Македонија е подготвена да стане првата земја во регионот што ќе ги исполни обврските за укинување на дополнителните трошоци за роаминг во Европската Унија, најави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски. Во гостување во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21, тој истакна дека граѓаните во иднина нема да плаќаат дополнително за повици, пораки и интернет додека престојуваат во земјите членки на ЕУ.
Андоновски рече дека земјата веќе го завршила својот дел од обврските и го испратила законскиот текст до Европската Унија на мислење, по што следува негово усвојување во Собранието. Иако во меѓувреме пристигнале нови прашања од Брисел, министерот нагласи дека планот останува ист и дека институциите се подготвени да ја финализираат потребната регулатива, со цел балканскиот модел за роаминг да се преслика и во односите со ЕУ.
Осврнувајќи се и на евроинтегративниот процес, Андоновски порача дека државата не се откажува од европскиот пат и продолжува со реформите, но потенцираше дека секој нареден чекор мора да биде проследен со јасни гаранции. Според него, Македонија ги исполнува задачите што ѝ се поставени, додека истовремено инсистира националните интереси да не бидат доведени во прашање.
Тагови: ЕУ Регион роаминг