Марија Велковска и Candle Lab MK: Кога креативноста, љубовта и деталите создаваат нешто посебно

Зад секоја свеќа стојат приказна, љубов и многу креативност.

Како би се опишала Марија Велковска  надвор од светот на свеќите?

Надвор од светот на свеќите, би се опишала како личност која ги забележува малите нешта и ја пронаоѓа убавината во деталите. Сакам креативност, нови идеи и постојано откривање нешто ново. Сметам дека сум личност која сака да учи, да се надградува и да си поставува нови предизвици. За мене е важно она што го работам да има личен печат и да биде создадено со љубов и внимание.

Дали отсекогаш си била креативна или Candle Lab беше нешто што случајно го откри?

Креативноста отсекогаш била дел од мене, но Candle Lab беше еден вид откритие. Она што започна како љубопитност и желба да создадам нешто свое, постепено прерасна во вистинска страст.

Секако! Првата свеќа можеби не беше совршена, но за мене беше прекрасна и повеќе од доволна. Со текот на времето, секоја следна стануваше сè поубава, а јас сè посигурна во она што го создавам. Токму таа прва свеќа беше почеток на едно прекрасно и креативно патување наречено Candle Lab.

Кој беше најголемиот предизвик кога одлучи да го претвориш хобито во сопствен бренд?

Најголемиот предизвик беше да создадам сопствен идентитет и да понудам нешто што ќе биде препознатливо. Зад секој бренд стојат многу труд, учење, трпение и посветеност.

Како успеваш да ги усогласиш редовната работа, приватниот живот и времето потребно за изработка на свеќите?

Потребни се добра организација, посветеност, желба и многу љубов. Не секогаш е лесно, но бидејќи Candle Lab е нешто што навистина ме исполнува, секогаш се трудам да најдам време за да ја изразам мојата креативност.

Колку простор оставаш за експериментирање и колку често се случува првичната идеја да се промени во текот на изработката?

Експериментирањето е голем дел од мојата работа. Сакам да истражувам нови форми, бои и техники. Понекогаш најубавите идеи се раѓаат токму спонтано, во текот на самата изработка.

Што најчесто бараат купувачите  декоративен производ, убав мирис или подарок со лично значење?

Некои ги привлекува уникатниот изглед, други мирисот, а многумина бараат посебен подарок. Најубаво е кога еден производ успева да ги обедини сите три работи.

Колку Instagram ти помогна во градењето на брендот и пронаоѓањето на првите купувачи?

Instagram има голема улога во развојот на Candle Lab. Ми овозможи да ги претставам моите креации пред поширока публика, да комуницирам со купувачите и постепено да изградам препознатливост.

Што би сакала луѓето да почувствуваат кога ќе запалат свеќа од Candle Lab MK?

Пред сè, мир, топлина и спокој. Сакам моите свеќи да бидат дел од малите секојдневни моменти во кои човек може да забави, да ужива и да си посвети време себеси.

Како го замислуваш Candle Lab MK за три години? Дали размислуваш за нови производи, соработки или проширување на брендот?

Го замислувам како препознатлив бренд кој постојано се развива и нуди нешто ново. Веќе подготвувам нова идеја која во блиска иднина ќе го надмине концептот на мирис и декоративна естетика. Сакам да создадам нешто поинакво, во кое секој ќе може да ужива. Секако, отворена сум и за нови соработки и проширување на брендот.

Тагови: креативност свеќи Марија Велковска

Најнови огласи за работа во Штип!

Огласи за работа во Штип!

Денес ви ги издвојуваме најпосетуваните работни позиции во Штип на KARIERA.mk! Се надеваме дека ќе го најдете вашето идеално работно место меѓу нив. 

Штип градот на индустријата, образованието и традицијата, нуди многу можности за вработување во различни сектори. За да го пронајдете вашето идеално работно место во Штип, посетете го нашиот веб сервис KARIERA.mk и следете нè на нашите социјални мрежи, каде многу работодавци редовно објавуваат отворени позиции.

Моментално отворени позиции:

Унапредувач на продажба (Редач на роба) - Штип, Кочани, Пробиштип
Машински инженер
Продавач/Касиер (м/ж) - Штип
Оператори во call center - Штип

Се уште невработени? Не грижете се, сите останати работни места можете да ги најдете ТУКА.

Прочитајте и за: Најновите огласи за работа во Скопје!

Дали кафето наутро е добро за организмот?

Еве како влијае врз организмот!

Кафето наутро може да има позитивно влијание врз организмот бидејќи кофеинот ја стимулира активноста на централниот нервен систем, ја зголемува будноста, ја подобрува концентрацијата и привремено го намалува чувството на замор. Сепак, не постои научно потврдено правило дека кафето мора да се пие веднаш по будењето или дека треба да се чека еден до два часа.

Пиењето кафе на празен стомак кај повеќето луѓе не претставува проблем, но кај оние со чувствителен желудник може да предизвика киселини и непријатност. Според американската Агенција за храна и лекови (FDA), до 400 милиграми кофеин дневно генерално се сметаат за безбедна количина за повеќето здрави возрасни лица, иако толеранцијата е различна кај секого.

Важно е да се внимава и на времето на консумирање, бидејќи кофеинот може да влијае врз квалитетот на сонот и да го отежне заспивањето, особено ако се пие доцна во денот. Затоа, најдобро е кафето да се консумира умерено, да се избегнува во доцните попладневни часови и да се следи реакцијата на сопствениот организам.

Тагови: замор здравје кафе кофеин

AI филтрите отфрлаат и чесни апликанти што всушност ги исполнуваат условите за работа

Поплава од AI апликации: кога филтрите не ги препознаваат вистинските луѓе

Девет од десет работодавачи во САД веруваат дека одбиле вистински кандидати затоа што нивните апликации изгледале лажни или напишани со AI, покажува новото истражување на платформата за вработување Greenhouse.

Извештајот „2026 Future of Hiring Employer Report“ на Greenhouse, објавен на 19 ноември, се темели на анкета со 1.347 регрутери и менаџери за вработување од САД, Велика Британија, Ирска, Германија и Австралија. Главните бројки се однесуваат на 568 испитаници од САД, но и во Европа е слично: во Велика Британија и Ирска 89% од работодавачите мислат дека отфрлиле вистински кандидати, а 34% признаваат дека тоа им се случува често, пренесува People Management.

Проблемот оди во двете насоки

Дури 81% од работодавачите забележале кандидати што се обидуваат да ја заобиколат селекцијата: 49% наведуваат измислени вештини, а 28% скриен текст во CV-то, наменет за AI-алатките што ги читаат апликациите. Како одговор, 86% ги промениле процедурите, најчесто (57%) со дополнително интервју со човек, што го прави вработувањето уште поспоро. Во САД пополнувањето на едно работно место трае во просек 62 дена, 97% од апликациите никогаш не стигнуваат до разговор, а кандидатите во потесен избор чекаат 19 дена на првото интервју.

„Денес само три од 100 апликации стигнуваат до интервју, а додавањето уште човечки интервјуа не може да го затвори тој јаз“, вели Даниел Чејт, извршен директор и коосновач на Greenhouse. Тој како решение предлага гласовно AI-интервју за секој кандидат. Таква услуга нуди и самата компанија. Веќе 52% од американските работодавачи користат AI-интервјуа, а 73% ги користат или планираат да ги воведат во рок од една година.

Не се сите убедени. Дејвид Морел, основач на британската агенција Tiger Recruitment, вели дека за неговите 25 години во регрутирањето „ништо не ги променило апликациите толку брзо како AI“. Сајмон Родерик од Fram Search е категоричен: „Најдобрата селекција е кога човек разговара со човек.“

Истражувањето не ја опфаќа Македонија но истите алатки се достапни и тука

За работодавачите поуката е јасна: CV што „звучи како AI“ не значи автоматски лош кандидат. Краток телефонски разговор во раната фаза и прашања за конкретни примери од праксата откриваат повеќе од самиот текст. За кандидатите, AI нека биде помошник, а не автор. Проверете го секој ред, не наведувајте вештини што не ги поседувате и никогаш не криете текст во CV-то, затоа што работодавачите веќе го бараат, а тоа ја уништува довербата. Ажурирано и искрено CV, прилагодено на конкретниот оглас на Kariera.mk, и понатаму е најдобриот начин да стигнете до разговор.

Тагови: CV HR вештачка интелигенција вработување регрутирање лажни кандидати