Промовирани огласи »

Instagram ја лансира First Draft: Reels монтажа за помалку од 10 секунди

Нова Instagram алатка автоматски ги скратува снимките, ги отстранува паузите и составува почетна верзија на Reel, со цел креаторите побрзо да објавуваат содржина.

Instagram ја претстави новата функција First Draft, алатка за Reels што автоматски создава почетна верзија на видео од избрани снимки за помалку од 10 секунди. Функцијата ги скратува клиповите, ги отстранува подолгите паузи и ги издвојува деловите што можат да послужат како основа за финалната објава, со што значително се намалува времето потребно за рачна монтажа.
Од компанијата нагласуваат дека First Draft не креира целосно готово видео, туку нуди прва верзија што корисникот може дополнително да ја уредува или веднаш да ја објави. Алатката е наменета за различни типови содржина, како видеа составени од повеќе клипови, обраќање директно во камера и популарни формати како „еден ден од мојот живот“. Иако наликува на AI-решение, Instagram истакнува дека функцијата не користи вештачка интелигенција, туку интерни системи за автоматска обработка на видео.

Со First Draft, Meta продолжува со стратегијата креаторите да завршуваат што поголем дел од продукцијата директно во Instagram, без потреба од префрлање во надворешни апликации како CapCut или други уредувачи. За професионалците ова веројатно нема да ги замени напредните алатки за монтажа, но за просечните корисници и креаторите што објавуваат често, новата функција би можела значително да го олесни и забрза создавањето Reels, пренесува TechCrunch.

Instagram ја лансира First Draft: Reels монтажа за помалку од 10 секунди

Тагови: First Draft Instagram Meta Reels

Промовирани огласи »

Просечниот вработен во канцеларија е продуктивен само околу 2 часа и 53 минути во текот на работниот ден.

Истражување открива колку време навистина сме продуктивни во текот на работниот ден

Просечниот канцелариски работник е целосно продуктивен само 2 часа и 53 минути во текот на осумчасовниот работен ден, покажува истражување спроведено меѓу речиси 2.000 канцелариски работници во Велика Британија.

Иако работниот ден официјално трае осум часа, значителен дел од времето се губи на активности кои не се директно поврзани со работните задачи. Според истражувањето, 79% од испитаниците признаваат дека не се продуктивни во текот на целиот работен ден, додека само 21% сметаат дека успеваат да останат продуктивни од почеток до крај.

Меѓу најголемите фактори кои го одвлекуваат вниманието се социјалните мрежи, читањето вести на интернет, разговорите со колегите, паузите за кафе и цигари, допишувањето и јадењето на работното место.

На врвот на листата се социјалните мрежи, кои ги наведуваат 47% од испитаниците, а веднаш потоа следи читањето вести на интернет со 45%. Разговорите со колегите за приватни теми ги наведуваат 38% од анкетираните.

Интересно е што истражувањето покажува дека паузите не се нужно негативни за продуктивноста. Дел од вработените сметаат дека кратките прекини им помагаат да се одморат, да го намалат заморот и полесно да се вратат на работните задачи.

Резултатите повторно ја отвораат дискусијата за тоа дали подолгото работно време навистина значи и поголема продуктивност. Наместо осум часа поминати на работа, експертите сè почесто укажуваат на важноста на фокусираното работење, флексибилноста и создавањето услови во кои вработените можат непречено да ги завршуваат најважните задачи.

Сепак, станува збор за резултати од анкета, а не за директно мерење на продуктивноста, па бројката од 2 часа и 53 минути не треба да се толкува како универзално правило за сите работници.

Тагови: продуктивност работа работни навики социјални мрежи

Промовирани огласи »

Нова ера во Apple: Џон Тернус ја презема функцијата CEO со фокус на AI и првиот iPhone на преклопување

Нова фаза за Apple: Џон Тернус ја презема лидерската позиција додека компанијата се соочува со AI трката, притисокот врз синџирот на снабдување и очекувањата околу првиот iPhone на преклопување.

Џон Тернус денес и официјално ја презема функцијата извршен директор на Apple, влегувајќи на чело на компанијата во клучен момент за нејзината иднина. Поранешниот виш потпретседател за хардверско инженерство, кој е дел од Apple од 2001 година, досега имаше важна улога во развојот на производи како iPhone, iPad, Mac, AirPods и Apple Watch. Неговото назначување доаѓа во период кога Apple треба да покаже дека може да испорача нов бран иновации и да отвори нови извори на раст.

Еден од најголемите предизвици за Тернус ќе биде одговорот на засилената трка во вештачката интелигенција, каде Microsoft, Alphabet и Meta веќе вложија десетици милијарди долари. Иако Apple располага со огромна корисничка база и силен екосистем, пазарот очекува поконкретни AI производи и услуги. Воедно, веќе во септември Тернус би можел да го претстави и првиот iPhone на преклопување, потег што би означил влез на Apple во сегмент каде дел од конкурентите се присутни со години.

Покрај технолошките амбиции, новиот CEO ќе мора да се справи и со сложените прашања околу синџирот на снабдување. Apple и натаму е силно поврзан со производството во Кина, иако постепено се шири во Индија, Виетнам и други азиски пазари. Така, Тернус не презема само компанија што треба да лансира нови уреди, туку и лидерска улога во време кога Apple мора истовремено да ги усогласи иновациите, геополитичките ризици и очекувањата на инвеститорите за тоа што следува по ерата во која iPhone беше главниот двигател на растот.

Тагови: Apple Џон Терну

Промовирани огласи »

Интервју со Владимир Димковски главен регрутер во Agile Pro Solutions

Agile Pro Solutions: Што очекува од вас регрутерот на интервју за вработување?

Не бараме совршени кандидати, туку вистински луѓе

Што очекува од вас регрутерот на интервју за вработување?

Владимир Димковски е главен регрутер во Agile Pro Solutions, со долгогодишно искуство и стотици кандидати месечно. Со него разговараме за тоа како да се подготвите за интервју за вработување и како да се однесувате за време на разговорот.

Kariera.mk: Што е првото нешто што сакаш младите кандидати да го знаат пред да дојдат на интервју?

Владимир: Никој не очекува да бидат совршени. Мислам дека тоа е најголемиот притисок што сами може да си го создадат пред и за време на интервјуто. Особено кога станува збор за прва работа или првите неколку години од кариерата. Компаниите најчесто не бараат личност која знае сè, туку некој што ке покаже желба и потенцијал да учи и да се надоградува понатаму.

Kariera.mk: Што најмногу ти остава позитивен впечаток кај еден кандидат?

Владимир: Би ја издвоил искреноста како доста ретка особина во денешно време. Можеби ќе звучи едноставно, но навистина е така. Многу повеќе ценам кандидат кој отворено ќе каже: „Немам искуство со ова, но подготвен сум да научам“, отколку некој што се обидува да се претстави како експерт во област која очигледно не ја ни познава доволно.

Kariera.mk: Во последно време AI алатките станаа многу популарни. Како гледаш на нивната употреба при подготовка за интервју?

Владимир: Нема ништо лошо во тоа да се користат како алатка за подготовка и истражување. Но, не треба да станат замена за личноста што седи на интервјуто. Сè почесто гледаме кандидати кои читаат однапред подготвени одговори или користат AI за време на интервјуто. Верувајте, ние тоа веднаш го забележуваме.

Интервјуто не е тест за тоа колку добро знаете да користите AI, туку можност некој да ве запознае вас како личност, да види како и на кој начин размислувате, комуницирате и што ве мотивира.

Kariera.mk: А што е со CV-то? Како изгледа едно добро CV денес?

Владимир: Од мое лично искуство, најдобрите CV-a се всушност оние наједноставните. Не мора да биде преполно со графики, бои и сложени шаблони. Доброто CV е кратко, јасно и содржи точни информации (контакт телефон, е-маил).

Мој совет е да не се обидувате да додавате искуства или вештини само за да изгледате подобро на хартија. По неколку прашања за време на интервјуто многу лесно се препознава кога нешто е разубавено или неточно.

Kariera.mk: Што според тебе ги издвојува најуспешните кандидати?

Владимир: Љубопитноста и подготвеноста. Кандидатите кои одвоиле време да прочитаат за компанијата, да разберат што подразбира позицијата и да постават неколку адекватни прашања на крајот секогаш оставаат подобар впечаток од останатите кандидати. Не затоа што знаат повеќе од другите, туку затоа што покажуваат интерес.

Kariera.mk: Што би им порачал на младите луѓе кои можеби биле одбиени на неколку интервјуа и ја губат мотивацијата?

Владимир: Ништо не е лично. Понекогаш причината нема никаква врска со нивните способности. Можно е компанијата да бара поинаков профил, различно искуство или едноставно некој што подобро се вклопува во конкретниот тим.

Секое интервју е ново искуство што ве прави подобри за следното. Најуспешните професионалци што ги познавам исто така биле одбивани на почетокот од кариерата.

Kariera.mk: И за крај, кој е твојот најважен совет?

Владимир: Бидете свои. Подгответе се, истражете ја компанијата, дојдете со позитивен став и верувајте во себе. Не читајте за време на интервју, не се обидувајте да глумите некој друг и не ставајте невистинити информации во CV-то.

Можам да кажам дека кандидатите кои најмногу се паметат не се оние што звучат совршено, туку оние што се искрени, автентични и покажуваат вистинска желба за развој - токму и тие најчесто ја добиваат шансата што ја бараат.

Погледнете ги нашите отворени позиции и аплицирајте. Се гледаме на интервју!

Тагови: Agile Pro Solutions

Вчитај повеќе вести...
барај огласи за вработување »