Што кога компанијата бара иницијатива но ги казнува грешките?

Зошто најдобрите идеи умираат уште пред да бидат предложени?

„Биди проактивен“, „Размислувај надвор од рамките“, „Не чекај некој да ти каже што да направиш“. Ова се реченици што често ги слушаме на работното место. Но, што се случува кога ќе покажете иницијатива, ќе предложите нешто поинакво или ќе преземете одговорност, а првата грешка ќе биде причина за критики и казни?

Во таква работна средина, вработените брзо учат една важна лекција: најбезбедно е да не прават ништо што не им е изрично наложено.

Кога грешките се казнуваат, иницијативата постепено исчезнува. Наместо да размислуваат како да ги подобрат процесите, вработените почнуваат да размислуваат како да избегнат вина. Не предлагаат нови решенија, не преземаат дополнителна одговорност и претпочитаат да побараат дозвола за секој чекор, дури и кога знаат што треба да направат.

Ако се препознавате во ваква работна средина, еве како можете да реагирате.

1. Разликувајте грешка од неодговорност

Не секоја грешка значи дека некој не си ја завршил работата добро. Понекогаш грешките се резултат на обид да се најде подобро решение, да се забрза процес или да се испроба нов пристап. Важно е да разберете дали станува збор за невнимание или за добронамерен обид што не дал резултат. Не дозволувајте секој неуспешен обид да ве обесхрабри.

2. Побарајте јасни граници на самостојност

Ако од вас се очекува да преземате иницијатива, разговарајте со претпоставениот за тоа до каде можете самостојно да носите одлуки. Прашајте кои одлуки можете да ги донесете сами, а за кои е потребно претходно одобрување. Така ќе избегнете недоразбирања и ќе знаете колкав простор за дејствување навистина имате.

3. Не престанувајте да предлагате, но документирајте ги идеите

Кога имате предлог, презентирајте го со јасно објаснување за очекуваните придобивки, можните ризици и потребните ресурси. Доколку идејата бара поголема промена, побарајте согласност пред да ја спроведете. На тој начин покажувате иницијатива, но и професионална одговорност.

4. Не преземајте одговорност за одлуки што не се ваши

Постои разлика меѓу преземање иницијатива и преземање туѓа одговорност. Ако предложите решение, а конечната одлука ја носи менаџерот, важно е тоа да биде јасно комуницирано. Не прифаќајте автоматски вина за исходот од одлука што не сте имале овластување самостојно да ја донесете.

5. Препознајте кога проблемот е во работната култура

Ако секој обид за нешто ново завршува со критики, а успехот се зема здраво за готово, можеби проблемот не е во вашиот пристап. Компаниите што навистина сакаат иницијативни вработени мора да создадат средина во која грешките се анализираат, а не автоматски се казнуваат. Во спротивно, ќе добијат тим што ги следи инструкциите, но ретко размислува самостојно.

На крајот, запомнете:

Не можете да очекувате од луѓето постојано да преземаат иницијатива ако секоја грешка ја доживуваат како закана за својата позиција. Иницијативата бара доверба, простор за самостојност и можност да се учи од неуспешните обиди.

Компанијата што сака вработени кои размислуваат самостојно мора да им дозволи понекогаш и да погрешат. Затоа што кога најголемата цел на вработениот е да не направи грешка, најчесто престанува и да се обидува да направи нешто подобро.

Прочитајте и за: Како да реагирате кога шефот ве споредува со колегите?

Тагови: совети за работа

HR трендови: Кога менаџерите потфрлаат HR и директорите си ја префрлаат топката

Сите сакаат добри менаџери, но никој не сака да преземе одговорност за нив!

Менаџерите се едни од најважните алки во секоја компанија, но колку навистина добро ја извршуваат својата работа? Одговорот очигледно зависи од тоа кого ќе прашате одделот за човечки ресурси или раководството на компанијата.

Ова несогласување отвора важно прашање за современите работни места: дали компаниите навистина имаат реална слика за квалитетот на своето менаџирање или постои јаз меѓу очекувањата и секојдневното искуство на вработените?

HR смета дека менаџерите се нејзина одговорност, а бизнис лидерите покажуваат кон врвното раководство

Истражување на компанијата Betterworks, спроведено меѓу 521 HR и бизнис лидери во САД и Велика Британија, открива интересна разлика во ставовите за тоа кој треба да биде одговорен за успешноста на менаџерите.

Иако двете групи во голема мера се согласуваат дека менаџерите добро ги извршуваат своите задачи, несогласувањето започнува кога треба да се одреди кој е одговорен за нивниот понатамошен развој и подобрување.

Според резултатите, 64% од HR лидерите сметаат дека токму одделот за човечки ресурси треба да ја има главната одговорност за успешноста на менаџерите. Сепак, само 32% од бизнис лидерите го делат тоа мислење. Мнозинството од нив, односно 62%, сметаат дека одговорноста треба да ја преземе највисокото раководство.

Интересно е што двете групи имаат речиси идентична оценка за моменталната успешност на менаџерите 83% од HR лидерите и исто толкав процент од бизнис лидерите ги оценуваат како ефикасни во постигнувањето на организациските цели.

Менаџерите добиваат сè повеќе одговорности

Истражувањето покажува дека улогата на менаџерите станува сè посложена. Дури 86% од испитаниците сметаат дека во последните три години способноста за водење низ промени и поддршка на вработените станала поважна. Дополнително, 85% ја истакнуваат важноста на развојот на вработените, а 82% велат дека работата со вештачка интелигенција станува сè поважен дел од менаџерската улога.

Но, проблемот не е секогаш во недостигот на знаење или обуки. Како најголеми пречки за успешна работа на менаџерите се издвојуваат постојаните промени (48%), премногу приоритети (40%) и недоволната подготвеност за работа со вештачка интелигенција (33%). Недостигот од менаџерски обуки е на последно место меѓу наведените пречки, со 25%.

Не е доволно само да се организира обука

Еден од поважните заклучоци е дека компаниите треба да им обезбедат на менаџерите постојана поддршка, а не само повремени обуки.

Податоците покажуваат дека во организациите каде што менаџерите добиваат поддршка во реално време или нивната успешност е поставена како стратешки приоритет, 92% од лидерите ги оценуваат како ефикасни. Кај компаниите што се потпираат на повремени обуки или ги оставаат менаџерите сами да се снаоѓаат, овој процент изнесува 76%.

Пораката е јасна: одговорноста за успешни менаџери не може да биде префрлена само на HR одделот. Потребни се усогласени очекувања, јасни приоритети и активна поддршка од највисокото раководство.

На крајот, добриот менаџер не се создава само со обука. Тој зависи и од работната средина, поддршката што ја добива и културата што ја гради самата компанија.

Прочитајте и за: HR трендови: Дали трудничките права се следни на удар? САД подготвуваат промени што можат да погодат милиони вработени жени

Тагови: HR трендови Велика Британија менаџирање на луѓе САД

Колку Македонци земаат плата над 50.000 денари? Бројките откриваат интересна слика

Новите бројки покажуваат дека иако просечната нето-плата се доближува до 50.000 денари, мнозинството вработени во Македонија сè уште заработуваат помалку од таа сума.

Речиси 20 проценти од вработените во Македонија примале плата повисока од 50.000 денари, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика за октомври 2025 година. Поточно, 19,9 проценти од вработените опфатени со статистиката биле во оваа категорија, додека околу 80 проценти земале месечни примања до овој износ.

Во меѓувреме, просечната нето-плата во земјава во август 2026 година изнесувала 48.733 денари. Иако овој просек се приближува до границата од 50.000 денари, распределбата на платите покажува дека повисоките примања и натаму не се реалност за најголемиот дел од работниците.

Треба да се има предвид дека станува збор за податоци од два различни периоди и тие не можат директно да се споредуваат. Сепак, бројките повторно го отвораат прашањето за животниот стандард во Македонија, особено во време на зголемени трошоци за храна, домување и секојдневни потреби.

Тагови: вработени Македонија плата

Нови е-налепници за возилата и глоби до 10.000 евра

Предложените законски измени носат електронски налепници, построги технички контроли и високи казни за возачите и компаниите.

Пратеници од владејачкото мнозинство предлагаат воведување нови електронски налепници за возилата, со кои на едно место ќе се проверуваат регистрацијата, техничкиот преглед и осигурувањето. Измените на Законот за возила веќе се во второ читање во собраниска комисија. Наместо досегашните зелени, жолти и црвени еколошки налепници, новата налепница ќе има единствен изглед, ќе ја издава МВР и ќе биде поврзана со Регистарот на возила, без јавно да се прикажуваат лични податоци.

Според предлогот, налепницата ќе мора да биде јасно видлива и неоштетена, а за нејзино отстранување, оштетување, преправање или користење на друго возило е предвидена глоба од 500 евра. Дополнително, сопствениците на возила ќе имаат обврска во рок од три дена да ги ажурираат телефонскиот број и е-адресата кај техничкиот преглед, во спротивно ќе плаќаат 100 евра казна. Во проширениот Регистар на возила ќе се внесуваат и километражата, техничките прегледи, сопственичките промени и податоците за осигурителните полиси.

Предлог-измените носат и построги контроли за техничките служби, па МВР ќе може да им забрани работа доколку утврди недостатоци и да им даде рок од 30 дена за нивно отстранување. Ако тоа не се случи, ќе следува одземање на овластувањето. За правните лица се предлагаат глоби од 50 до 10.000 евра, додека субјектите што нема да ги внесуваат задолжителните податоци во системот би се соочиле со казна од 5.000 евра. Со измените се предлага и категоријата L, која ги опфаќа мопедите и мотоциклите, да се отстрани од посебните постапки за утврдување сопственост и регистрација.

Тагови: казни Министерство за внатрешни работи (МВР)