HR трендови: Дали 2027 година ќе донесе нов бран отпуштања?

2027: Година на нови отпуштања?

Иако во текот на 2026 година бројот на отпуштања бележи пад во споредба со претходната година, изгледите за 2027 година не се толку оптимистички. Ново истражување покажува дека компаниите повторно се подготвуваат за намалување на бројот на вработени, а неизвесноста на пазарот на трудот продолжува да расте.

Според податоците на Challenger, Gray & Christmas, во првите десет месеци од 2026 година во САД биле најавени повеќе од 617.000 отпуштања, во споредба со речиси 1,1 милион во истиот период минатата година. Само во октомври, бројот на планирани отпуштања бил за 71% помал во однос на октомври 2025 година.

Сепак, намалувањето на отпуштањата не значи дека компаниите се подготвени за нови вработувања. Многу организации внимателно управуваат со постојниот број на вработени, а новите ангажирања најчесто се поврзани со привремени и сезонски потреби.

Речиси 70% од компаниите очекуваат отпуштања во 2027 година

Особено загрижувачки се резултатите од истражувањето на LHH, спроведено меѓу 600 директори за човечки ресурси и деловни лидери во американски компании. Дури 69% од испитаниците очекуваат намалување на бројот на вработени во текот на следната година. За споредба, пред две години вакво очекување имале нешто повеќе од една третина од испитаниците.

Ова покажува дека и покрај моменталното забавување на отпуштањата, компаниите сè уште се соочуваат со притисок да ги намалат трошоците, да ги преиспитаат организациските структури и да ја зголемат ефикасноста.

Отпуштањата не значат само губење на работното место, туку и помала финансиска поддршка

Уште еден интересен податок од истражувањето се однесува на финансиските надоместоци што компаниите им ги исплаќаат на вработените при прекин на работниот однос.

Во 2024 година, 76% од компаниите изјавиле дека ги прават своите политики за отпремнини и надоместоци поповолни за вработените. Во 2026 година, тој процент се намалил на 56%. Истовремено, 38% од компаниите изјавиле дека ги намалуваат овие поволности, што претставува значителен пораст во споредба со само 9% во 2024 година.

Како исклучок се издвојува компанијата Canva, која неодамна најави реструктурирање што ќе опфати околу 22% од нејзината глобална работна сила, односно повеќе од 1.200 вработени. На засегнатите вработени им понудила шестмесечна плата, здравствено осигурување за една година, професионално советување и поддршка за пронаоѓање нова работа.

Што значи ова за човечките ресурси?

Резултатите покажуваат дека улогата на HR секторите станува сè покомплексна. Од нив не се очекува само да ги спроведат одлуките за намалување на бројот на вработени, туку и да помогнат во зачувувањето на довербата, мотивацијата и стабилноста кај оние што остануваат во компанијата. Начинот на кој организациите се справуваат со отпуштањата директно влијае врз нивниот углед како работодавачи, односите со вработените и можноста во иднина да привлечат квалитетни кандидати.

Експертите посочуваат дека компаниите треба да размислуваат и за алтернативи пред да донесат одлука за отпуштање, како што се преквалификација, преместување на вработените на други работни позиции и доброволно заминување.

Едно е сигурно: 2027 година може да донесе нови предизвици за пазарот на трудот, а компаниите што ќе успеат да најдат рамнотежа меѓу финансиската ефикасност и грижата за вработените ќе имаат значајна предност.

Прочитај повеќе и за: Вештачката интелигенција ја менува платата и вработувањето во Европа: Кои работници ќе вредат повеќе на пазарот?

Тагови: HR трендови отпуштање отказ САД

Халк Банка, H&M, Аурора Турс и многу други вработуваат!

Огласи за работа во Халк Банка, H&M, Аурора Турс!

Денес ви ги издвојуваме најпосетуваните работни позиции од реномирани компании на KARIERA.mk, се надеваме дека ќе го најдете вашето идеално работно место меѓу нив.

ХАЛКБАНК е еден од најголемите и најсилни брендови на македонскиот финансиски пазар. Банката нуди широк асортиман на финансиски услуги, вклучувајќи персонално банкарство, кредитни картички, станбени кредити, потрошувачки кредити, штедење, бизнис кредити, како и платен промет во земјата и во странство.

Моментално вработува:

Референт во Одделение за управување со портфолио кредитен ризик

H&M е еден од водечките меѓународни модни брендови, познат по современа облека, обувки и модни додатоци за жени, мажи и деца. Брендот нуди разновидни модни колекции кои ги следат актуелните трендови, комбинирајќи стил, удобност и достапни цени. Со фокус на секојдневната мода и современиот начин на живот, H&M им овозможува на потрошувачите да го изразат својот личен стил во секоја пригода.

Моменталнои ваработува:

Советник за продажба со полно работно време - Diamond Mall

Аурора Турс повеќе од три децении е меѓу водечките туристички компании во Македонија и регионот. Низ годините изградивме репутација на професионалност, доверливост, сигурност и грижлив пристап за секој клиент, стекнувајќи ја довербата на илјадници патници.

Моментално вработува:

Сметководствено-административен соработник

Фитнес Хаус е специјализиран ресторан за здрава и фитнес исхрана во Скопје, основан во 2015 година со цел да понуди брза, но нутритивно избалансирана храна за луѓе со активен начин на живот.

Моментално вработува:

Салатер/ка - Слаткар /ка - Аеродром
Готвач/ка – Центар
Салатер/ка - Центар

Виола Аптеки се современа компанија чиј примарен фокус на работа е здравствената заштита на граѓаните.

Сите огласи од Виола Аптеки можете да ги најдете ТУКА.

Нептун е најголемата малопродажна и дистрибутивна мрежа на производи од бела техника, апарати за домаќинство, ТВ/Аудио/Видео, компјутери, телефони, фото апарати и камери, производи за нега и убавина, ладење и греење, во Македонијa.

Моментално вработува:

Референт за продажба во Куманово
Референт за продажба во Дебар

Компанијата А1 Македонија е член на Групацијата А1 Телеком Австрија, водечки провајдер за комуникациски и дигитални решенија во Централна и Источна Европа.

Сите огласи од А1 Македонија можете да ги најдете ТУКА.

АМСМ (Авто-мото сојуз на Македонија) е водечка национална организација во областа на мобилноста, безбедноста во сообраќајот и автомобилските услуги во Северна Македонија. Основан пред повеќе од седум децении, АМСМ е дел од меѓународната федерација FIA и активно придонесува кон унапредување на патната култура и заштитата на возачите и патниците.

Моментално вработува:

Осигурителен брокер во Подружница Скопје - Чаир
Механичар - база Скопје

B Watch 1920 е еден од најпрепознатливите брендови за продажба, дистрибуција и сервисирање на часовници и накит, со семејна традиција која датира од 1920 година. Со повеќе од еден век искуство, компанијата успешно ги следи светските трендови и на своите клиенти им нуди врвен избор на часовници, накит и модни додатоци од реномирани светски брендови.

Моментално вработува:

Aсистент за продажба Скопје Capitol Mall, Vero Jumbo, East Gate, City Mall, K Mall

Зегин ДОО е првата приватна компанија во Република С. Македонија регистрирана за продажба на лекови.

Сите огласи на Зегин можете да ги најдете ТУКА.

Се уште невработени?! Сите останати активни работни позиции можете да ги најдете ТУКА.

Љубовта и посветеноста го прават готвачот посебен - Дамјан Попоски

Како започнува кариерата на еден готвач? Дамјан Попоски ја споделува својата приказна

Кој е Дамјан Попоски, со што се занимава и како започна твојата приказна со готвењето?

По професија сум готвач, а во слободно време правам контент за мојот Инстаграм профил. Приказната со готвењето започна во еден бар во Куманово, каде што за првпат влегов во професионална кујна, стекнав многу убави искуства и таму започна моето учење.

Што е она што најмногу те исполнува во оваа работа?

Динамиката во работата, тимската работа, креативноста и можноста секојдневно да напредуваш и да учиш.

Колку е различно да работиш како готвач во професионална кујна и да ја преземеш целата одговорност за подготовка на јадење во природа?

Поради честото готвење во природа, веќе и не гледам разлика, но секако, на почетокот ми беше доста различно. Струјата е заменета со оган, немаш садопер при рака, ниту алатки кои би ти биле од помош. Но, сепак, готвењето во природа за мене е специјално.

Колку е важно постојаното учење во кулинарството и од каде најчесто црпиш инспирација за нови рецепти?

Премногу е важно, дури тоа е и најбитната работа. Јас гледам да учам што е можно повеќе и да црпам инспирација од сè. Следам доста поискусни готвачи, користам литература и, секако, достапноста на интернетот многу ми помага. Многу сакам да разговарам за готвење и, секако, да прифаќам критики или совети.

Дали некогаш си се соочил со критики или негативни коментари и како ги прифаќаш како креатор на содржина?

Досега мислам дека немало коментар кој толку многу ме погодил, но секако дека и тие се дел од оваа професија. Обично ги читам критиките и, секако, доколку можам, се трудам да применам нешто од нив.

Готвењето бара креативност, но и многу трпение. Која е најважната вештина што треба да ја поседува еден добар готвач?

Според мене, потребно е да се пристапи со многу љубов кон професијата. Техниките можат да се научат, рецептите да се совладаат, но љубовта, посветеноста и желбата постојано да се создава нешто ново се она што го прави еден готвач навистина посебен.

Кои се твоите следни професионални цели?

Во овој период приоритет ми е профилот и вложуваме во нови идеи. Со екипата подготвуваме доста интересни видеа кои би сакал да ѝ ги посветам на македонската кујна. Воедно, би сакал и да ги поканам сите кои сакаат да се вклучат, да учествуваат и да нè поддржат во креирањето содржина.

За крај, каков совет би им дал на младите кои имаат талент или интерес за нешто, но сè уште немаат храброст да го претворат во своја професија?

Мојот совет е да веруваат во себе и да не се плашат да го следат она што го сакаат. Да учат и да вложуваат во себе секој ден. Не дозволувајте стравот да биде посилен од вашата желба за успех.

Тагови: кујна храна кулинарство Дамјан Попоски

Како да престанете да го проверувате службениот телефон кога сте на одмор?

Шефот не ве бара, но вие сами проверувате дали има пораки? Дали се препознавате!?

Замислете дека конечно сте на одмор. Ги оставивте работните обврски зад себе, планиравте да се одморите и да поминете време со блиските. Но, по само неколку часа, раката повторно посегнува по телефонот. Само да проверите дали има нов мејл, дали шефот испратил порака или дали некој колега има потреба од помош.

Една проверка станува пет, а одморот полека се претвора во продолжение на работната недела. Иако можеби мислите дека со проверувањето на службениот телефон покажувате одговорност и посветеност, постојаната достапност може да ве спречи навистина да се одморите. Одморот не е само отсуство од канцеларија, туку време во кое треба да се оддалечите и од работниот притисок.

Како да ја прекинете оваа навика и конечно да уживате во слободните денови?

1. Подгответе се пред да заминете на одмор

Една од причините поради кои постојано го проверувате телефонот е стравот дека нешто ќе тргне наопаку додека сте отсутни.

За да го намалите тој притисок, пред заминување направете краток преглед на тековните обврски. Завршете ги задачите што имаат кратки рокови, информирајте ги колегите за отворените прашања и договорете кој ќе ги преземе итните обврски во ваше отсуство.

Кога знаете дека работата е организирана и дека постои лице кое може да реагира доколку е потребно, ќе имате помалку причини да се враќате на службените пораки.

2. Поставете автоматски одговор на службената е-пошта

Известете ги клиентите, колегите и соработниците дека сте на одмор и наведете кога повторно ќе бидете достапни.

Во автоматскиот одговор можете да оставите контакт од колега кој ќе ги преземе итните барања. На тој начин, другите ќе знаат кому да се обратат, а вие нема да чувствувате дека секоја порака мора да стигне до вас.

Важно е однапред да ги известите и луѓето со кои редовно соработувате, за да нема непотребни очекувања дека ќе одговорите веднаш.

3. Исклучете ги известувањата од работните апликации

Звукот на нова порака или известувањето за пристигнат мејл може да ве натера веднаш да го земете телефонот, дури и кога немате намера да работите.

Исклучете ги известувањата од службената е-пошта, апликациите за комуникација и другите работни платформи. Доколку користите ист телефон за приватни и службени потреби, можете привремено да ги исклучите само работните апликации или да активирате режим за фокусирање.

Најважно е да не дозволите работните известувања постојано да ви го прекинуваат одморот.

4. Не проверувајте го телефонот „само за пет минути“

Ова е една од најчестите замки. Си велите дека ќе проверите само дали има нешто итно, но потоа читате мејл, одговарате на порака и размислувате за проблем што воопшто не сте требале да го решавате додека сте на одмор.

Поставете си јасно правило: ако сте на одмор, не ги проверувате работните канали без конкретна причина и претходен договор.

Ако навистина постои потреба да бидете достапни за одредена итна ситуација, договорете однапред што се смета за итно и како ќе бидете контактирани. Тоа е различно од постојаното следење на сите работни активности.

5. Престанете да чувствувате вина затоа што не сте достапни

Многу вработени го проверуваат службениот телефон затоа што се плашат дека ќе изгледаат неодговорно, дека ќе пропуштат важна информација или дека колегите ќе помислат дека не им е грижа за работата.

Но, користењето на одморот не е неодговорност. Тоа е дел од нормалното функционирање на работниот однос.

Не мора да бидете достапни 24 часа дневно за да докажете дека сте посветени на работата. Одговорноста подразбира и правилно организирање на обврските пред отсуството, како и доверба дека тимот може да функционира додека сте отсутни.

6. Заменете ја навиката со нешто што навистина ве опушта

Ако сте навикнати постојано да го земате телефонот, на почетокот можеби ќе ви биде необично да не проверувате што се случува на работа.

Затоа, обидете се свесно да ја замените таа навика. Кога ќе посегнете по телефонот, оставете го настрана и направете нешто друго: прошетајте, прочитајте книга, разговарајте со блиските или едноставно уживајте во моментот.

Можете и да го оставите службениот телефон во хотелската соба или во друга просторија, наместо постојано да го носите со себе.

7. Разговарајте со претпоставениот ако се очекува да бидете достапни и на одмор

Понекогаш проблемот не е само во личната навика, туку и во работната култура. Ако добивате пораки, повици и задачи иако сте на одмор, можеби е потребно да разговарате со претпоставениот за очекувањата во однос на достапноста.

Објаснете дека сакате да се одморите, но и дека сте подготвиле начин работните обврски да продолжат без прекин. Доколку постојат специфични ситуации во кои навистина е потребна ваша помош, договорете јасни правила за тоа.

Одмор во кој постојано сте на располагање за работата тешко може да се нарече вистински одмор.

Вашиот одмор не треба да има работно време

Постојаното проверување на службениот телефон може да создаде чувство дека никогаш не сте целосно отсутни од работата. Дури и кога сте далеку од канцеларијата, мислите ви остануваат кај роковите, задачите и проблемите што ве чекаат.

Запомнете дека одморот не е награда што треба да ја заслужите со постојана достапност. Тој е време за одмор, приватен живот и обновување на енергијата.

Следниот пат кога ќе посегнете по службениот телефон, запрашајте се: Дали навистина има нешто што не може да почека или само проверувам од навика? Можеби токму тоа прашање ќе ви помогне конечно да го оставите телефонот и да уживате во одморот.

Прочитајте и за: Што да направите кога работата од дома ви ја нарушува границата меѓу приватниот и професионалниот живот?

Тагови: совети за работа