секое парче има свој уникатен процес на настанување и токму од тука произлегува неговата автентичност.

Кај некои парчиња процесот започнува исклучиво од материјалот  ќе здогледам некоја прекрасна ткаенина и во главата почнуваат да ми се вртат милион различни идеи за тоа што сè можам да направам.

Другпат, зад дизајнот стои само чиста инспирација. Природата, на пример, е мојот најголем инспиратор. Таа е ненадминлив дизајнер, уметник и инженер, а за мене претставува огромен предизвик нејзините бои, текстури и силуети да ги преточам во парче облека, задржувајќи ја истата автентична естетика.

Инспирацијата може да дојде и од одредена традиција, историски период, музички правец или субкултура. Бидејќи често работам upcycling, приказната многу често лежи и во самиот процес. Старите парчиња носат посебна емоција од човекот што ги носел. Кога ги трансформирам, си размислувам: кој бил тој човек? Која е приказната поврзана со купувањето на ова парче? Дали за него се врзуваат некои посебни спомени? Сето ова ми дава дополнителна инспирација за тоа како би изгледало новото парче.

Најчесто, сите овие три елементи се испреплетуваат. Преку само едно парче облека можеш да раскажеш многу приказни, што според мене е навистина фасцинантно.

Што е она што едно ваше парче го прави различно од класичната облека која ја гледаме секојдневно во продавниците?

Сè што е создадено со намера, инспирација и приказна носи огромна вредност нешто што облеката која масовно и сериски се произведува никогаш не може да го понуди. Ова не важи само за моите креации, туку и за делата на сите дизајнери кои посветено создаваат.

Да носиш парче облека кое е создадено исклучиво според твоите уникатни линии и облини е незаменливо чувство, чувство што брзата мода ни го украде. Кога парчето е создадено за вас, емотивно се поврзувате со него, буди сентименталност и многу потешко би го фрлиле.

Облеката од продавниците е масовно произведена, со сериски броеви, како сите ние да имаме исти димензии, иста приказна и иста позадина. Индустријата наметнува дека ние треба да се прилагодиме на облеката, а всушност е сосема обратно. Облеката треба да се прилагоди на нас, на нашите димензии и на нашата лична приказна.

Таа е нашиот неизговорен јазик сè она што не можеме да го срочиме во зборови за себе, го носиме на нас за да му го покажеме на светот.

Во продавниците постои само униформност, а јас верувам дека секој човек е уникатен, па таква треба да биде и неговата облека.

Од друга страна, процесот на создавање облека по мерка бара и длабоко персонален пристап. Кога работите со клиент, не земате само мерки, туку низ разговор го запознавате неговиот карактер, поставувате прашања и заедно градите идеи. Целта е да создадете дизајн кој ќе биде совршен одраз на неговиот индивидуалитет.

На сето ова мора да се надоврзе и неспоредлив квалитет. За разлика од сериското производство, кое често користи неквалитетни материјали во кои кожата не дише и облека што се кине по неколку носења, рачно создаденото парче се изработува со огромна грижа и внимание. Тоа е безвременско и создадено да трае со децении.

Колку време и посветеност бара создавањето на едно уникатно парче и кои се најголемите предизвици во тој процес?

Посветеноста и времето директно влијаат врз квалитетот на финалното парче. Секогаш постојат кратенки за да се создаде нешто побрзо, но тоа неизбежно ќе се одрази на крајниот квалитет.

Секое парче го создавам сама, од почеток до крај, и се трудам да биде изработено со максимално внимание. Процесот навистина одзема време започнува со инспирацијата и осмислувањето на дизајнот: како ќе изгледа, кои бои и материјали ќе се користат и како ќе паѓа ткаенината. Потоа следува техничкиот дел, каде што ја имам улогата на конструктор на кроеви (моделар), создавањето прототипови со цел да ги доведам до совршенство удобноста и механиката на кројот, а на крај доаѓа и самата изработка, односно шиењето.

Конкретен предизвик не би можела да издвојам, бидејќи целиот процес сам по себе е доволно голем предизвик. Од една замисла во главата треба да се создаде практично, естетско и удобно парче за носење. Во тој процес истовремено имате повеќе улоги  креативен дизајнер, конструктор на кроеви и шнајдер. Секоја од нив бара различен пристап и различен тип на техничко знаење.

Кое парче облека што сте го создале има посебно значење за вас и зошто?

Да бидам искрена, сите парчиња ми се подеднакво драги. Бидејќи вложувам толку многу внимание во нив, емотивно се поврзувам со секое. Кога треба да се разделам од некое од нив, често ја чувствувам таа тежина, бидејќи тие буквално стануваат дел од мене.

Но, ако морам да издвојам едно, тоа би била мојата последна креација, изработена од традиционално милје. Беше исклучително интересен, но и макотрпен предизвик. Речиси целиот фустан морав да го сошијам рачно поради деликатноста на материјалот. Кројот мораше да биде доведен до апсолутно совршенство, бидејќи плетеното милје има специфични правци на тегнење и сè требаше беспрекорно да прилега на телото.

Фузијата на оваа длабока традиција со една современа, нослива форма му даде сосема нова димензија на парчето.

Имало ли периоди кога сте се сомневале дали вашата идеја ќе успее и што ви помогнало да продолжите?

Да, секако. Мислам дека не постои ниту еден уметник или креативец кој барем еднаш не се посомневал во себе додека создавал. Според мене, тоа е многу важен чекор, бидејќи токму сомнежот нè тера да бидеме сè подобра верзија во она што го работиме.

Тоа е и она што мене ми помага да продолжам. Кога ќе наидам на пречка, кога нешто не ми успева или не излегува онака како што сум замислила, мотивацијата да бидам подобра од вчера е тоа што ме турка напред. Знам дека ако се посветам на решавање на конкретниот проблем, на крајот ќе научам нешто сосема ново. Човек секогаш може да се надградува и да осознава нови нешта.

Ако треба со една порака да ги охрабрите младите кои имаат талент, но се плашат да почнат, што би им кажале?

Би им кажала да не се плашат од грешки и од неуспех. Ништо што вреди не доаѓа лесно. Неуспехот е сосема нормален дел од процесот и токму преку него најмногу се учи.

Некогаш ќе биде навистина тешко, но токму така стануваме подобри. Всушност, понекогаш токму од грешките се раѓаат најубавите нешта.
 

Во денешно време, благодарение на социјалните мрежи, многу лесно се споредуваме со другите луѓе, со нивниот успех и нивните креации. Но, вистината е дека зад тие совршени фотографии не се гледаат неуспесите, часовите поминати во сомнеж и реалните предизвици со кои се соочувале.

Затоа, не треба да го споредуваат својот пат со туѓите приказни и да талкаат по некој нереален перфекционизам кој, всушност, не постои. Така само ќе почнат да се сомневаат во себе и во она што можат да го создадат со својот ум и своите две раце.

Има една прекрасна изрека: „Споредбата е крадец на радоста.“ (Comparison is the thief of joy.)

На твојот профил јасно се гледа пасијата кон одржливата мода и upcycling. Колку ти е лично важно да го задржиш тој принцип на работа во секое парче што го создаваш и дали мислиш дека ваквиот начин на работа може вистински да ја промени модната индустрија?

За мене, овој принцип не е само естетски избор, туку и морална должност. Сметам дека светот е веќе презаситен со облека и нема потреба бесконечно да произведуваме нова. Континуирано ја загадуваме природата, а често забораваме дека токму ние зависиме од неа не обратно.

Мора да престанеме да веруваме дека отпадот едноставно исчезнува. Тој останува, се распаѓа во микропластика и повторно се враќа во природата, а на крајот и во нашата храна и организам.

Затоа верувам дека е неопходно да почнеме повеќе да го реупотребуваме и трансформираме она што веќе е создадено, наместо постојано да произведуваме ново.

Од креативен аспект, upcycling ми е омилен бидејќи претставува сосема поинаков процес од класичното дизајнирање. Кога работиш со веќе постоечко парче, ограничен си од материјалот, но токму во тоа лежи предизвикот. Секое парче веќе носи своја приказна, свој карактер и свој „глас“, па процесот се претвора во еден вид креативен дијалог со него.

Тоа бара голема техничка прецизност, но резултатот е уникатно и автентично парче што не може да се повтори.

Верувам дека многу облека се фрла предвреме, иако сè уште има потенцијал за нов живот. Токму затоа создадов бројни уникатни креации преку трансформација на постоечка облека – креации кои, според мене, никогаш немаше да бидат толку автентични доколку беа изработени од сосема нов материјал.

Која е мотивацијата која стои позади споделувањето на едукативни туторијали и видеа каде прикажуваш како ги изработуваш парчињата?

Се обидувам, иако можеби не можам целосно, барем малку да придонесам кон враќање на времето кога луѓето имаа навика да си ја поправат облеката, наместо да ја фрлат во контејнер само поради едно скинато копче.

Сакам да ја почувствуваат онаа среќа и задоволство кога ќе создадат нешто сами за себе, а потоа ќе го носат како свој личен печат и идентитет. Доволно е да направите едно уникатно џебче или крагна и веќе имате парче со сопствен карактер, сосема спротивно од униформираноста што ја нуди брзата мода.

Сметам дека традицијата на шиење е длабоко вкоренета во нашата култура и речиси секое домаќинство има барем по една машина за шиење. Од тука произлегува и поголемата цел  да се намали отпадот. Кога ќе создадеш нешто со свои раце, многу потешко ќе се разделиш од него. Тоа е твој труд, а сопствениот труд не се фрла така лесно.

Од друга страна, преку видеата сакам транспарентно да им ја доближам на луѓето реалната слика за тоа колкав процес и труд стојат зад изработката на едно парче облека. Целта ми е да ја разбијам илузијата на брзата мода: ако ние имаме привилегија да купиме евтино парче, тоа значи дека некој друг веќе скапо платил за него преку експлоатација на човечки труд и уништување на природата.

Сакам да ја подигнам свеста и да ги инспирирам луѓето вистински да ја вреднуваат рачната изработка.

Тагови: креативност мода облека Ивона Спасовска

Промовирани огласи »

Најнови огласи за работа во Струга!

Погледнете ги сите отворени работни позиции во Струга!

Дали бараш нова работна можност во Струга? Без разлика дали си искусен професионалец или штотуку започнуваш со својата кариера, KARIERA.mk ти овозможува брзо и лесно да ја најдеш идеалната работа за тебе!

Работни позиции достапни во Струга, во моментов има различни можности за вработување, како што се:

Асистент на продажба - Струга
Касиери/ки - Струга
Продажен персонал - Струга
Персонал за работа - Струга
Фармацевтски техничар со уверение - Струга
Фармацевт со лиценца - Струга
Унапредувач на продажба (аранжер на роба) во Струга

Не чекај! Секој ден се објавуваат нови огласи, затоа следи ги редовно и аплицирај веднаш за да си обезбедиш работна позиција што одговара на твоите вештини и интереси.

Посети ја KARIERA.mk и започни ја твојата кариера во Струга денес!

Прочитајте и за: Најнови огласи за работа во Куманово!

Промовирани огласи »

Колку време поминуваме на телефон и дали тоа влијае на нашата продуктивност?

Вашиот телефон можеби знае повеќе за вашите навики отколку вие самите

Телефонот стана незаменлив дел од секојдневието  преку него работиме, комуницираме, се информираме и завршуваме голем број обврски. Но, границата помеѓу корисна алатка и навика која ни го одзема времето станува сè потенка. Многу луѓе несвесно поминуваат часови на социјалните мрежи, проверувајќи известувања или бесконечно скролајќи низ содржини.

Прекумерното користење на телефонот може да влијае врз концентрацијата, продуктивноста и квалитетот на одморот. Честото прекинување со нотификации го отежнува фокусирањето, а постојаното споредување со други луѓе на социјалните мрежи може да создаде дополнителен притисок и незадоволство. Особено кај младите, времето поминато онлајн често го заменува вистинскиот контакт и активностите надвор од дигиталниот свет.

Решението не е целосно откажување од технологијата, туку создавање поздрав однос со неа. Поставување граници, исклучување на непотребни известувања, паузи од екранот и свесно користење на времето онлајн можат да помогнат да ја вратиме контролата. Телефонот треба да биде алатка која ни го олеснува животот, а не нешто што управува со нашето време.

Тагови: комуникација социјални мрежи телефон

Промовирани огласи »

Долгото седење и работата во смени тивко го нарушуваат здравјето, предупредува лекар

Не само тешките професии носат ризик: продолженото седење, стоење и ноќните смени можат сериозно да го загрозат здравјето. Еве кои работници се најизложени и како да се заштитат.

Опасностите на работното место не се резервирани само за рудници и градилишта. Матичниот лекар д-р Амир Кан предупредува дека сè почесто гледа здравствени проблеми кај луѓе чии професии на прв поглед изгледаат безопасно. Продолженото седење, долготрајното стоење, возењето, повторувачките движења и работата во смени можат со текот на времето сериозно да му наштетат на телото, дури и кога работниците не прават ништо „погрешно“.

Меѓу најризичните групи се професионалните возачи, кај кои долгото седење го зголемува ризикот од болки во грбот, кардиоваскуларни и метаболички заболувања. Фризерите често се соочуваат со болки во вратот, рамената, грбот и стапалата поради постојано стоење и повторување на исти движења, додека медицинските сестри и негувателите се изложени на повреди на мускулите и зглобовите поради секојдневно подигање и поместување на пациенти. Канцелариските работници, пак, страдаат од прекумерно време пред екран, недостиг на движење и паузи, што влијае и на физичкото и на менталното здравје.

Особено загрижувачка е работата во смени, која го нарушува природниот ритам на спиење и будност и го зголемува ризикот од дебелина, дијабетес тип 2 и срцеви болести. Д-р Кан советува дека решението не е напуштање на работата, туку препознавање на нејзините специфични оптоварувања и навремена заштита: повеќе движење и истегнување за оние што седат, грижа за мускулите и зглобовите за оние што стојат, како и квалитетен сон за работниците во смени. Без разлика на професијата, редовните оброци, доволно течности и задолжителните паузи остануваат основа за зачувување на здравјето.

Тагови: здравје професии работно место

Вчитај повеќе вести...
барај огласи за вработување »