Владата викендов ќе одлучува дали ќе ја продолжи мерката за пониско ДДВ на горивата. Намалувањето од 18 на 10% завршува во понеделник, заедно со попустот кој го добиваат најголемиот дел од бензинските станици.
Премиерот Христијан Мицкоски вели дека добар сигнал е тоа што нафтата на светските берзи вчера паднала на стотина долари за барел, но мора да се почека петок кога ќе заврши тргувањето, па потоа да се прават пресметки која би била цената што ќе ја донесе Регулаторна.
Доколку видиме дека ќе имаме зголемување на цените на безоловниот бензин и на дизелот, тогаш апсолутно дека ќе ја продолжиме таа мерка сè додека трае кризната состојба. Ако продолжи и понатаму, ќе ја продолжиме и кризната состојба и ќе ја продолжиме повторно мерката и ако повторно ескалира, имаме уште алатки на располагање. Се разбира, акцизите, тука се и акцизите, што сè уште ни стојат на располагање. Во овој прв месец во историски најголемата нафтена криза по онаа од 1973 година, односно од седумдесеттите години на минатиот век, ние како држава рефлектираме стабилност и сигурност и план да се справиме со овие предизвици – кажа Мицкоски.
Какви антикризни мерки ќе се скројат, најмногу зависи од тоа колку пари има во државната каса.
Ние оваа година треба да вратиме две и пол милијарди евра, стари долгови направени од претходната влада. Во моментов се врши исплата на т.н. солидарен данок, прва рата, во вредност од 25 милиони евра, од претходната влада. Во моментов ги сервисираме сите оние обврски и недовршени обврски од претходната влада. Во зависност од ресурсите со коишто располагаме, такви мерки и правиме – изјави премиерот.
И покрај ваквата состојба, Македонија е единствената земја во регионот која оваа недела не ги зголеми цените на горивата, рече Мицкоски.
Тагови: гориво мерки ДДВ