Промовирани огласи »

Од четка и молив до мурали и големи проекти: Запознајте ја Нина Симовска

Сè уште сакам да видам што ќе излезе од следната идеја

Која е Нина Симовска? Кажи ни нешто повеќе за себе, твојата работа и она што те исполнува.

Нина е слободна уметница која повеќе од 15 години работи во различни области на визуелната уметност и дизајнот. Мојата работа отсекогаш се движела на границата меѓу уметноста, дизајнот, илустрацијата и урбаната култура. Работам на различни проекти, од оригинални уметнички дела и илустрации, до мурали, визуелни идентитети и иновативни производи.

Она што најмногу ме исполнува е чувството дека од една идеја, која на почетокот постои само во мојата глава, можам да создадам нешто физичко и реално. Сакам кога работата има приказна, кога може да предизвика некаква емоција или едноставно да натера некого да застане и да ја погледне уште еднаш.

Како започна твојата приказна со уметноста и кога сфати дека сакаш креативноста да биде дел од твојот професионален пат?

Мојата приказна започнува уште од најмала возраст. Татко ми исто така беше сликар, па така, откако знам за себе, сум со четка или молив во рака. По завршувањето на факултетот по археологија, сфатив дека никогаш нема да работам со стандардно работно време. Па така, пред 15 години го создадов Just Because и сега работам двојно повеќе.

Што те инспирира најмногу кога создаваш – луѓето, секојдневието, природата, одредени приказни или нешто сосема друго?

Најмногу ме инспирираат луѓето и природата. Доста често планинарам и тој допир со природата ми е неопходен и многу ме исполнува. Знам да набљудувам контрасти и бои кои самата природа ги создава и сега многу подобро ја разбирам онаа изрека „Art imitates life“, во смисла на создавање мимикрија која ние имаме потреба визуелно често да ја восприемаме.

Ме привлекува и урбаната култура, особено Скопје. Градот има многу слоеви, спомени и приказни кои често не се видливи на прв поглед. Токму тие работи ми се интересни за претворање во визуелна приказна.

Како се роди идејата за Just Because и што претставува овој проект за тебе денес?

Just Because започна многу едноставно, од желбата да создадам нешто свое, без премногу ограничувања и без потреба секогаш да постои некоја „оправдана“ причина зошто нешто треба да биде создадено.

Со текот на годините, тоа прерасна во многу повеќе од име на студио.

Денес Just Because за мене е архива на еден долг креативен пат, но и простор за нови идеи. По 15 години, најубаво ми е што приказната сè уште не е завршена. Како поминуваат годините, така ми растат и желбите за поголеми проекти, но морам да признаам дека оваа година ми е доста „challenging“. Иако навидум има повеќе изложби и настани, мислам дека доаѓаме до одредена точка на заситеност која за многу кратко време може да нè одведе во друг правец.

Кога започнуваш нов проект, како изгледа патот од првата идеја до финалното дело?

Секој проект е различен, но најчесто започнува со некоја луда идеја од типот „ај да направиме настан во планетариум“. Ако можам да го видам и замислам целиот проект во глава, верувам дека може да се реализира. Потоа следи многу размислување, истражување, собирање референци и скицирање, и уште толку „не може“ од институции, спонзори, пријатели итн. Луѓето тука по автоматизам се плашат од похрабри проекти.

Морам да признаам дека на моменти сум и јас изморена во таа борба со ветерници.

Кој проект досега ти оставил најсилен впечаток и поради што токму тој ти е посебен?

Тешко ми е да издвојам само еден, затоа што секој проект ми е поврзан со одреден период од животот. Но, особено ми значат проектите кои имаат врска со конкретни места, луѓе или спомени.

Таквите проекти за мене се повеќе од визуелна работа. Тие стануваат документ на едно време и една атмосфера. Особено ми значи кога нешто што сум го создала успева да разбуди личен спомен кај некој друг.

Во оваа прилика, бидејќи претходно го споменав, еве ќе го издвојам мултимедијалниот настан „Месиер 45“, кој го работевме заедно со модната дизајнерка Ирина Тошева во Планетариумот во МКЦ.

Кој бил еден од најголемите предизвици со кои си се соочила во текот на професионалниот пат и што научи од него?

Еден од најголемите предизвици е да останеш свој во професија во која постојано има туѓи очекувања, трендови и мислења за тоа што треба да правиш.

Со текот на годините научив дека не можеш да создаваш постојано обидувајќи се да им угодиш на сите. Понекогаш треба да застанеш зад својата идеја, дури и кога не е најлесниот пат. Неодамна имав еден сработен проект кој беше поврзан со еден дел од алтернативно Скопје, но поради одредени притисоци и негодувања решив да го откажам. Никогаш претходно немав наидено на такво сценарио и морам да признаам дека емотивно ме исцрпи. Ќе го реализирам во некои подобри услови, но сепак, да се носат такви одлуки не е секогаш лесно.

Научив и дека кариерата не е права линија. Има периоди кога работите одат брзо и периоди кога се преиспитуваш. И едните и другите се дел од процесот.

Што е она што и по толку години те тера повторно да создаваш и да раскажуваш приказни преку својата работа?

Љубопитноста. Потребата да создавам и да си играм. Сè уште сакам да видам што ќе излезе од следната идеја.

Мислам дека кога еднаш ќе се навикнеш да гледаш на светот визуелно, постојано забележуваш нешта кои можат да станат приказна. И секогаш има нешто ново што сакаш да го кажеш или да го пробаш.

Што следува за Нина и Just Because? Кои се следните цели и соништа што сакаш да ги реализираш?

Следниот период сакам Just Because да продолжи да расте, но без да ја изгуби својата основна идеја и карактер. Како што се трансформирам јас, така и студиото го менува својот тек. Сакам повеќе од мојата работа да биде достапна и надвор од класичниот изложбен простор, најмногу преку мурали и интересни и различни концепти на презентација.

Имам и многу идеи што долго време ги носам во себе и сега сакам конечно да им дадам простор. Работам на поголеми проекти, имам неколку кои се пред реализација, но сè уште ги држам во тајност.

Како започна твојата приказна со муралите и што те привлече токму кон создавање уметност на големи, јавни површини?

Муралите ми беа природно продолжение на она што веќе го работев. Отсекогаш ме интересирала идејата уметноста да излезе од галеријата и да стане дел од секојдневието.

Кога работиш на голема јавна површина, делото повеќе не е само твое. Тоа станува дел од просторот, од градот и од луѓето кои секојдневно поминуваат покрај него. Може да го види некој што никогаш не би влегол во галерија.

Тоа ми е особено интересно. Муралите имаат сосема поинаква енергија од сликата на платно. Самиот простор влијае врз делото, архитектурата станува дел од композицијата, а луѓето и времето продолжуваат да ја менуваат неговата приказна.

На крајот, можеби токму тоа е причината поради која толку долго ме привлекува уметноста. Не сакам само да создадам нешто убаво. Сакам да создадам нешто што ќе има свое место и свој живот.

Тагови: креативност мурали Нина Симовска дизајн Just Because

Промовирани огласи »

5 начини да бидете позабележливи на работа без да се наметнувате

Вашиот шеф знае што правите или само мислите дека знае?

Да бидете забележани на работа не значи постојано да зборувате на состаноци, да се фалите со своите резултати или да бидете најгласната личност во канцеларијата. Понекогаш токму тивките, но конзистентни навики оставаат најсилен професионален впечаток.

Ако сакате вашиот труд да биде забележан, без да изгледа како да барате внимание, еве пет начини што можат да ви помогнат.

1. Преземајте иницијатива, но не преземајте сè

Еден од најдобрите начини да бидете забележани е да покажете дека не чекате секогаш некој да ви каже што треба да направите. Ако забележите проблем, размислете дали можете да предложите решение. На пример, наместо: „Ова не функционира.“ кажете: „Го забележав проблемот и мислам дека можеме да го решиме на овој начин. Ако се согласувате, можам да го подготвам.“ Тоа покажува иницијатива без непотребно наметнување. Но, важно е да не паднете во другата крајност да се обидувате да преземете секоја задача. Видливоста не треба да доаѓа по цена на преоптоварување.

2. Споделувајте ги резултатите, не само напорот

Многу луѓе мислат дека добрата работа сама по себе секогаш ќе биде забележана. За жал, тоа не е секогаш така. Не мора постојано да зборувате за себе, но корисно е повремено да го комуницирате она што сте го постигнале. На пример: „Проектот е завршен и успеавме да го испочитуваме рокот. Во следната фаза би можеле да го примениме и овој пристап...“ Наместо „Погледнете колку направив“, фокусирајте се на резултатот и придонесот. Така вашиот труд станува видлив без да звучи како самопофалба.

3. Бидете личност на која може да се смета

Понекогаш најголемата професионална видливост не доаѓа од тоа колку зборувате, туку од тоа колку сте сигурни. Ако кажете дека нешто ќе го завршите до петок – завршете го.

Ако има проблем кажете навреме. Ако некој ви постави прашање, а не го знаете одговорот – проверете и вратете се со точна информација. Со текот на времето, луѓето почнуваат да ве поврзуваат со нешто многу важно: „На оваа личност можеме да се потпреме.“ Тоа е видливост што се гради преку доверба, а не преку внимание.

4. Зборувајте кога имате нешто корисно да кажете

Не мора да зборувате на секој состанок. Но, кога имате добра идеја, корисно прашање или информација што може да помогне, кажете ја. Наместо да се обидувате да имате најмногу зборови, стремете се кон тоа вашите зборови да имаат вредност.

На пример: „Можеби треба да го разгледаме и овој ризик пред да продолжиме.“ или: „Имам една идеја која можеби ќе ни заштеди време. Може ли да ја споделам?“

Понекогаш една добро поставена реченица остава поголем впечаток од десет минути зборување.

5. Помагајте им на другите да бидат успешни

Ова можеби звучи спротивно на идејата за лична видливост, но токму тука се гради силна професионална репутација. Споделете корисна информација. Помогнете му на нов колега да се снајде. Споделете ресурс што може да му користи на тимот. Признајте го придонесот на друг колега.

Луѓето забележуваат кога некој не се обидува постојано да биде во центарот, туку придонесува тимот да функционира подобро. И што е најважно не ја присвојувајте туѓата заслуга. Ако колегата ви помогнал, кажете го тоа. Професионалната репутација не се гради само со покажување што можете вие, туку и со начинот на кој се однесувате кон другите.

Видливост не значи наметнување

Постои голема разлика помеѓу тоа да бидете видливи и да барате внимание.

Да бидете видливи значи луѓето да знаат:

  • Што работите;
  • Во што сте добри;
  • На што можат да се потпрат на вас;
  • Каков придонес давате;
  • Како придонесувате кон тимот.

Не мора да бидете најгласната личност во просторијата. Понекогаш е доволно да бидете личноста која испорачува, комуницира навреме, презема иницијатива и носи вредност. На долг рок, токму таквата видливост може да биде многу поважна од моменталното привлекување внимание.

Прочитајте и за: Како споредувањето со колегите влијае врз вашата кариера

Тагови: совети за работа

Промовирани огласи »

Преспанското Езеро во трка за УНЕСКО: Македонија, Грција и Албанија со заедничка иницијатива

Трите соседни земји со поддршка од ЕУ ги координираат следните чекори за Преспанското Езеро да стане светско наследство на УНЕСКО.

Македонија, Грција и Албанија заеднички ќе работат Преспанското Езеро да биде впишано на Листата на светско наследство на УНЕСКО, во иницијатива што добива нов импулс по неодамнешното впишување на Олимп. Според грчкиот весник „Катимерини“, трите земји, со поддршка од Европската Унија, ја засилуваат соработката за заштита и меѓународна афирмација на природното и културното богатство на регионот.

Следниот петок, во грчката општина Преспа ќе се одржи средба на министрите за култура на трите земји – Лина Мендони, Бленди Гонџа и Седат Сулејмани – на која ќе присуствува и амбасадорот на ЕУ во Скопје, Михалис Рокас. Целта е да се утврдат следните чекори, а ЕУ, покрај политичката поддршка, ќе ги финансира и првите потребни студии. Рокас нагласил дека иницијативата има и пошироко геополитичко значење, бидејќи претставува пример за заеднички напор на соседни држави околу заштита на заедничко наследство.

Локалните власти и Албанија веќе ја поздравија идејата, оценувајќи дека таа може да донесе поголемо меѓународно внимание, одржлив развој, поквалитетен туризам и нови можности за локалните заедници. Иницијативата не е нова – Грција уште во 2014 година го стави езерото на индикативната листа на УНЕСКО – но сега, со заедничка кандидатура на трите земји, процесот добива нова тежина и реални шанси за успех.

Тагови: Албанија Грција Македонија Охридско Езеро Унеско Преспанското Езеро

Промовирани огласи »

Од првиот академски час до идната кариера: KARIERA.mk со студентите на БАС

Нов академски почеток за студентите на Бизнис Академија Смилевски со поддршка од KARIERA.mk

Вчера KARIERA.mk беше дел од првиот академски час на Бизнис Академија Смилевски (БАС), со кој за новите студенти започна едно ново поглавје исполнето со знаење, предизвици и можности.

Особено ни беше драго што генералниот менаџер на KARIERA.mk, Ружица Доневска, имаше чест да им се обрати на студентите и лично да им посака лесен, успешен и исполнет прв академски час, како и многу успеси во периодот што следува.

За нас, ваквите средби се важна можност уште од самиот почеток да бидеме блиску до младите, да разговараме за нивните интереси и амбиции и да им покажеме дека професионалниот развој започнува многу пред првата работа.

Преку нашата соработка со Бизнис Академија Смилевски, продолжуваме да создаваме повеќе можности за студентите преку практични искуства, работилници, споделување знаење и активности кои ќе им помогнат полесно да го направат следниот чекор кон професионалниот свет.

На сите студенти им посакуваме успешен почеток, многу знаење, нови пријателства и храброст да ги следат своите професионални цели!

Тагови: Бизнис Академија Смилевски млади пазарот на труд прв академски час

Вчитај повеќе вести...
барај огласи за вработување »