Промовирани огласи »

Нови правила за „Hug & Fly“ на скопскиот аеродром од 1 септември 2026

Бесплатното застанување од 10 минути останува, но секое возило ќе може да ја користи зоната „Hug & Fly“ само еднаш во 24 часа.

Патниците и граѓаните кои носат или пречекуваат блиски на Меѓународниот Аеродром Скопје од 1 септември 2026 година ќе треба да ги почитуваат новите правила за користење на зоната „Hug & Fly“. Како што соопшти ТАВ Македонија, и понатаму ќе остане на сила можноста за бесплатно кратко застанување до 10 минути за оставање или преземање патници.

Новината е што едно возило ќе може да ја користи оваа зона само еднаш во рок од 24 часа. Контролата ќе се врши преку автоматско препознавање на регистарските таблички, со цел да се намали задржувањето пред терминалот и да се обезбеди подобар проток на сообраќај, особено во периоди со зголемен број патници.

За оние на кои им е потребно подолго задржување, на располагање останува големиот паркинг пред терминалната зграда, кој располага со 1.200 паркинг-места за автомобили и шест места за автобуси. Од ТАВ Македонија велат дека мерката е воведена за побезбеден и поефикасен пристап до терминалот, а повеќе информации за правилата и цените за подолго паркирање се достапни на официјалната веб-страница на скопскиот аеродром.

Тагови: автобус ТАВ Македонија „Hug & Fly“

Промовирани огласи »

САД привремено ги одложуваат термините за визи во сите амбасади и конзулати

Американската администрација привремено го стопира закажувањето визи ширум светот поради нова обука на конзуларните службеници, во потег што отвора нови прашања за заострената имиграциска политика.

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп привремено го прекина закажувањето термини за кандидати за визи од целиот свет, како дел од ново заострување на имиграциската политика во неговиот втор мандат. Од Стејт департментот соопштија дека во сите американски амбасади и конзулати е започната глобална програма за обука, поради што термините ќе бидат приспособени и одложени.

Засега не е познато колку долго ќе трае обуката, ниту има повеќе детали за нејзината содржина. Според официјалните информации, целта е конзуларните службеници подобро да ги идентификуваат и одбиваат апликантите за кои се проценува дека би можеле да станат зависни од социјална помош во САД, а сите апликации да се разгледуваат „сеопфатно и доследно“. Според „Фајненшл тајмс“, кандидатите кои веќе имале закажани термини добиле електронски известувања дека нивните состаноци се одложени и ќе бидат презакажани.

Овој потег е дел од пошироката имиграциска стратегија на Трамп, која вклучува построги мерки, одземање визи и зелени карти, како и одбивање апликации по различни основи. Иако Белата куќа тврди дека целта е зајакнување на безбедноста, мерките веќе предизвикаа правни и политички реакции. Федерален судија неодамна поништи една од одлуките за суспензија на имигрантски визи за кандидати од 75 земји, додека организациите за човекови права предупредуваат дека ваквите политики создаваат несигурност и можат да доведат до дискриминација.

Тагови: амбасада визи САД

Промовирани огласи »

Три забрани во четири години: Возачите ќе останат без возачка дозвола

Ново правило носи построги санкции за повторувачите на сериозни сообраќајни прекршоци — по три забрани во четири години, следи одземање на возачката дозвола.

Возачите кои во рок од четири години трипати ќе добијат правосилна забрана за управување со моторно возило од иста категорија, ќе останат без возачка дозвола. Новото правило предвидува одземање на дозволата веднаш по третата изречена забрана, со цел да се санкционираат оние кои повторено прават сериозни сообраќајни прекршоци и претставуваат ризик за безбедноста на патиштата.

По одземањето, возачот нема да може веднаш повторно да седне зад волан. За повторно стекнување на правото на управување, ќе треба да помине најмалку една година, по што лицето ќе може повторно да полага возачки испит.

Со новите мерки се испраќа јасна порака дека повторувањето на тешки сообраќајни прекршоци ќе има директни последици. Властите очекуваат правилото да делува превентивно и да ги поттикне возачите посериозно да ги почитуваат сообраќајните прописи, особено кога прекршоците се повторуваат во краток временски период.

Тагови: возачка дозвола казни

Промовирани огласи »

Почнува изградбата на автопатот Скопје–Блаце: Поради сложениот терен ќе има повеќе мостови и тунели на растојание од 10.5 километри

Почнува изградбата на најсложениот и најтешкиот автопат кој, како што изјави директорот на ЈПДП, Коце Трајановски, на мало растојание од само 10.5 километри ќе има бројни тунели, вијадукти, мостови и галерии.

Почнува изградбата на најсложениот и најтешкиот автопат кој на мало растојание од само 10.5 километри ќе има бројни тунели, вијадукти, мостови, галерии на комплексен ридско-планински терен кој ќе биде предизвик и за проектантите и изведувачите, изјави директорот на Јавното претпријатие Коце Трајановски на денешното поставување на камен темелник за започнување на изградбата на втората фаза на автопатот Скопје-Блаце.

Денес не поставуваме само камен-темелник на еден автопат, туку поставуваме темел за побрза, побезбедна и посилно поврзана Македонија со соседите, регионот и Европа. Со отпочнувањето на изградбата на автопатот Скопје – Блаце, од клучката Стенковец до граничниот премин Блаце, во должина од околу 10,5 километри, правиме значаен исчекор кон заокружување на оваа стратешка регионална врска. Со изборот на „Гранит“ за изведувач се создадоа конкретни услови за поставување на овој камен-темелник. Оваа инвестиција е особено значајна затоа што не поврзува со пристаништето во Драч, со Албанија, Црна Гора и Србија преку Косово, рече Трајановски.

Тој уште рече дека финансирањето е обезбедено преку заем од Европската банка за обнова и развој во висина од 167,6 милиони евра, грант од Рамката за инвестиции за Западен Балкан од 30,82 милиони евра, средства од буџетот на ЈПДП за експропријација, како и грант средства за проектантите Hill International и ADT Omega.

Трајановски во својот говор се осврна и на техничките карактеристики на автопатот кој ќе има две коловозни ленти, секоја со по две сообраќајни ленти и лента за застанување, со вкупна ширина од околу 27,5 метри.

Ова е најсложениот и најтешкиот автопат кој на мало растојание од само 10.5 км ќе има бројни тунели, вијадукти, мостови, галерии и кој ќе биде предизвик и за проектантите и изведувачите.  Поради сложениот ридско-планински терен, проектот предвидува изградба на: 5 тунели со лева и десна цевка, 8 мостови, 11 потпатници, 4 галерии, 9 потпорни ѕидови. Рокот на изградба е 4 години, рече Трајановски.

Тагови: автопат Скопје-Блаце

Вчитај повеќе вести...
барај огласи за вработување »