Промовирани огласи »

Павлина Горгиева: Сакам звукот на мојот тапан да стигне до илјадници луѓе

Почна сама, од нула, а денес настапува пред публика: Павлина со тапанот ја освојува македонската сцена

Која е Павлина? Кажи ни нешто повеќе за себе – од каде си, со што се занимаваш приватно и професионално, покрај музиката?

Јас сум Павлина Горгиева, од Струмица. По професија сум дипломиран дизајнер од областа на дизајнот и технологијата на текстил и облека, а моментално сум на магистерски студии. Креативноста отсекогаш била голем дел од мене, па затоа и областа што ја избрав за образование ми е нешто што навистина го сакам.

Покрај студиите, голем дел од моето време и внимание ми одзема музиката, особено тапанот. Настапувам на различни настани и свадби, а преку социјалните мрежи ја споделувам мојата љубов кон македонската народна музика и традиција.

Иако дизајнот и музиката на прв поглед се две различни области, за мене имаат нешто заедничко  и во двете можам да бидам креативна и да се изразам на свој начин.

Како се роди кај тебе љубовта токму кон тапанот и кога за прв пат си помисли „сакам да научам да свирам“?

Не би можела да кажам дека постоел еден конкретен момент кога одеднаш се појавила љубовта кон тапанот. Таа се создаваше постепено, преку слушање на македонска народна музика и преку чувството што го носи самиот звук на тапанот.

Отсекогаш ме привлекувала неговата енергија. Тапанот има нешто посебно кога ќе започне ритамот, едноставно ја чувствуваш музиката поинаку.

Во еден момент едноставно си реков: „Сакам и јас да научам да свирам.“ Немав претстава каде ќе ме одведе тоа, но имав голема желба да пробам. И така започна целата приказна.

Како изгледаше твојот прв контакт со тапанот? Дали имаше некој да ти покаже, да те поддржи, или буквално сама, чекор по чекор, учеше сè од нула?

Мојот прв контакт со тапанот беше целосно самостоен. Немав некој покрај мене кој ќе ми покаже како се свири. Почнав сама, буквално од нула.

На почетокот не знаев ни како правилно да го држам, како да ги поставам рацете и како да создадам ритам. Сама пробував, слушав, гледав и повторував. Некогаш ќе успеев, некогаш ќе згрешев, па повторно од почеток.

Мислам дека токму тоа што сама го поминав тој процес ми даде уште поголема желба да продолжам. Немав некој да ми каже „вака се прави“, туку сама постепено откривав што ми одговара и како да го почувствувам ритамот.

Од тие први обиди до денес има огромна разлика, и токму затоа овој инструмент ми значи толку многу.

Колку време ти требаше да ги совладаш првите ритми и што ти беше најтешко во тој процес? Дали имаше моменти кога ти доаѓаше да кренеш раце од сè?

Првите ритми ги совладував постепено. Не беше нешто што се случи преку ноќ. Бидејќи учев сама, требаше многу повеќе трпение и повторување.

Најтешко ми беше да ја добијам правилната техника и сигурноста во свирењето. Понекогаш знаев што сакам да отсвирам, но рацете едноставно не го следеа тоа што го замислував.

Секако дека имало моменти на нервоза и моменти кога нешто не ми одело, но никогаш не сакав навистина да се откажам. Секогаш си велев дека ако продолжам да вежбам, еден ден ќе успеам.

И мислам дека токму тоа е најважната работа кога учиш нешто сам да бидеш трпелив со себе.

Што е тоа што за тебе го прави тапанот толку моќен и различен од другите инструменти – дали е звукот, енергијата, традицијата или нешто друго?

За мене е комбинација од звукот, енергијата и традицијата.

Македонскиот тапан има неверојатна сила. Не е само инструмент кој го слушаш неговиот ритам го чувствуваш. Особено кога свирам на свадби и прослави, најубаво ми е кога ќе ја почувствувам реакцијата на луѓето и кога целата атмосфера се менува со ритамот.

Многу ми значи и традиционалниот аспект. Тапанот е дел од нашата македонска музика и култура и за мене е чест што можам на свој начин да придонесам тој звук да продолжи да се слуша.

Најмногу го сакам тоа што преку тапанот можам да пренесам емоција без да кажам ниту еден збор.

Твоите настапи веќе привлекуваат внимание и на социјалните мрежи. Колку интернетот и видеата ти помогнаа луѓето да дознаат за твојата приказна и да те поддржат?

Социјалните мрежи многу ми помогнаа. Преку видеата можев да стигнам до луѓе кои можеби никогаш немаше да ме видат да свирам во живо.

Кога почнав да објавувам, не очекував дека видеата ќе стигнат до толку голем број луѓе. Имав видеа со стотици илјади прегледи, а едно од нив стигна и до повеќе од еден милион прегледи. Искрено, тоа чувство е тешко да се опише.

Но, за мене не се најважни само бројките. Најмногу ми значи поддршката од луѓето коментарите, пораките и тоа што некој ќе ми каже дека му се допаднал мојот настап или дека сум му ја разубавила прославата.

Особено ми е драго што преку моите видеа до луѓе стигнува и звукот на македонскиот тапан.

Покрај тапанот, дали имаш желба да пробаш и некој друг инструмент или остануваш верна само на ударните?

Би сакала некогаш да пробам и друг инструмент, затоа што секогаш ме привлекувало учењето нешто ново. Но, тапанот дефинитивно останува мојата најголема љубов.

Сè уште чувствувам дека имам многу да научам и многу простор за напредување. Сакам да совладам уште различни ритми, да стекнувам нови искуства и да продолжам да се надградувам.

Можеби некогаш ќе се појави и некој друг инструмент во мојот живот, но засега тапанот е на прво место.

Од денешна перспектива, кога ќе се сетиш на девојката која првпат почнала сама да учи да свири, што би ѝ кажала?

Би ѝ кажала: „Само продолжи.“

Би ѝ кажала да не се сомнева во себе и да не се откажува само затоа што нешто не оди веднаш. Кога почнав, немав идеја каде ќе стигнам и немав некој да ми покаже како да свирам. Имав само желба.

Денес, кога ќе погледнам назад, ми е мило што тогаш не се откажав. Никогаш не би помислила дека од оние први обиди сама дома ќе стигнам до настапи, свадби и видеа кои ќе ги гледаат стотици илјади луѓе.

Затоа би ѝ кажала да верува во процесот и да не се плаши да почне нешто, дури и кога не знае каде ќе ја одведе.

Ако можеш да замислиш една голема сцена на која би сакала да настапиш во иднина  каде би била таа и каков би бил моментот што би сакала да го доживееш?

Мојот сон е да настапам на навистина голема сцена, пред огромна публика, со тапан во рацете и со македонската музика.

Би сакала тоа да биде момент во кој ќе можам да покажам дека македонскиот тапан има сила да допре до секого, без разлика од каде е.

Замислувам сцена на која пред мене има илјадници луѓе, а кога ќе започне ритамот, целата публика реагира. Тоа би бил момент во кој би застанала и би си помислила: „Од каде започнав, а каде стигнав.“

Тоа би ми било едно од најголемите достигнувања.

И за крај, што следно да очекуваме од Павлина? Кој е следниот сон или предизвик што сакаш да го претвориш во реалност?

Следно сакам да продолжам да се развивам и да одам чекор понатаму. Сакам уште повеќе настапи, нови искуства и нови можности.

Сакам да продолжам да ја споделувам мојата музика преку социјалните мрежи, но и да создавам моменти кои луѓето ќе ги паметат.

Мојот најголем сон е звукот на мојот тапан да стигне уште подалеку и преку него да ја претставам македонската музика и традиција пред што поголема публика.

А каде точно ќе ме одведе оваа приказна  не знам. Но знам дека сакам да продолжам. Почнав сама, од нула, само со желба да научам да свирам, а денес тапанот е дел од мојот живот. И верувам дека најубавото допрва доаѓа.

Тагови: традиции Павлина Горгиева тапан музика

Промовирани огласи »

Огласи за работа во Тетово!

Најновите огласи за работа во Тетово!

Барате работа во Тетово? Проверете ги најновите огласи за вработување и најдете ја идеалната можност за вашиот кариерен напредок! Без разлика дали сте искусен професионалец или почетник кој бара прва работа, тука ќе најдете огласи што одговараат на вашите потреби и квалификации.

Придружете се на успешни компании и започнете ново поглавје во вашата кариера. Не чекајте! Аплицирајте веднаш и осигурете си посветла иднина.

Техничар за декоративно шиење
Асистент на продажба - Тетово
Продажен персонал - Тетово
Оператор со робот за заварување - Тетово
Project Coordinator – IT & Sales Support
B2B Sales Representative
Оператор во прашкасто бојадисување
Оператор на производна машина

Прочитајте и за: Погледнете ги сите отворени работни позиции во Струга!

Се уште сте во потрага по идеалното работно место?! Проверете ги сите останати огласи и аплицирајте ТУКА.

Промовирани огласи »

Цариниците од денес со телесни камери на Табановце, Ќафасан и Блаце

Нова мерка за поголема транспарентност и заштита и на службениците и на граѓаните – царинските службеници почнаа да користат телесни камери на три гранични премини.

Царинските службеници од денеска официјално почнаа да користат телесни камери, а системот беше промовиран на граничниот премин Табановце. Опремата е обезбедена преку Меѓународната програма за обука и помош при водење криминалистички истраги (ICITAP), во рамки на кривичниот оддел при Министерството за правда на САД, како дел од напорите за зголемување на транспарентноста и професионалноста во работата на царината.

Директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, заедно со вршителката на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД во Македонија, Никол Варнс, го означија стартот на системот, кој во оваа фаза ќе се применува на граничните премини Табановце, Ќафасан и Блаце. Според Николовски, со 30 телесни камери, соодветна инфраструктура и спроведени обуки за корисници, супервизори и администратори, Царинската управа добива нов стандард во работењето.

Од Царинската управа посочуваат дека камерите ќе служат како заштита и за граѓаните и за службениците, бидејќи ќе го евидентираат секое можно несоодветно однесување во постапките. Николовски нагласи дека институцијата останува цврсто определена против корупција и злоупотреба на службените овластувања, а новиот систем треба да помогне во спречување на неправилности и зајакнување на одговорноста на терен.

Тагови: граница камери Македонија

Промовирани огласи »

Што значи бруто, а што нето плата?

Еве што значат бруто и нето плата

Кога зборуваме за плата, често ги слушаме термините бруто и нето, но тие не го означуваат истиот износ. Разликата е важна бидејќи едната сума е вкупниот трошок за работодавачот, додека другата е износот што вработениот го добива.

Што е бруто плата?

Бруто платата е вкупниот износ на плата пред да се одземат придонесите и данокот. Во неа се вклучени средствата поврзани со задолжителните придонеси за пензиско и инвалидско осигурување, здравствено осигурување и други законски обврски.

Затоа, бруто платата е повисока од износот што вработениот го добива на својата сметка.

Што е нето плата?

Нето платата е износот што вработениот реално го добива по пресметката на придонесите и данокот, односно сумата која најчесто ја гледаме како „плата на сметка“.

На пример, ако во оглас е наведена нето плата, тоа е износот што кандидатот може да очекува да му биде исплатен, под услов да нема дополнителни ставки или одбитоци.

Зошто е важно да ја знаете разликата?

При барање работа, важно е да проверите дали понудената плата е наведена како бруто или нето. Две понуди со различни износи не можат правилно да се споредат доколку едната е во бруто, а другата во нето износ.

Затоа, пред да прифатите работна понуда, секогаш проверете кој износ е наведен и што точно е вклучено во него.

Тагови: здравствено осигурување нето плата плата работнички права

Вчитај повеќе вести...
барај огласи за вработување »