Младите во Македонија го напуштаат родителскиот дом на просечна возраст од 30,7 години, што е значително над просекот на Европската Унија од 26,3 години, покажуваат најновите податоци на Евростат за 2025 година. Со тоа, земјава се вбројува меѓу државите каде младите најдолго остануваат да живеат со своите родители.
Според статистиката, најдоцна од родителскиот дом си заминуваат младите во Хрватска, каде просечната возраст изнесува 31,5 години, по што следуваат Грција и Словачка со по 30,9 години. Во регионот, младите во Србија остануваат со родителите до 30,1 година, во Босна и Херцеговина до 29,5, а во Бугарија до 27,9 години. Наспроти тоа, најрано се осамостојуваат младите во Финска, Данска, Естонија и Литванија.

Евростат посочува дека подолгото останување во родителскиот дом е поврзано со пониска вработеност кај младите. Во Македонија, стапката на вработеност кај лицата на возраст од 20 до 29 години во 2025 година изнесувала 50,2%, што е под просекот на ЕУ од 65,5%. Во земјите како Холандија, Данска, Германија и Шведска, каде младите порано се иселуваат, вработеноста е повисока, додека во Грција, Хрватска, Шпанија и Италија, каде се иселуваат подоцна, таа останува под европскиот просек.
Тагови: Евростат Македонија млади родител