Стефани Стојаноска Наумческа: Уметноста е начин да ги пренесам чувствата што не можам да ги кажам со зборови

Кога срцето и душата се претвораат во уметност – запознајте ја Стефани и нејзиното творештво.

Која е Стефани Стојаноска Наумческа, што ве исполнува надвор од уметноста и како би се опишале себеси како личност и уметник?

Јас сум Стефани Стојаноска Наумческа, родена на 17.08.1996 година во Гостивар и имам 30 години. Пред сè, сум човек кој верува дека со доволно љубов, труд и упорност може да се стигне до целта. Би се опишала како емотивна, истрајна и искрена личност. Не се откажувам лесно, дури и кога патот е тежок.

Надвор од уметноста ме исполнуваат семејството, луѓето што ги сакам, патувањата, прошетките и едноставните моменти од секојдневието. Но, мислам дека уметноста секогаш е некаде присутна во мене. Дури и кога не сум пред платно, размислувам, набљудувам и барам инспирација.

Стефани, како започна вашата љубов кон уметноста и кога сфативте дека сликањето ќе стане дел од вашиот живот?

Љубовта кон уметноста започна уште кога имав шест години. Тогаш веројатно не знаев дека еден ден сликањето ќе стане толку важен дел од мојот живот. Само сакав да цртам.

Со годините таа детска љубов прерасна во нешто многу поголемо. Почнав да сфаќам дека преку платното можам да кажам нешта што понекогаш не можам да ги кажам со зборови.

Како би го опишале вашиот уметнички стил и што најчесто сакате да пренесете преку вашите дела?

Денес, по толку години работа, можам слободно да кажам дека сликањето е дел од мојот карактер и од мојот живот.

Мојата уметност не сакам да ја ставам во една рамка. Работам портрети, апстрактни дела и експериментирам со различни техники и материјали. Можеби токму тоа најмногу ме опишува  желбата постојано да истражувам нешто ново.

Преку делата сакам да пренесам емоција. Сакам човекот што ќе застане пред мојата слика да почувствува нешто, без разлика дали е мир, љубов, тага, сила или надеж. За мене една слика е успешна кога ќе успее да допре до некого.

Особено интересни се вашите слики создадени со кафе. Како дојдовте до оваа необична техника и што ја прави посебна?

Кафето го доживеав како уште еден начин да експериментирам со уметноста. Сакав да видам што може да се создаде со материјал кој не е класична боја, а сепак има прекрасни природни тонови. Мене ме привлекува неговата топлина и начинот на кој остава различни нијанси и траги. Никогаш не можеш целосно да го контролираш резултатот, а токму тоа ми е интересно. Понекогаш комбинирам кафе со акрилни бои и така добивам сосема поинаков ефект.

Вашето творештво опфаќа портрети, апстрактни дела и различни техники. Каде најмногу ја пронаоѓате својата креативна слобода?

Сакам да покажам дека уметноста може да се најде и во нешта што ги гледаме секој ден.

Најголема слобода чувствувам кога не размислувам дали нешто е „правилно“ или „погрешно“. Кога сликам апстракција, дозволувам чувството да ме води. Кај портретите, пак, има друга одговорност сакам да ја пренесам личноста, погледот и емоцијата.

Ме привлекува експериментирањето. Работам со акрил, масло, графика, туш, сув пастел, кафе, а понекогаш и вино. Не сакам да останам само на една техника. Сакам постојано да учам и да откривам нешто ново.

Колку време е потребно за создавање едно уметничко дело и што ви претставува најголем предизвик во процесот?

Нема точно правило. Некое дело може да биде создадено за неколку часа, а на друго можам да работам со денови. Понекогаш платното едноставно не ми дозволува да застанам додека не го почувствувам како завршено. Најголемиот предизвик е да го пренесам она што го имам во себе. Можам да имам јасна замисла, но кога ќе започнам да сликам, делото може да тргне во сосема друга насока. И токму тогаш настануваат најинтересните моменти.

Досега сте имале изложби и претставувања во Македонија и Италија. Кое искуство ви оставило најсилен впечаток?

Секоја изложба има своја приказна и своја емоција. Првата самостојна изложба „Бесконечна надеж“ во Гостивар беше посебна затоа што беше остварување на еден голем сон.

Но, многу силно искуство за мене беше и претставувањето во Италија. Да ја видам мојата уметност надвор од Македонија, пред публика која не ме познава лично, беше огромна мотивација. Самостојната изложба „Arte dell’anima“ во Ровиго ми покажа дека уметноста навистина нема граници.

Особено ми значи кога ќе слушнам дека некое мое дело некому му се допаднало, го допрело или дека денес живее во нечиј дом или институција. Тогаш чувствувам дека мојата работа продолжува да живее и надвор од мене.

Колку е тешко за еден уметник од Македонија да го претстави своето творештво надвор од границите на државата?

Не е лесно. Потребни се многу труд, истрајност, храброст и верба во себе. Понекогаш најтешкиот дел не е самото сликање, туку да најдеш можност некој да ја види твојата работа. Но, јас верувам дека ако навистина го сакаш тоа што го работиш, не треба да се откажеш. Секое отворање на врата е нова можност. За мене е огромна чест што моите дела од Македонија стигнаа до Италија и што имам можност да продолжам да ја претставувам нашата уметност и надвор од границите. И токму затоа со голема возбуда ја подготвувам мојата нова самостојна изложба „Срце и душа на платно“, која ќе се одржи на 20 ноември во Центарот за култура „Кочо Рацин“ во Кичево. Оваа изложба за мене не е само уште една изложба. Во неа има дел од мојата досегашна работа, но и многу ново  мојата сегашна енергија, искуствата што ги стекнав и желбата да продолжам понатаму. Ќе бидат претставени дела во кои повторно ги спојувам моите најголеми љубови  портретот, апстракцијата, боите и експериментирањето со необични техники.

На 20 ноември ја подготвувате самостојната изложба „Срце и душа на платно“. Што се крие зад името и какви дела ќе имаат можност да видат посетителите?

„Срце и душа на платно“ е токму она што сакам да го оставам зад себе како уметник  не само слики, туку чувства, приказни и трага. На изложбата ќе бидат претставени околу 30 дела, меѓу кои апстрактни дела и портрети на девојки со кафе. Оваа изложба за мене е уште еден важен чекор во моето уметничко патување. Особено ми значи што моите дела беа дел од групни изложби во Ровиго и Падова, како и од меѓународни уметнички проекти. Секое од овие претставувања за мене е доказ дека уметноста може да ги премине границите и да создаде врска меѓу луѓето и различните култури. Насловот „Срце и душа на платно“ има многу лично значење за мене. Секоја слика што ја создавам носи дел од мојата душа, моите чувства, мисли и моменти од животот. Не сакав изложбата да има само убав наслов, туку име што навистина ќе ја отсликува мојата уметност.

Дали зад секоја ваша слика стои лична приказна, емоција или инспирација?

Верувам дека зад секоја слика стои барем едно чувство. Не мора секогаш да биде конкретна лична приказна, но секогаш постои некаква емоција или момент што ме поттикнал да започнам да создавам.

Понекогаш инспирацијата доаѓа од луѓето, понекогаш од природата, од нечиј поглед, од музика или од сосема обичен момент. Има слики во кои внесувам дел од себе, а има и такви во кои оставам простор секој човек да ја создаде сопствената приказна.

За мене најубаво е кога некој ќе застане пред моја слика и ќе ја доживее на начин на кој јас можеби воопшто не сум го замислила. Тогаш уметноста добива нов живот.

Кои се вашите идни планови и дали подготвувате нови изложби или уметнички проекти?

Не сакам да застанам на она што досега сум го постигнала. Имам многу идеи, нови мотиви и техники што сакам да ги истражам. Верувам дека најубавите уметнички приказни допрва доаѓаат.

Тагови: креативност сликање уметност Стефани Стојаноска Наумческа

11/11 – ден на желбите и новите почетоци: Зошто 11 ноември има посебна симболика?

За многумина 11 ноември е повеќе од обичен датум – симбол на желби, интуиција и нов почеток. Еве зошто 11/11 се смета за посебен и како можете да го искористите како личен поттик за промена.

Денешниот датум 11/11 за многумина носи посебна симболика и се поврзува со желби, нови почетоци и позитивни промени. Во нумерологијата, бројот 11 се смета за „мајсторски број“ кој се врзува со интуиција, инспирација и духовно будење, додека бројот 1 традиционално симболизира храброст, самостојност и нов старт. Токму затоа, повторувањето на единиците во 11/11 често се толкува како засилен момент за преиспитување на сопствените цели и насоката во која сакаме да продолжиме.

Популарното верување дека во 11:11 треба да се замисли желба со години е дел од секојдневната култура и социјалните мрежи. Според духовните толкувања, овој момент е потсетник да обрнеме внимание на своите мисли и желби, иако научни докази дека датумот има посебна моќ не постојат. Психолозите, пак, честото забележување на бројот 11:11 го објаснуваат со селективно внимание – кога нешто ни е важно, почнуваме почесто да го забележуваме.

Без разлика дали верувате во нумерологија или не, 11 ноември може да биде добар повод за личен ресет. Наместо само да посакате нешто, експертите за личен развој советуваат да запишете неколку јасни цели, да размислите што сакате да оставите зад себе и да направите мал конкретен чекор уште денес. Бидејќи, иако ниту еден датум сам по себе не го менува животот, понекогаш токму еден симболичен момент е доволен за да го направиме првиот вистински почеток.

Тагови: ноември нумерологија

Што да направите кога работата од дома ви ја нарушува границата меѓу приватниот и професионалниот живот?

Работите од кревет, ручате пред компјутер и сте достапни 24/7?

Работата од дома има многу предности: нема губење време во сообраќај, можете да го организирате денот пофлексибилно и имате повеќе време за себе и за семејството. Но, кога канцеларијата ќе се пресели во вашиот дом, може да се појави проблем што на почетокот изгледа незабележливо работата почнува да го зазема и времето што треба да биде ваше.

Одговарате на мејлови додека појадувате, проверувате пораки по завршувањето на работното време, го одложувате одморот за да завршите уште една задача, а лаптопот останува отворен и навечер. Со текот на времето, станува сè потешко да направите разлика меѓу работниот и приватниот живот.

Ако ова ви звучи познато, важно е да знаете дека флексибилноста не треба да значи постојана достапност. Еве како да поставите поздрави граници кога работите од дома.

1. Одредете точно работно време

Една од најголемите предности на работата од дома е флексибилноста, но без јасна организација таа лесно може да се претвори во работа без крај. Одредете во колку часот започнувате и кога го завршувате работниот ден. Обидете се да го почитувате тој распоред исто како да работите во канцеларија.

Ако имате потреба повремено да работите надвор од вообичаеното време, направете го тоа свесно, а не затоа што секогаш сте достапни.

2. Создадете простор наменет за работа

Кога работите од трпезариската маса, каучот или креветот, домот лесно станува продолжение на канцеларијата. Дури и ако немате посебна работна соба, обидете се да одредите едно место што ќе го користите првенствено за работа. На крајот од денот, тргнете ги лаптопот, документите и работните материјали. Овој едноставен ритуал може да ви помогне полесно да направите психолошка граница меѓу работните обврски и слободното време.

3. Не одговарајте на секоја порака веднаш

Работата од дома понекогаш создава впечаток дека сте достапни во секој момент. Бидејќи сте пред компјутер, колегите може да очекуваат брз одговор, дури и кога работниот ден ви е завршен. Поставете јасни очекувања за вашата достапност. Известете ги колегите кога сте онлајн, кога сте на пауза и кога го завршувате работниот ден.

Не мора секоја порака да добие одговор веднаш. Доколку не станува збор за навистина итна ситуација, одговорот може да почека до следниот работен ден.

4. Правете паузи како да сте во канцеларија

Кога работите од дома, лесно е да заборавите да станете од столот, да ручате или да направите кратка прошетка. Понекогаш дури и паузата ја поминувате пред екранот, одговарајќи на пораки или проверувајќи задачи. Внесете кратки паузи во распоредот. Оддалечете се од работното место, подгответе кафе, прошетајте или разговарајте со некого од семејството.

Паузата не е губење време, туку начин да ја зачувате концентрацијата и енергијата во текот на денот.

5. Научете да кажете кога имате премногу обврски

Кога сте дома, понекогаш може да изгледа дека имате повеќе време и дека можете да преземете дополнителни задачи. Но, тоа не значи дека работниот капацитет ви е неограничен. Ако постојано добивате нови обврски, разговарајте со претпоставениот за приоритетите и роковите. Наместо да прифаќате сè и потоа да работите до доцна, објаснете што реално можете да завршите во текот на работниот ден.

На пример: „Можам да ја преземам и оваа задача, но тогаш ќе треба да го поместиме рокот за претходната. Која ви е поважна?“

6. Не дозволувајте домашните обврски да го преземат работниот ден

Границите не треба да постојат само меѓу работата и приватниот живот во корист на работата. Тие важат во двете насоки. Бидејќи сте дома, може да се случи постојано да прекинувате со работа за да завршите домашни обврски, да одите до продавница или да се занимавате со други активности. Потоа, за да го надоместите изгубеното време, продолжувате да работите навечер.

Обидете се да ги организирате домашните обврски надвор од работното време или во однапред испланирани паузи. Така нема постојано да имате чувство дека сте помеѓу две работи, а ниту една не ја завршувате целосно.

7. Направете ритуал за завршување на работниот ден

Кога излегувате од канцеларија, физички ја напуштате работната средина. Кога работите од дома, тој момент мора сами да го создадете. На крајот од денот, проверете ги завршените задачи, запишете што треба да направите утре, затворете ги работните апликации и исклучете ги известувањата.

Потоа направете нешто што ќе ви помогне да се префрлите во приватниот дел од денот прошетка, вежбање, подготовка на вечера или време поминато со блиските.

Работата од дома треба да ви го олесни животот, а не да го заземе целиот

Флексибилноста е една од најголемите предности на работењето од дома, но таа има смисла само ако ви овозможува подобра рамнотежа, а не постојана достапност.

Не мора да бидете онлајн во секој момент за да бидете добар и одговорен вработен. Не мора да одговарате на секоја порака веднаш, ниту да го продолжувате работниот ден само затоа што компјутерот ви е на неколку чекори оддалечен.

Запомнете: домот треба да остане место за одмор, семејство и приватен живот, а не канцеларија во која никогаш не завршува работното време.

Прочитајте повеќе и за: Што да направите кога секоја грешка на работа ја доживувате како личен неуспех?

Тагови: совети за работа

Од 48.733 до 100.000 денари: ИТ убедливо води по плати во Македонија

Новите податоци покажуваат големи разлики во заработувачката: ИТ секторот е на врвот, финансии, здравство и градежништво растат, додека текстилот и дел од угостителството остануваат на дното.

Просечната нето-плата во Македонија достигна 48.733 денари, но зад оваа бројка стојат значителни разлики меѓу секторите. Според најновите податоци на Државниот завод за статистика, ИТ секторот, особено компјутерското програмирање и консултантските услуги, останува најплатена дејност, со месечни примања што се движат меѓу 95.000 и 100.000 денари. Високите приходи се должат на големата побарувачка за специјализирани кадри, работата со странски клиенти и вклученоста на домашните компании на меѓународниот технолошки пазар.

Над државниот просек се и банкарството, осигурувањето и дел од стручните услуги, каде платите најчесто се движат меѓу 55.000 и 65.000 денари. Раст бележат и градежништвото, здравството и фармацијата, поттикнати од недостиг на квалификувани работници и потребата од задржување на стручниот кадар. Во градежниот сектор, особено се барани мајстори и искусни работници, додека во здравството платите се под притисок поради одливот на медицински персонал во странство.

На спротивниот крај остануваат текстилната индустрија и дел од угостителството, каде примањата и понатаму се блиску до минималната плата и значително под државниот просек. Податокот за просечна плата, сепак, не ја отсликува целосно реалноста, бидејќи високите примања во најплатените сектори го креваат вкупниот просек. Пазарот на труд сè повеќе ги наградува специјализираните знаења и дефицитарните вештини, но големите разлики меѓу секторите остануваат сериозен предизвик за животниот стандард на вработените во земјата.

Тагови: ИТ сектор Македонија просечна плата