Промовирани огласи »

Финансиски директор доби 118.000 фунти по спор за бонус судот утврди дека отказот бил прикриен како технолошки вишок

Барал поголем бонус, па добил отказ сега компанијата треба да му плати 118.000 фунти!

Спорот околу бонусот завршил со отказ, но и со судска пресуда според која прогласувањето на позицијата за технолошки вишок било само изговор. Еден финансиски директор во Обединетото Кралство доби 118.223 фунти отштета, откако работниот трибунал утврдил дека бил неправедно отпуштен по несогласување со својот работодавач околу висината на бонусот.

Случајот се однесува на Andrew Blyth, финансиски директор во Clockwork Group Holdings, кој имал шестцифрена годишна плата и годишен бонус.

Сè започнало со спор околу бонусот

Во ноември 2025 година, Blyth испратил е-пошта до сопственикот на компанијата, Courtenay Morison, во која се пожалил на начинот на кој бил пресметан неговиот бонус и побарал негово зголемување.

Работодавачот не се согласил со неговото барање. Неколку дена подоцна му напишал дека станува „незадоволен и вознемирен од неговиот став“ и му сугерирал сериозно да размисли за својата позиција.

Само шест дена подоцна, Blyth бил повикан на состанок кој траел околу пет минути. Таму му било кажано дека неговата позиција се укинува поради намалување на трошоците, а отказот стапил во сила веднаш.

Клучниот момент се случил само неколку часа пред отказот

Случајот добил поинаков тек откако Blyth побарал пристап до своите лични податоци.

Преку документите добиени со таквото барање било откриено дека само неколку часа пред состанокот, Morison пребарувал на интернет „legitimate reasons for director redundancy“, односно „легитимни причини за технолошки вишок на директор“.

Пребарувањето потоа било проследено до HR-менаџерот, кој му дал насоки што да каже и што да не каже на состанокот, како и писмо за отказ. Ова било особено важно бидејќи работодавачот пред трибуналот тврдел дека за укинувањето на позицијата размислувал со месеци. Сепак, трибуналот не го прифатил тоа објаснување.

Судот: „Отказот бил прикриен како технолошки вишок“

Работниот трибунал во Единбург заклучил дека вистинската причина за отказот не била реална потреба од укинување на работното место.

Судијата McCluskey утврдил дека работодавачот бил незадоволен и вознемирен поради ставот на Blyth дека бонусот бил неправедно пресметан и дека требало да биде зголемен.

Трибуналот оценил дека причината за отказот била поврзана со несогласувањето околу бонусот, додека образложението за технолошки вишок било „sham“, односно неавтентично образложение.

Дополнително, судот посочил дека немало документирани докази дека укинувањето на позицијата или намалувањето на трошоците било разгледувано претходно. Отсуството на предупредување и консултација исто така било земено предвид.

Компанијата ќе треба да плати повеќе од 118.000 фунти

Blyth бил обештетен со вкупно 118.223 фунти, што го претставува максималниот компензаторен износ применлив за неправеден отказ во овој случај.

Во сумата биле вклучени 94.633 фунти за загубена заработка во минатото и иднината, а износот дополнително бил зголемен за 25 проценти поради прекршување на релевантниот ACAS код за дисциплински и жалбени постапки.

Што можат да научат HR тимовите од овој случај?

Случајот е уште еден пример дека начинот на кој се носи одлуката за отказ може да биде подеднакво важен како и самата одлука.

За HR професионалците, неколку лекции се особено важни:

  • Причината за отказ мора да биде реална и документирана. Ако компанијата се повикува на укинување на работното место, треба да постојат докази дека навистина постоела таква деловна потреба.
  • Консултацијата не треба да биде само формалност. Ненадеен отказ без претходна комуникација може да отвори дополнителни правни ризици.
  • Несогласувањето со вработен не треба автоматски да се претвора во отказ. Особено кога станува збор за прашања поврзани со плата, бонуси или услови за работа.
  • Внатрешната комуникација може да стане доказ. Е-пошта, пораки, документи и други записи можат да бидат предмет на проверка во евентуален работен спор.
  • HR треба да биде независен глас во процесот. Неговата улога не е само да подготви документи за веќе донесена одлука, туку да помогне процесот да биде фер, транспарентен и усогласен со правилата.

Случајот на Blyth покажува колку брзо несогласување околу компензација може да прерасне во сериозен работен спор особено кога начинот на кој е спроведен отказот остава сомнеж за вистинската причина зад одлуката.

Прочитајте и за: HR тренд: Млади лица со попреченост ќе добијат целосно финансирани работни места

Тагови: HR трендови

Промовирани огласи »

Лидл, Макпетрол, Полиестердеј и многу други вработуваат!

Огласи за работа во Лидл, Макпетрол, Полиестердеј!

Денес ви ги издвојуваме најпосетуваните работни позиции од реномирани компании на KARIERA.mk, се надеваме дека ќе го најдете вашето идеално работно место меѓу нив.

Стокомак е ланец на дисконти продавници кој работи по концептот хард-дисконт. 

Моментално вработува:

Продавач/ка - Касиер/ка - Ново Лисиче
Продавач/ка - Касиер/ка Карпош
Продавач/ка - Касиер/ка - Хиподром
Магацински работници – Автокоманда
Возач на камион

Transcom Macedonia специјализирани за искуство со клиенти, продажба и маркетинг преку гласовни и дигитални канали.

Моментално вработува:

Консултант за корисничка поддршка на германски јазик во сектор за финансиски услуги (м/ж)
German Speaking Team Leader (m/f)
Консултант за корисничка поддршка на италијански јазик во сектор за финансиски услуги (м/ж)

Лидл е семеен бизнис заснован на едноставна филозофија: дека клиентите заслужуваат најквалитетни стоки и намирници по цени што секој може да си ги дозволи.

Сите огласи од Лидл можете да ги најдете ТУКА.

Полиестердеј најголемиот принт центар во Македонија со брзо темпо го продолжува својот раст. Тимот од стручни, посветени и способни кадри се клуч на нашето успешно работење и достигнување.

Моментално ваработува:

Хигиеничар/ка

Книготека Икона е место создадено за сите љубители на книгата, читањето и убавиот пишан збор. Со внимателно избран асортиман на книги од различни жанрови, Икона нуди содржини за секоја возраст и интерес од белетристика и класици, до современа литература, книги за деца, психологија, личен развој и многу други теми. 

Моментално вработува:

Продавач/ка

Макпетрол АД отсекогаш бил предводник во примената на новитетите во погонските горива, во унапредувањето на квалитетот на своите производи, како и во воведувањето на алтернативни погонски горива кои придонесуваат за поголема заштита на животната средина.

Моментално вработува:

Пожарникари - обезбедувачи во склад Илинден

Ел Дорадо 05 ДОО Скопје е основач на брендот ZIA кој работи повеќе од 7 години, и е пласиран на пазарот со 8 продажни локации.

Моментално вработува:

Продажба - East Gate Mall
Менаџер на продажно место - East Gate

DoubleTree by Hilton Skopje е модерен хотел со 5 ѕвезди, сместен покрај реката Вардар, на само неколку минути од центарот на градот.

Моментално вработува:

Рецепционер/ка
Келнер/ка
Хигиеничар/ка
Хостеса

Зегин ДОО е првата приватна компанија во Република С. Македонија регистрирана за продажба на лекови.

Сите огласи на Зегин можете да ги најдете ТУКА.

Се уште невработени?! Сите останати активни работни позиции можете да ги најдете ТУКА.

Промовирани огласи »

Од четка и молив до мурали и големи проекти: Запознајте ја Нина Симовска

Сè уште сакам да видам што ќе излезе од следната идеја

Која е Нина Симовска? Кажи ни нешто повеќе за себе, твојата работа и она што те исполнува.

Нина е слободна уметница која повеќе од 15 години работи во различни области на визуелната уметност и дизајнот. Мојата работа отсекогаш се движела на границата меѓу уметноста, дизајнот, илустрацијата и урбаната култура. Работам на различни проекти, од оригинални уметнички дела и илустрации, до мурали, визуелни идентитети и иновативни производи.

Она што најмногу ме исполнува е чувството дека од една идеја, која на почетокот постои само во мојата глава, можам да создадам нешто физичко и реално. Сакам кога работата има приказна, кога може да предизвика некаква емоција или едноставно да натера некого да застане и да ја погледне уште еднаш.

Како започна твојата приказна со уметноста и кога сфати дека сакаш креативноста да биде дел од твојот професионален пат?

Мојата приказна започнува уште од најмала возраст. Татко ми исто така беше сликар, па така, откако знам за себе, сум со четка или молив во рака. По завршувањето на факултетот по археологија, сфатив дека никогаш нема да работам со стандардно работно време. Па така, пред 15 години го создадов Just Because и сега работам двојно повеќе.

Што те инспирира најмногу кога создаваш – луѓето, секојдневието, природата, одредени приказни или нешто сосема друго?

Најмногу ме инспирираат луѓето и природата. Доста често планинарам и тој допир со природата ми е неопходен и многу ме исполнува. Знам да набљудувам контрасти и бои кои самата природа ги создава и сега многу подобро ја разбирам онаа изрека „Art imitates life“, во смисла на создавање мимикрија која ние имаме потреба визуелно често да ја восприемаме.

Ме привлекува и урбаната култура, особено Скопје. Градот има многу слоеви, спомени и приказни кои често не се видливи на прв поглед. Токму тие работи ми се интересни за претворање во визуелна приказна.

Како се роди идејата за Just Because и што претставува овој проект за тебе денес?

Just Because започна многу едноставно, од желбата да создадам нешто свое, без премногу ограничувања и без потреба секогаш да постои некоја „оправдана“ причина зошто нешто треба да биде создадено.

Со текот на годините, тоа прерасна во многу повеќе од име на студио.

Денес Just Because за мене е архива на еден долг креативен пат, но и простор за нови идеи. По 15 години, најубаво ми е што приказната сè уште не е завршена. Како поминуваат годините, така ми растат и желбите за поголеми проекти, но морам да признаам дека оваа година ми е доста „challenging“. Иако навидум има повеќе изложби и настани, мислам дека доаѓаме до одредена точка на заситеност која за многу кратко време може да нè одведе во друг правец.

Кога започнуваш нов проект, како изгледа патот од првата идеја до финалното дело?

Секој проект е различен, но најчесто започнува со некоја луда идеја од типот „ај да направиме настан во планетариум“. Ако можам да го видам и замислам целиот проект во глава, верувам дека може да се реализира. Потоа следи многу размислување, истражување, собирање референци и скицирање, и уште толку „не може“ од институции, спонзори, пријатели итн. Луѓето тука по автоматизам се плашат од похрабри проекти.

Морам да признаам дека на моменти сум и јас изморена во таа борба со ветерници.

Кој проект досега ти оставил најсилен впечаток и поради што токму тој ти е посебен?

Тешко ми е да издвојам само еден, затоа што секој проект ми е поврзан со одреден период од животот. Но, особено ми значат проектите кои имаат врска со конкретни места, луѓе или спомени.

Таквите проекти за мене се повеќе од визуелна работа. Тие стануваат документ на едно време и една атмосфера. Особено ми значи кога нешто што сум го создала успева да разбуди личен спомен кај некој друг.

Во оваа прилика, бидејќи претходно го споменав, еве ќе го издвојам мултимедијалниот настан „Месиер 45“, кој го работевме заедно со модната дизајнерка Ирина Тошева во Планетариумот во МКЦ.

Кој бил еден од најголемите предизвици со кои си се соочила во текот на професионалниот пат и што научи од него?

Еден од најголемите предизвици е да останеш свој во професија во која постојано има туѓи очекувања, трендови и мислења за тоа што треба да правиш.

Со текот на годините научив дека не можеш да создаваш постојано обидувајќи се да им угодиш на сите. Понекогаш треба да застанеш зад својата идеја, дури и кога не е најлесниот пат. Неодамна имав еден сработен проект кој беше поврзан со еден дел од алтернативно Скопје, но поради одредени притисоци и негодувања решив да го откажам. Никогаш претходно немав наидено на такво сценарио и морам да признаам дека емотивно ме исцрпи. Ќе го реализирам во некои подобри услови, но сепак, да се носат такви одлуки не е секогаш лесно.

Научив и дека кариерата не е права линија. Има периоди кога работите одат брзо и периоди кога се преиспитуваш. И едните и другите се дел од процесот.

Што е она што и по толку години те тера повторно да создаваш и да раскажуваш приказни преку својата работа?

Љубопитноста. Потребата да создавам и да си играм. Сè уште сакам да видам што ќе излезе од следната идеја.

Мислам дека кога еднаш ќе се навикнеш да гледаш на светот визуелно, постојано забележуваш нешта кои можат да станат приказна. И секогаш има нешто ново што сакаш да го кажеш или да го пробаш.

Што следува за Нина и Just Because? Кои се следните цели и соништа што сакаш да ги реализираш?

Следниот период сакам Just Because да продолжи да расте, но без да ја изгуби својата основна идеја и карактер. Како што се трансформирам јас, така и студиото го менува својот тек. Сакам повеќе од мојата работа да биде достапна и надвор од класичниот изложбен простор, најмногу преку мурали и интересни и различни концепти на презентација.

Имам и многу идеи што долго време ги носам во себе и сега сакам конечно да им дадам простор. Работам на поголеми проекти, имам неколку кои се пред реализација, но сè уште ги држам во тајност.

Како започна твојата приказна со муралите и што те привлече токму кон создавање уметност на големи, јавни површини?

Муралите ми беа природно продолжение на она што веќе го работев. Отсекогаш ме интересирала идејата уметноста да излезе од галеријата и да стане дел од секојдневието.

Кога работиш на голема јавна површина, делото повеќе не е само твое. Тоа станува дел од просторот, од градот и од луѓето кои секојдневно поминуваат покрај него. Може да го види некој што никогаш не би влегол во галерија.

Тоа ми е особено интересно. Муралите имаат сосема поинаква енергија од сликата на платно. Самиот простор влијае врз делото, архитектурата станува дел од композицијата, а луѓето и времето продолжуваат да ја менуваат неговата приказна.

На крајот, можеби токму тоа е причината поради која толку долго ме привлекува уметноста. Не сакам само да создадам нешто убаво. Сакам да создадам нешто што ќе има свое место и свој живот.

Тагови: креативност мурали Нина Симовска дизајн Just Because

Промовирани огласи »

5 начини да бидете позабележливи на работа без да се наметнувате

Вашиот шеф знае што правите или само мислите дека знае?

Да бидете забележани на работа не значи постојано да зборувате на состаноци, да се фалите со своите резултати или да бидете најгласната личност во канцеларијата. Понекогаш токму тивките, но конзистентни навики оставаат најсилен професионален впечаток.

Ако сакате вашиот труд да биде забележан, без да изгледа како да барате внимание, еве пет начини што можат да ви помогнат.

1. Преземајте иницијатива, но не преземајте сè

Еден од најдобрите начини да бидете забележани е да покажете дека не чекате секогаш некој да ви каже што треба да направите. Ако забележите проблем, размислете дали можете да предложите решение. На пример, наместо: „Ова не функционира.“ кажете: „Го забележав проблемот и мислам дека можеме да го решиме на овој начин. Ако се согласувате, можам да го подготвам.“ Тоа покажува иницијатива без непотребно наметнување. Но, важно е да не паднете во другата крајност да се обидувате да преземете секоја задача. Видливоста не треба да доаѓа по цена на преоптоварување.

2. Споделувајте ги резултатите, не само напорот

Многу луѓе мислат дека добрата работа сама по себе секогаш ќе биде забележана. За жал, тоа не е секогаш така. Не мора постојано да зборувате за себе, но корисно е повремено да го комуницирате она што сте го постигнале. На пример: „Проектот е завршен и успеавме да го испочитуваме рокот. Во следната фаза би можеле да го примениме и овој пристап...“ Наместо „Погледнете колку направив“, фокусирајте се на резултатот и придонесот. Така вашиот труд станува видлив без да звучи како самопофалба.

3. Бидете личност на која може да се смета

Понекогаш најголемата професионална видливост не доаѓа од тоа колку зборувате, туку од тоа колку сте сигурни. Ако кажете дека нешто ќе го завршите до петок – завршете го.

Ако има проблем кажете навреме. Ако некој ви постави прашање, а не го знаете одговорот – проверете и вратете се со точна информација. Со текот на времето, луѓето почнуваат да ве поврзуваат со нешто многу важно: „На оваа личност можеме да се потпреме.“ Тоа е видливост што се гради преку доверба, а не преку внимание.

4. Зборувајте кога имате нешто корисно да кажете

Не мора да зборувате на секој состанок. Но, кога имате добра идеја, корисно прашање или информација што може да помогне, кажете ја. Наместо да се обидувате да имате најмногу зборови, стремете се кон тоа вашите зборови да имаат вредност.

На пример: „Можеби треба да го разгледаме и овој ризик пред да продолжиме.“ или: „Имам една идеја која можеби ќе ни заштеди време. Може ли да ја споделам?“

Понекогаш една добро поставена реченица остава поголем впечаток од десет минути зборување.

5. Помагајте им на другите да бидат успешни

Ова можеби звучи спротивно на идејата за лична видливост, но токму тука се гради силна професионална репутација. Споделете корисна информација. Помогнете му на нов колега да се снајде. Споделете ресурс што може да му користи на тимот. Признајте го придонесот на друг колега.

Луѓето забележуваат кога некој не се обидува постојано да биде во центарот, туку придонесува тимот да функционира подобро. И што е најважно не ја присвојувајте туѓата заслуга. Ако колегата ви помогнал, кажете го тоа. Професионалната репутација не се гради само со покажување што можете вие, туку и со начинот на кој се однесувате кон другите.

Видливост не значи наметнување

Постои голема разлика помеѓу тоа да бидете видливи и да барате внимание.

Да бидете видливи значи луѓето да знаат:

  • Што работите;
  • Во што сте добри;
  • На што можат да се потпрат на вас;
  • Каков придонес давате;
  • Како придонесувате кон тимот.

Не мора да бидете најгласната личност во просторијата. Понекогаш е доволно да бидете личноста која испорачува, комуницира навреме, презема иницијатива и носи вредност. На долг рок, токму таквата видливост може да биде многу поважна од моменталното привлекување внимание.

Прочитајте и за: Како споредувањето со колегите влијае врз вашата кариера

Тагови: совети за работа

Вчитај повеќе вести...
барај огласи за вработување »