„ISU-1 Гран при“: трка со столици по улици станува хит во Јапонија

Јапонци ја претворија канцелариската столица во спорт

Во Јапонија се одржува необична и забавна трка позната како „ISU-1 Гран при“, каде учесниците се натпреваруваат возејќи канцелариски столици по улици. Овој настан се организира во градот Киотанабе и привлекува голем број учесници кои, опремени со кациги и заштитна опрема, се натпреваруваат во тимови. Наместо класични возила, тие се оттурнуваат со нозете додека седат на столици со тркала

Трката трае два часа, а тимовите од по тројца членови се обидуваат да изминат што повеќе кругови на патека долга над 20 километри. Победниците најчесто достигнуваат дистанца од околу 20 до 25 километри. Иако изгледа како шега, учесниците сериозно се подготвуваат, тренираат редовно и развиваат стратегии за издржливост и координација.

Овој необичен спорт започнал во 2010 година и со текот на времето станал популарен низ Јапонија, со трки во повеќе градови. Освен забавниот карактер, организаторите велат дека настанот им помага на луѓето да се ослободат од стресот од напорната работна култура и да се вратат на детската радост. Главната награда обично е симболична – на пример, околу 90 килограми ориз.

Тагови: забава Јапонија канцелариски столчиња тим билдинг ISU-1 Гран при трка

Работа на празник: Колку треба да бидат платени вработените?

Проверете кои права ви следуваат

Кога државен празник се паѓа во ден што според распоредот е редовен работен ден, вработените имаат право на надоместок на плата, дури и кога не работат поради празникот. Ова право е регулирано со Законот за работните односи, кој предвидува исплата на надоместок за законски утврдените празници и неработни денови.

Надоместокот го исплаќа работодавачот, а неговата основица, по правило, се утврдува врз основа на просечната плата на работникот во последните 12 месеци. Доколку работникот во тој период не примал плата, се применува соодветната најниска основица согласно законските и колективните одредби.

Важно е да се знае дека правото на надоместок за празник не зависи од тоа дали работникот физички бил присутен на работното место, туку дали тој ден бил дел од неговата редовна работна обврска.

Додатоци за работа на празник: Колку се зголемува дневницата?

Работниците кои поради природата на работниот процес мора да работат и за време на државни празници имаат право на дополнително финансиско надоместување.

Според Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството, како и Општиот колективен договор за јавниот сектор, основниот додаток за работа на празник изнесува 50% за одработените часови.

За работник кој работи на празник што инаку би бил негов редовен работен ден, пресметката ги опфаќа:

  • Надоместокот на плата што му следува за празникот, кога не би работел.
  • Платата за реално одработените часови.
  • Дополнителен додаток од 50% за часовите поминати на работа за време на празникот.

Оттука, во соодветните случаи, вкупниот износ може да достигне 250% од основната дневница. Сепак, точната пресметка зависи од работниот распоред, основицата и применливиот колективен договор, па не треба секоја ситуација автоматски да се пресметува со ист процент.

Што ако празникот се падне во недела?

Доколку празникот се совпадне со недела, може да се активираат и дополнителни права за работа во недела, покрај додатокот за работа на празник.

Општиот колективен договор за јавниот сектор предвидува додаток од 50% за работа во недела, како и 50% за работа на празник, при што додатоците меѓусебно не се исклучуваат.

За одредени дејности, како трговијата, важат и посебни правила за работа во недела и на празници, со можност за повисоки додатоци.

Кои се правата на работниците?

Работниците имаат право да добијат правилна пресметка на платата и сите додатоци што им следуваат согласно закон, колективен договор и договорот за вработување.

Доколку работникот смета дека не му е исплатен соодветниот надоместок за работа на празник, може да побара објаснување од работодавачот или да се обрати до Државниот инспекторат за труд.

Познавањето на работничките права е важно за секој вработен затоа што секој одработен час треба да биде соодветно платен.

Тагови: Законот за работните односи пари празнична дневница работнички права

Втор говорник на Global HR Vision 2026: Надина Тирополис!

Регенеративно лидерство и HR трансформација

Во ера на постојани промени и непредвидливост, бизнис светот се соочува со клучно прашање: Како да изградиме организации кои не само што преживуваат, туку вистински напредуваат? Одговорот на ова прашање доаѓа со Надина Тирополис, визионер во областа на регенеративното лидерство и втор потврден говорник на претстојниот Global HR Vision 2026 во Скопје.

Од глобални гиганти до трансформативни промени

Патот на Надина е обележан со повеќе од 15 години искуство во врвот на светската бизнис елита. Работејќи за култни брендови како Gucci, adidas и Sephora, таа имаше уникатна можност да ги навигира комплексните стратешки иницијативи на повеќе меѓународни пазари. Ова искуство не е само листа на имиња во нејзиното портфолио, тоа е темелот врз кој таа ја изгради својата експертиза за тоа како функционираат големите системи и каде најчесто се појавуваат пукнатините во традиционалното управување.

Токму таа длабока инволвираност во корпоративниот свет ја доведе до клучниот увид: традиционалните модели на перформанс веќе не се доволни.

Денес, како основач на Dara Impact, Надина се фокусира на концептот на регенеративно лидерство. Наместо фокусирање исклучиво на екстракција на максимум од вработените (што често води до „burnout“ и стагнација), нејзиниот пристап се залага за создавање на „живи“ системи.

Нејзината работа е насочена кон лидери и организации кои сакаат да излезат од комфорната зона на краткорочните бројки и да изградат:

  • Долгорочна човечка и организациска отпорност: Способност за брзо закрепнување и адаптација по кризи.
  • Усогласување на вредностите: Креирање на средина каде личните вредности на вработените и целите на компанијата се во совршена симбиоза.
  • Култура на доверба: Трансформирање на работните места во простори каде психолошката безбедност е гориво за иновација.

Зошто нејзиното учество на Global HR Vision 2026 е клучно?

Присуството на Надина Тирополис на сцената во Скопје на 23 април е ретка можност за сите HR професионалци и бизнис лидери да се запознаат со методологии кои ги надминуваат стандардните обуки за менаџмент. Таа не нуди само теории, туку практични алатки за тоа како целта, довербата и врвните резултати да станат меѓусебно поврзани и самоодржливи.

Тагови: Global HR Vision HR трендови Nadina Tyropolis

„ChatGPT во иднина би се наплаќал како струјата и водата“ – Изјава на директорот на OpenAI

Се очекува дека во иднина таа ќе ни наметне уште една задолжителна месечна сметка

Гледаме иднина во која интелигенцијата е комунална услуга како струјата или водата, и луѓето ја купуваат од нас според потрошувачката и ја користат за што сакаат – вели Сем Алтман.

Во последниве неколку години ChatGPT станува неопходна алатка без која не можеме да си го замислиме секојдневниот живот. Вештачката Интелигенција ја користиме за сè и сешто – а се очекува дека во иднина таа ќе ни наметне уште една задолжителна месечна сметка.

Светските медиуми деновиве ја пренесуваат изјавата на извршниот директор на OpenAI Сем Алтман, кој на самитот за инфраструктура организиран од BlackRock во Вашингтон нагласи дека во моментов технолошките компании работат кон иднина во која интелигенцијата нема да биде слободна за користење како сега, туку ќе се испорачува „на барање“.

Со оглед на тоа што во денешно време сè повеќе сме зависни од Вештачката Интелигенција, јасно е дека во иднина тоа ќе ни носи уште една неопходна месечна сметка што ќе треба да ја подмируваме.

Гледаме иднина во која интелигенцијата е комунална услуга, рече извршниот директор на OpenAI.

Според него, во иднина сметката би изгледала како продавање на токени.

Гледаме иднина во која интелигенцијата е комунална услуга како струјата или водата, и луѓето ја купуваат од нас според потрошувачката и ја користат за што сакаат – додаде тој.

Тагови: ChatGPT OpenAI сметка