Промовирани огласи »

Регулаторната комисија ги објави новите цени на горивата

Погледнете ги новите максимални цени на горивата.

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад донесе одлука за зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,13 проценти во однос на претходната одлука од 27 февруари 2026 година. Одлуката стапува на сила од полноќ, на 3 март 2026 година, од 00:01 часот.

Според пресметките на Комисијата, референтните цени на светските берзи бележат раст кај бензините од 2,977 проценти, кај дизелот од 0,464 проценти, кај екстра лесното масло од 0,370 проценти, додека кај мазутот зголемувањето изнесува 3,965 проценти. Во истиот период, курсот на денарот во однос на доларот е понизок за 0,1035 проценти, што дополнително влијае врз формирањето на крајните цени.

Од полноќ максималните малопродажни цени ќе изнесуваат: ЕУРОСУПЕР БС-95 – 74,50 денари/л, ЕУРОСУПЕР БС-98 – 76,50 денари/л, ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 71,00 денар/л, екстра лесно масло за домаќинство (ЕЛ-1) – 70,00 денари/л и мазут М-1 НС – 35,542 денари/кг. Малопродажните цени на бензините БС-95 и БС-98 се зголемуваат за еден денар по литар, дизелот и екстра лесното масло остануваат со непроменета цена, додека цената на мазутот се зголемува за 1,022 денари по килограм.

Тагови: гориво Регулаторната комисија за енергетика-(РКЕ)

Промовирани огласи »

Заштита на податоци во процесот на регрутација

Приватноста во регрутација: ситница или бомба што чека да експлодира?

Во дигиталната ера, регрутацијата повеќе не се одвива само преку хартиени CV-ја и интервјуа во живо. Компаниите собираат, обработуваат и чуваат голем обем лични податоци – од биографии и мотивациски писма до тестирања, препораки и видео интервјуа.

Токму затоа, заштитата на личните податоци не е само законска обврска, туку и прашање на доверба и репутација.

Кои податоци се обработуваат?

Во процесот на селекција најчесто се обработуваат:

  • Име и презиме
  • Контакт информации
  • Образование и работно искуство
  • Професионални препораки
  • Видео записи од интервјуа

Сите овие информации спаѓаат во категорија лични податоци и мора да се третираат внимателно.

Законска рамка

Во Европа, заштитата на личните податоци е регулирана со General Data Protection Regulation (GDPR), кој поставува строги правила за собирање, обработка и чување податоци.

Во Македонија, оваа област е регулирана со Закон за заштита на личните податоци, кој е усогласен со европските стандарди.

Компаниите имаат обврска:

  • Да собираат само релевантни податоци
  • Да обезбедат јасна согласност од кандидатите
  • Да ги информираат за целта на обработката
  • Да обезбедат сигурно чување на информациите

Ризици во регрутацијата

Најчестите ризици вклучуваат:

  • Испраќање CV-ја преку небезбедни канали
  • Неовластен пристап до бази на податоци
  • Задржување податоци подолго од потребното
  • Користење податоци за друга цел без согласност

Една безбедносна грешка може да доведе до казни, но уште поважно – до губење доверба кај кандидатите.

Како HR одделите можат да се заштитат?

Политика за приватност – Јасно дефинирана и достапна за кандидатите.

Ограничен пристап – Само релевантни лица да имаат пристап до податоците.

Безбедни HR платформи – Користење системи со енкрипција и контроли на пристап.

Рокови за чување податоци – Автоматско бришење по истек на законскиот рок.

Едукација на тимот – HR професионалците треба да бидат свесни за своите одговорности.

Заштитата како дел од employer branding

Кандидатите сè повеќе прашуваат: „Како ќе се користат моите податоци?“

Компанија што транспарентно и одговорно управува со информациите испраќа силна порака за професионалност и етика. Во конкурентен пазар, довербата може да биде клучна предност.

Заштитата на податоци во процесот на регрутација не е само административна формалност – таа е стратешка обврска.

Компаниите што вложуваат во безбедност, транспарентност и усогласеност со законската рамка не само што избегнуваат ризици, туку градат долгорочна доверба со идните вработени.

Прочиајте и за: Како да задржите таленти во време на конкуренција?

Тагови: HR трендови

Промовирани огласи »

Нови правила за половни возила во ЕУ: Што ќе покажуваат налепниците и што сè уште ќе остане скриено?

ЕУ воведува задолжителни налепници за половни автомобили, со цел да им помогне на купувачите при избор на возило на територијата на Европската Унија. Брендовите што нема да даваат точни информации ќе бидат казнувани

ЕУ воведува задолжителни налепници за половни автомобили, со цел да им помогне на купувачите при избор на возило на територијата на Европската Унија. Брендовите што нема да даваат точни информации ќе бидат казнувани.

Налепниците ќе содржат прецизни податоци за емисиите, потрошувачката на гориво, нивото на бучава и досегот кај електричните возила, што ќе им овозможи на клиентите полесно да ги споредуваат возилата преку националните граници. Сепак, и покрај повеќето информации, реалната состојба на возилото останува клучен фактор.

Петар Величковиќ од веб-страницата „Половни автомобили“ за РТС изјави дека ваквите налепници можат да придонесат за поголема транспарентност, но посочува дека, според моментално достапните информации, податоците ќе се однесуваат на фабричкиот тип на возилото, а не на конкретното возило што се продава.

Кога купувачот ќе ја погледне налепницата, ќе ги види податоците за фабричкиот тип на возилото, но нема да може да знае како било управувано тоа возило, дали било редовно сервисирано и дали има скриени дефекти, објасни Величковиќ, додавајќи дека фактичката состојба на возилото и понатаму ќе ја одредува цената.

Борба против манипулација со километражата

Манипулацијата со километражата се издвојува како едно од најважните прашања за купувачите. Според Величковиќ, се најавува систем што треба да спречи „враќање на километражата“, по примерот на решенијата во Белгија и Холандија.

На секој технички преглед, регистрација, па дури и сервис, податоците за километражата ќе се внесуваат во единствена база на податоци. Така, при продажба, ќе може да се провери колку навистина поминал автомобилот, истакна тој, додавајќи дека планот е да се поврзат базите на податоци на земјите-членки на ЕУ.

Манипулацијата со километражата создава сериозен ризик за идниот сопственик, бидејќи не може точно да знае кога е време за сервис, што може да доведе до неочекувани трошоци.

Тагови: автомобили ЕУ повони возила

Промовирани огласи »

Кој навистина профитира од летното сметање на времето? Подолги денови – поголем профит, но и здравствена цена

Оваа година часовниците ќе ги поместиме напред во ноќта меѓу сабота, 28 март и недела, 29 март.

Оваа година часовниците ќе ги поместиме напред во ноќта меѓу сабота, 28 март и недела, 29 март.

Двапати годишно, ритуалот на поместување на стрелките предизвикува лавина дебати за значењето на летното сметање на времето. Иако првичната идеја, родена во средината на Првата светска војна, била благородна и прагматична – заштеда на енергенси како јагленот преку продолжување на дневната светлина – денес овој аргумент речиси целосно ја изгуби тежината. Современите анализи покажуваат дека заштедите од осветлување се занемарливи или се компензираат со зголемена потрошувачка на климатизација во подолгите и потопли вечери.

Вистинската причина за опстанокот на оваа практика лежи на друго место – во билансите и профитите на моќни економски сектори на кои дополнителниот час дневна светлина им носи значителни приходи. Додека граѓаните се борат со нарушени биоритми и изгубениот час сон, одредени индустрии остваруваат добивка.

Трговијата и угостителството – најголеми добитници

Главни двигатели на современото летно сметање на времето се трговијата и угостителската индустрија. Малопродажните синџири и трговските комори долго време ја поддржуваат оваа практика од едноставна причина: луѓето имаат поголема веројатност да трошат пари кога надвор е светло.

Дополнителниот час светлина по работното време ги поттикнува потрошувачите да застанат во продавници, ресторани и кафулиња. За угостителските објекти, особено оние со отворени тераси, подолгите денови значат подолга сезона и поголем промет. Туристичката индустрија исто така има корист, бидејќи посетителите остануваат подолго на отворено и трошат повеќе.

Индустријата за рекреација и спорт бележи сличен ефект. Во САД, според проценки, голф-индустријата остварува дополнителни 200 до 300 милиони долари годишно благодарение на подолгата дневна светлина. Зголемена продажба бележат и производителите на спортска опрема, скара, градинарски мебел и камп-опрема.

Парадоксално, практика воведена за заштеда на енергија денес често доведува до поголема потрошувачка на гориво, бидејќи граѓаните почесто ги користат автомобилите за вечерни активности.

Јавна безбедност и општествени придобивки

Сепак, не може да се каже дека нема и општи придобивки. Статистиките покажуваат намалување на сообраќајните несреќи, особено кај пешаци и велосипедисти, поради подобрата видливост во попладневните часови. Истражувањата укажуваат и на намалување на уличниот криминал, бидејќи криминалците почесто дејствуваат во темнина.

Лобирањето што го обликуваше календарот

Историјата на лобирањето во САД покажува колку комерцијалните интереси можат да влијаат врз календарот. Во 1980-тите, коалиција компании – меѓу кои синџири за брза храна и производители на скара – лобираа за продолжување на летното сметање на времето. Подоцна, индустријата за слатки придонесе поместувањето да трае до првата недела во ноември, за децата да имаат повеќе светлина за Ноќта на вештерките, што значеше поголема продажба.

Цена за подолгиот ден

Профитот за одредени сектори има своја цена. Наглата промена го нарушува циркадијалниот ритам, предизвикува замор, пад на концентрацијата и намалена продуктивност. Економска анализа од 2024 година проценува дека годишните трошоци поврзани со летното сметање на времето во САД достигнуваат 672 милијарди долари, главно поради здравствени компликации и несреќи.

Истражувањата покажуваат зголемен ризик од срцев удар во деновите по пролетната промена, како и пораст на мозочни удари и работни повреди. Понеделникот по промената често се нарекува „поспан понеделник“, со пад на продуктивноста и зголемено губење време на интернет за време на работното време.

Дебатата за укинување на оваа практика станува сè погласна. Одлуката ќе зависи од тоа дали економските интереси ќе преовладаат над грижата за јавното здравје и благосостојба.

Тагови: здравство летното сметање на времето профит

Вчитај повеќе вести...
барај огласи за вработување »