Од 28 март 2026 година, Грција започна со примена на нов систем на AI камери за сообраќаен надзор, но најголемата промена допрва следува – масовно проширување на системот низ целата земја.
Во моментов камерите функционираат на неколку локации во Атина, како и на дел од градските автобуси, но до летото се очекува поставување на уште околу 1.000 нови камери. Планот е до крајот на годината системот да се прошири и во Солун и на Крит, а вкупниот број на камери да достигне неколку илјади.
Дополнително, во наредниот период ќе бидат поставени и уште 2.500 камери на најкритичните сообраќајни точки, а дел од нив ќе снимаат и од задната страна на возилата, со што ќе се овозможи уште построг надзор.
Паралелно, околу 500 автобуси ќе бидат опремени со камери за следење на злоупотребата на жолтите ленти, што значи дека контролата ќе биде присутна и во движење, не само на фиксни локации.
Надлежните најавуваат дека од 2027 година системот ќе продолжи да се шири и во други региони, а локалните општини ќе можат самостојно да се приклучуваат доколку инвестираат во технологијата.
Целта не е казнување, туку намалување на опасното однесување и подобрување на безбедноста во сообраќајот – велат од институциите.
Системот веќе функционира автоматски – регистрира прекршоци, ги обработува и испраќа казните дигитално за неколку минути, што значи дека избегнувањето на санкции станува практично невозможно.
Со ова, Грција влегува во нова фаза на целосна дигитална контрола на сообраќајот, каде камерите ќе бидат присутни на сè повеќе локации низ земјата.
Тагови: Грција камери