Промовирани огласи »

Становите во Скопје нагло поскапеа: Квадратот над 2.150 евра

Цените на становите во Скопје бележат силен раст, а просечниот квадрат веќе надмина 2.150 евра. Центар останува најскапата општина, додека пазарот е под притисок од голема побарувачка и ограничена понуда.

Скопје бележи значителен раст на цените на недвижностите, при што во првата половина од 2026 година просечната барана цена за продажба на стан достигнала околу 2.156 евра за квадратен метар, според податоците на „ЦенаКвадрат“. Тоа значи дека стан од 60 квадратни метри би чинел приближно 129.400 евра, што е остар скок во споредба со минатата година, кога просечната цена изнесувала околу 1.670 евра за квадрат.

Највисоки цени се регистрирани во Општина Центар, каде што квадрат во новоградба на атрактивни локации достигнува и до 3.000 евра. Растот го потврдува и Народната банка, која во последниот квартал од 2025 година евидентирала годишно зголемување на цените на становите во главниот град од околу 25 отсто.

Иако цените во Скопје нагло растат, градот сè уште останува поевтин од дел од балканските престолнини. Во Букурешт квадратот достигнува околу 2.636 евра, во Софија меѓу 2.300 и 2.600 евра, во Сараево околу 2.700 евра, додека во Белград надминува 3.000 евра, а во Загреб достигнува 4.086 евра. Како главни причини за поскапувањето се наведуваат зголемената побарувачка, недоволната понуда на нови станови и странските инвестиции, во услови кога и на ниво на ЕУ цените на станбените објекти пораснале за 5,1 отсто на годишно ниво, според Евростат.

Тагови: Евростат Скопје цени на станови

Промовирани огласи »

Од полноќ следува значително поевтинување на дизелот, додека бензините ќе поскапат за еден денар по литар.

Регулаторната комисија за енергетика ги утврди новите највисоки малопродажни цени на нафтените деривати, кои ќе важат од 1 септември 2026 година. Најголемо намалување има кај ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V), чија цена се намалува за 6,50 денари за литар.

Од полноќ еден литар дизел ќе се продава по максимална цена од 95 денари. Поевтинување има и кај Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1), кое се намалува за 3,50 денари, па новата цена ќе изнесува 97 денари за литар. Од друга страна, бензините поскапуваат за по еден денар.

Новите цени се: ЕУРОСУПЕР БС-95 – 94 денари/литар

  • ЕУРОСУПЕР БС-98 – 96 денари/литар
  • ЕУРОДИЗЕЛ – 95 денари/литар ЕЛ-1 – 97 денари/литар
  • Намалување има и кај мазутот М-1 НС, чија цена се намалува за 1,166 денари за килограм, па ќе изнесува 44,410 денари/кг.

Новите цени стапуваат во сила од полноќ.

Тагови: нафтените деривати Регулаторната комисија за енергетика-(РКЕ)

Промовирани огласи »

Лажните огласи за работа ја нарушуваат довербата на кандидатите: Нов предизвик за HR секторот

Внимавајте на огласите за работа: Измамите ги тераат кандидатите да не им веруваат ниту на вистинските компании!

Онлајн измамите при вработување стануваат сè пософистицирани, а нивното влијание не се ограничува само на финансиската или дигиталната безбедност на кандидатите. Тие почнуваат да го нарушуваат и довербата во процесот на регрутација, што претставува сериозен предизвик за компаниите и HR професионалците.

Според истражување на компанијата за сајбер-безбедност Malwarebytes, 85% од возрасните имаат потешкотии да разликуваат измама од легитимен работодавач, што е значителен пораст во однос на 66% една година претходно.

Кога „интервјуто“ може да биде измама?

Еден од новите трендови е измамниците да се претставуваат како вистински работодавачи на платформи за барање работа. На кандидатите им испраќаат покани за интервју и ги насочуваат да преземат таканаречени апликации за интервју.

Во еден случај во Велика Британија, кандидат бил убеден да преземе апликација која, според анализата на Malwarebytes, можела да инсталира шпионски софтвер.

Овој тип измами е особено опасен затоа што користи елементи што на кандидатот му изгледаат целосно професионално – име на компанија, лого, оглас за работа, комуникација со „регрутер“ и покана за интервју.

Последиците ги чувствуваат и легитимните работодавачи

Проблемот не завршува со кандидатите кои биле измамени. Кога луѓето ќе се соочат со повеќе лажни огласи и лажни регрутери, почнуваат да се сомневаат и во реалните понуди за работа.

Експертите предупредуваат дека кандидатите може да почнат да ги игнорираат вистинските покани за интервју, да се двоумат дали да споделат неопходни информации или целосно да се откажат од процесот ако нешто им изгледа необично.

На тој начин се создава „клима на сомнеж“ во која и компаниите што работат целосно легитимно мора да вложуваат дополнителен напор за да докажат дека навистина стојат зад огласот.

Репутациски ризик за компаниите

Уште еден проблем е злоупотребата на името и брендот на компаниите.

Доколку измамник користи име, лого или дури и идентитет на вистински HR професионалец, негативното искуство може да се поврзе со компанијата – иако таа воопшто не била вклучена во измамата.

За работодавачите ова значи дека заштитата на employer brand повеќе не се однесува само на позитивната комуникација и доброто искуство на вработените. Автентичноста на процесот на регрутација станува дел од employer branding стратегијата.

Што можат да направат HR тимовите?

Компаниите не можат целосно да ги спречат измамите, но можат да направат нивните процеси полесни за проверка.

Неколку практични чекори се:

  • Секој активен оглас да биде објавен и на официјалната веб-страница на компанијата.
  • Комуникацијата со кандидатите да се одвива преку корпоративни e-mail адреси.
  • Да биде јасно наведено доколку компанијата користи надворешна агенција или специфична технологија во процесот на селекција.
  • На кандидатите да им се овозможи едноставен начин за проверка на автентичноста на поканата или контактот.
  • Лажните профили и огласи веднаш да се пријавуваат до платформата на која се објавени.
  • Доколку постои ризик од поголем број измами, компанијата да ги предупреди кандидатите преку официјалната веб-страница и социјалните мрежи.

Довербата станува дел од кандидатското искуство

Во време кога кандидатите сè почесто комуницираат со работодавачите дигитално, довербата станува една од најважните компоненти на кандидатското искуство.

За HR тимовите тоа значи дека транспарентноста, јасната комуникација и можноста кандидатот лесно да провери дали одредена понуда е вистинска, повеќе не се само добра практика туку важен дел од безбедниот и професионален процес на вработување.

Лажниот оглас можеби е создаден за да измами еден кандидат, но последиците може да ги почувствува целиот пазар на трудот. Кога кандидатите ќе престанат да им веруваат на огласите, регрутерите и интервјуата, најголемата загуба не е само за кандидатите туку и за компаниите кои се обидуваат да привлечат квалитетен талент.

Прочитајте и за: HR тренд: Младите одбиваат унапредување иако носи поголема плата

Тагови: HR трендови

Промовирани огласи »

Воведувањето на царините вроди со плод: Нарачките од кинеските платформи се преполовија

🔴Царината од само три евра за мали пакети резултираше со пад на увозот за 30 до 40 проценти

Од 1 јули, Европската Унија воведе царински давачки за мали пакети, особено за оние што доаѓаат од Кина преку платформите како „Тему“, „Шеин“ и „АлиЕкспрес“, а првите резултати се веќе видливи.

Имено, царината од само три евра за мали пакети резултираше со пад на увозот за 30 до 40 проценти. Мерката се однесува на сите пратки со вредност помала од 150 евра, кои досега беа ослободени од царински давачки, пишува „Euronews“. Со години, евтините производи од гореспоменатите платформи пристигнуваа директно во поштенските сандачиња на европските клиенти. Но, Европската Унија одлучи да го ограничува тој бизнис модел, кој беше изложен на критики поради масовниот увоз на облека, гаџети и разни други предмети, а воведувањето царински давачки е само првата мерка.

Влијание врз моменталниот пазар

Француското Министерство за економија објави царински податоци кои покажуваат дека бројот на мали пакети увезени во ЕУ се намалил за 30 до 40 проценти откако данокот стапил на сила. Владата во Париз верува дека ова е доказ оти построгите правила можат да влијаат врз навиките на потрошувачите и да ја намалат доминацијата на пазарот на големите кинески онлајн продавници.

Падот е забележлив и кај резултатите од продажбата на самите платформи:

Temu: Продажбата се намали за дури 50 проценти помеѓу јуни и јули.

AliExpress: Забележан е пад од 37 проценти.

Shein: Забележа нешто помал пад од 15 проценти.

Сепак, овие платформи почнаа да работат со забрзано темпо и да наоѓаат решенија за да избегнат дополнителен пад. Нивниот нов план е да отворат магацин во Полска на крајот од 2026 година, со што би се избегнал дел од царинското оптоварување за стоките што се испорачуваат во рамките на ЕУ.

Зошто ЕУ воведе царински давачки?

Одлуката на Брисел се темели на две клучни причини — заштита на конкуренцијата на пазарот и безбедност на потрошувачите:

Заштита на пазарот: Во текот на 2025 година, во Европската Унија влегле 5,9 милијарди предмети со ниска вредност, што е во просек повеќе од 16 милиони пакети дневно. Ваквиот систем, според ставот на ЕУ, ги ставаше европските трговци во исклучително нерамноправна положба.

Безбедносни стандарди: Истражувањето спроведено во 2025 година покажа дека повеќе од 60 проценти од проверените производи со ниска вредност не се во согласност со европските прописи и безбедносни стандарди. Новите правила им олеснуваат на царинските служби да ги идентификуваат и да ги запрат таквите производи уште на границата.

Привремена мерка и идни чекори

Иако покажа брзи резултати, оваа мерка е привремена и засега претставува само вовед во сеопфатната реформа на царинскиот систем на Унијата, која е планирана за 2028 година.

Се очекува нов чекор да следи веќе во ноември, бидејќи се разгледува воведување дополнителни долгорочни такси за покривање на трошоците за обработка на пакетите.

Тагови: ЕУ Тему царина царински тарифи

Вчитај повеќе вести...
барај огласи за вработување »