Од аналогни мисии и истражувања на Земјата, до работа на технологии и системи што еден ден би можеле да се користат на Месечината патот на Мартина Димоска е доказ дека границите на она што го сметаме за возможно постојано се поместуваат.
Како професионалец во областа на човековите вселенски летови, аналоген астронаут, истражувач и иноватор, Димоска денес работи во NASA Johnson Space Center, каде што придонесува кон развојот на човековите системи во рамките на Artemis. Воедно, преку својата работа и иницијативи, таа активно придонесува за поголема видливост на Македонија во глобалниот вселенски сектор.
Но, зад сите признанија, мисии и професионални достигнувања стои и една лична приказна за љубопитноста, истрајноста, жртвите и храброста да се избере пат кој сè уште не е доволно истражен.
Токму за тој пат, за предизвиците што доаѓаат со него, за вселената, но и за тоа што значи да се сонува големо од Македонија, разговараме со Мартина Димоска.

Кога не зборуваме за кариерата, која е Мартина Димоска?
Уште како дете многу сакав да читам, да откривам нови идеи и да поминувам време со позитивни луѓе кои ми го хранат духот и ме инспирираат. Но, исто така, се сметам и за многу креативна личност. Сакам да творам и создавам со своите раце, сакам да вежбам, да поправам работи низ дома, да работам на DIY проекти, да истражувам разновидни форми на уметност, да фотографирам, да се дотерам и да се погрижам за мојата женственост, на која, ако не ѝ се посветам, често знае да „испари“ во една ваква сурова индустрија, и сè она преку кое можам нешто да замислам, а потоа сама да го создадам.
Пораснав како човек кој постојано нешто истражува, измислува и создава и мислам дека тој дел од мене никогаш не исчезна.

Кога за првпат си помисливте: „Јас сакам да се занимавам со вселената“?
Мислам дека фасцинацијата со вселената започна уште кога бев дете. Бев навистина љубопитна, имав бујна фантазија и постојано сакав да разберам како функционираат нештата. Уште тогаш сакав да поставувам прашања, да истражувам и да замислувам нешта кои можеби на другите им изгледале далечни или необични.
Дополнително, мајка ми уште од мала ми лепеше ѕвезди и планети по ѕидовите во собата. Тоа можеби бил мал детал, но за мене беше бесценет и дополнително ги охрабруваше моите соништа.
Со текот на времето, таа детска љубопитност прерасна во нешто многу посериозно. Во еден момент сфатив дека сакам да живеам живот исполнет со смисла и цел, да бидам некаде каде што можам да придонесам, да решавам проблеми и моето знаење и труд да имаат значење. Тогаш решив да одам „all in“.

Што ве привлече токму кон вселената љубопитноста, науката, предизвикот или нешто сосема друго?
Веројатно, пред сè, тестирањето на границите: границите на науката, на моите сопствени граници, но и границите на мојата љубопитност и жед за знаење. Терминот што го креирав за оваа моја константна опсесија го викам „the ultimate pursuit of truth“, односно постојано трагање по вистината поткрепено со факти и научни докази.
Што повеќе истражуваш, толку повеќе сфаќаш колку многу не знаеме, а токму тоа дополнително ме привлекува.
Желбата да ги разбирам работите започна многу порано од мојот интерес кон вселената. Вселената беше само „the final frontier“, најголемото непознато што сакав да го истражам и разберам.
Имав сестра со посебни потреби и уште од најмала возраст сакав подобро да ја разберам нејзината состојба, што ѝ е потребно и како можам да ѝ помогнам. Сакав да најдам начини, дури и преку најмали и најкреативни решенија, да ѝ го направам секојдневието полесно.

Денес сфаќам дека токму таму започна и мојата љубов кон решавањето проблеми. За мене инженерството е токму тоа: да увидиш проблем, да поставуваш прашања и да бараш решение.
А вселената ми овозможи сето тоа да го насочам кон нешто многу поголемо, нешто што постојано нè тера да поставуваме нови прашања, да го преиспитуваме она што го знаеме и да ги поместуваме границите на она што го сметаме за возможно.
Затоа, кога би морала да го сведам на една причина, би рекла дека тоа е љубопитноста и таа постојана потреба да разбирам. За мене истражувањето на вселената е токму тоа, „the ultimate pursuit of truth“.
Како изгледаше патот од Македонија до работа во средина поврзана со NASA?
Патот беше долг, постепен, пожртвуван и воопшто не беше едноставен. Потекнувам од мал град и од земја која нема сопствена вселенска индустрија, вселенска агенција или сопствена опсерваторија. Затоа, на почетокот, оваа кариера ми изгледаше многу далечна.
Не постоеше еден клучен момент или една можност која ме донесе до тука. Патот се градеше чекор по чекор, преку образование, истражување, тренинзи, обуки, практично искуство, аналогни мисии, градење партнерства и постојано надградување.

Живеев во куфер долги години, одејќи од една нова можност до друга и преиспитувајќи се и надградувајќи се на секој можен начин.
Со секој следен чекор стекнував нови знаења, искуства и практични вештини, но истовремено се отвораше и следниот предизвик.
Мислам дека токму тоа е најважно да се разбере. Не стигнав тука со еден голем скок, туку со многу мали, дисциплинирани и понекогаш многу тешки чекори. Секој од нив ми отвори врата кон следниот, а јас едноставно продолжив да одам напред, дури и тогаш кога патот не беше јасен.
Кој беше најголемиот предизвик или пресвртница на тој пат?
Можеби најголемиот предизвик беше токму недостатокот на поддршка. Немав институционална, финансиска или системска поддршка од дома, ниту средина која веќе имаше изграден пат за некој што сака да се занимава со вселената. Дополнително, на јавноста, во најмала рака, ѝ беше смешно јас да се занимавам со ова.
Многу од моите колеги своето образование, обуки и професионален развој ги финансираат преку националните вселенски агенции или министерства. Јас морав сама да најдам начин да дојдам до тие можности и сама да ги финансирам.
Тоа неизбежно влијаеше и врз мојот потенцијал. Ако работев покрај студиите за да можам да си го дозволам следниот чекор, тоа се одразуваше на мојот просек, на мојот сон, а понекогаш и на моето здравје.
Немав финансии за тренинзи, пилотски обуки, конференции и други можности што за некого се подразбираат. Морав да ги заслужам, со многу работа, пот и лична жртва.
Затоа, не би можела да издвојам само една пресвртница. Најважен беше целиот процес и сите мали чекори што се надоврзуваа еден на друг.
Имаше многу моменти на неизвесност, финансиски и лични жртви, многу работа и ситуации во кои беше многу полесно да се откажам отколку да продолжам.
Во еден период, младоста ми помина во истоштување. Додека други имаа можност да се фокусираат на учење и развој, јас истовремено морав да работам, да учам и да се борам за секоја следна можност.
Но, можеби најважниот момент беше кога решив дека сум подготвена да ризикувам сè за тој сон. Не знаев каде точно ќе ме одведе патот, ниту дали ќе успеам, но знаев дека не сакам еден ден да се прашувам: „Што ако се обидев?“
И можеби токму тоа беше мојата најголема пресвртница. Кога немате систем кој ќе ве турка напред, мора сами да станете свој двигател.
Дали некогаш си помисливте дека можеби сте тргнале по невозможен пат?
Секако дека имало моменти кога изгледало така. Кога започнував, не ме сфаќаа сите сериозно. Имаше луѓе кои не веруваа дека она што го сакам може да стане вистинска професионална кариера.
Но, никогаш не сметав дека треба да ги убедувам сите дека мојот сон е возможен. Не сакав да трошам енергија на убедување на луѓе кои однапред не веруваа во мене.
Мене цел живот ме потценувале, but you know how the underdog stories go....
Најдобриот одговор секогаш е работата, квалитетот, истрајноста и резултатите. Не морав да ги убедам сите дека можам. Требаше само доволно долго да работам за еден ден самите резултати да станат доказ дека можам
Кога сте изолирани, под притисок и знаете дека секоја одлука може да влијае врз целиот тим, како се справувате со притисокот?
Во такви услови, најважно е да останете присебни и да им верувате на процедурите, на подготовката и на луѓето околу вас.
Аналогните мисии ме научија дека притисокот најчесто не доаѓа од една работа, туку од комбинација на повеќе стресори: изолација, нарушен сон, физички замор, ограничени ресурси, огромен обем на работа и одговорноста постојано да носите добри, рационални одлуки.
Токму затоа подготовката е толку важна. Треба да знаете како функционирате кога сте уморни, под притисок или кога работите не одат според планот, но и да ги препознавате реакциите на луѓето околу вас.

И можеби најважно од сè е тимот и екипажот. Кога имате луѓе на кои им верувате, кога комуникацијата е отворена и кога знаете дека сите се тука едни за други, дури и најтешките ситуации стануваат полесни за носење
Со текот на времето научив и нешто многу важно: треба да знаете како да бидете најдобрата верзија на себе, но и кога да се „минимизирате“, да не барате ништо, а сепак да дадете што е можно повеќе од себе за екипажот и за заедничката цел.
Постои ли момент од вашето досегашно искуство кога и денес ќе си кажете: „Како стигнав дотука?“
Не. Кога ќе видам кој сè се дрзнувал да ме потценува, какво јавно мислење имале за мене во минатото и на што го трошеле своето време, тогаш ми е сосема јасно како стигнав дотука.
Не стигнав случајно. Стигнав затоа што навистина се вложив, активно се трудев, истрајав и ги надминав сите оние кои имаа време да ме потценуваат наместо да работат на себе.

И за крај, што би им кажале на младите од Македонија кои имаат голема амбиција, но можеби немаат услови, контакти или јасен пат како да започнат?
Секогаш можат да се вклучат во нашите иницијативи преку International Space Alliance (ISA).
ISA започна токму од Кичево, а денес е глобална организација преку која се обидуваме да создадеме можности за луѓе кои можеби немаат пристап до традиционалните патишта во вселенскиот сектор.
Организираме и поддржуваме различни проекти, програми, обуки и можности за практично искуство, а голем дел од нив се бесплатни или достапни без финансиски бариери.
Тоа ми е особено важно затоа што и самата го поминав патот без институционална поддршка и знам колку тешко може да биде кога немате финансиски средства, контакти или некој што ќе ви покаже од каде да започнете.
Не сакам некој млад човек од Македонија да се откаже од нешто само затоа што нема можност да си го дозволи првиот чекор. Затоа, преку ISA се трудам да ги донесеме тие можности поблиску до младите.
Понекогаш тоа може да биде едноставна информација за програма, можност за учество во проект, контакт со некого од индустријата или академијата, менторство или практично искуство.
Не мора да имате совршен план од самиот почеток. Доволно е да имате интерес, љубопитност и желба да се вклучите. Од таму може да започне патот.
Тагови: истражување успешни луѓе Мартина Димоска NASA