Во втората епизода на подкастот „НА КАДЕ ОДИМЕ?“ наша гостинка е Марина Јаневска, специјалист за човечки ресурси и правни работи, со која разговараме за промените во работната култура, очекувањата на новите генерации, односот меѓу вработените и работодавачите и предизвиците со кои се соочуваат HR професионалците денес.
Работниот однос не се сведува само на плата и работни обврски. Довербата, добрата комуникација, можностите за развој и чувството дека трудот е препознаен се фактори што влијаат врз тоа дали еден вработен ќе одлучи да остане или да побара нова можност.
Со 12-годишно професионално искуство, Марина Јаневска, која работи во Жан Митрев Клиника, споделува свои искуства и ставови за тоа како изгледа HR однатре и колку е важна неговата улога во градењето здрава работна средина.
Во разговорот отвораме прашања за тоа зошто вработените ја напуштаат компанијата дури и кога имаат добра плата, дали HR навистина е на страната на вработените кога нивните интереси се судираат со интересите на работодавачите и како Генерацијата Z ги менува досегашните правила на работното место.
Разговараме и за најчестите грешки на кандидатите при интервју за работа, преговорите за плата, разликата меѓу добар работник и добар менаџер, како и предизвиците во управувањето со човечки ресурси во здравствениот сектор.
Погледнете ја втората епизода на „На Каде Одиме?“ и слушнете ја перспективата на Марина Јаневска за работната култура, професионалниот развој и односите меѓу вработените и работодавачите.
Тагови: HR HR трендови НА КАДЕ ОДИМЕ Марина Јаневска