Промовирани огласи »

Задржување на млади кадри: каде компаниите најчесто грешат

Работодавачите се чудат зошто нема лојалност – еве го одговорот!

Во време кога пазарот на труд е сè поконкурентен, задржувањето на млади кадри станува еден од најголемите предизвици за компаниите. Младите не си заминуваат затоа што „не сакаат да работат“, туку затоа што не го гледаат својот развој, вреднување и иднина во организацијата. Еве каде компаниите најчесто грешат.

1. Нејасни можности за развој и напредување

Младите вработени сакаат да знаат каде одат. Кога нема јасна патека за кариерен раст, унапредување или развој на вештини, мотивацијата брзо опаѓа. „Почекај, ќе видиме“ не е стратегија за задржување таленти.

2. Недоволна комуникација и повратна информација

Редовниот фидбек е клучен, особено за младите на почетокот од кариерата. Кога комуникацијата е сведена само на критика или формални годишни разговори, вработените се чувствуваат несигурно и недоволно вреднувани.

3. Фокус само на плата, а не на целокупното искуство

Иако платата е важна, таа не е единствениот фактор. Работната култура, флексибилноста, односот со менаџерите и чувството на припадност имаат огромно влијание. Компаниите што го игнорираат ова, често губат млади таленти.

4. Лошо лидерство и микроменаџмент

Младите сакаат доверба, автономија и поддршка – не постојан надзор. Микроменаџментот создава стрес, го гаси ентузијазмот и испраќа порака дека не им се верува, што е чест повод за отказ.

5. Недостаток на менторство и онбординг

Без соодветна поддршка на почетокот, младите брзо се чувствуваат изгубено. Лош или непостоечки онбординг и отсуство на ментор го зголемуваат ризикот од рано заминување.

6. Игнорирање на work-life балансот

Прекувремена работа, нереални очекувања и постојан притисок се сигурен начин за брн-аут. Младите сè повеќе ја ценат рамнотежата помеѓу приватниот и професионалниот живот – и се подготвени да заминат ако таа не постои.

7. Недоволно слушање на гласот на вработените

Кога идеите, предлозите и проблемите на младите не се слушаат, тие се чувствуваат небитно. Културата на слушање и вклучување е основа за лојалност.

Задржувањето на млади кадри не е прашање на една мерка, туку на целокупен пристап. Компаниите што инвестираат во развој, отворена комуникација и здрава работна култура не само што ги задржуваат младите, туку градат и посилни, поодржливи тимови.

Прочитајте и за: Од HR дигитализација до people analytics: кои нови позиции треба да ги знаат HR професионалците?

Тагови: HR трендови

Промовирани огласи »

Потпишан трипартитен договор за дигитална инфраструктура за примена на Законот за работно ангажирање на лица

УЈП потпиша договор за стабилен и сигурен систем за пресметка и наплата на даноци и придонеси

Во Управата за јавни приходи во Скопје е потпишан трипартитен договор за развој и надградба на веб-сервиси и информациски системи, со кој се воспоставува клучната дигитална инфраструктура за целосна примена на Законот за работно ангажирање на лица. Договорот го потпишаа Министерството за финансии – УЈП како краен корисник на системот за наплата на даноци и придонеси, Центарот за истражување и креирање на политики – ЦИКП Скопје како спроведувач на проектот „Подобри услови за вработување на сезонските работници во Република Северна Македонија“ и УЛТРА ДОО Скопје како изведувач на техничкото и софтверското решение.

Од УЈП истакнуваат дека договорот е пример за функционално партнерство помеѓу јавниот сектор, граѓанското општество и приватниот технолошки сектор, со цел создавање модерен и правично уреден систем на работно ангажирање. Вклучувањето на Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување обезбедува стабилен систем за пресметка и наплата на даноци и придонеси, формализација на работните односи и целосен, интероперабилен механизам за евиденција на пријава и одјава на ангажираните лица, особено сезонските, повремените и привремено вработените.

Со договорот се исполнува законската обврска до 1 јануари 2026 година да се воспостави систем за евиденција на работно ангажирани лица и надградба на системот за наплата на даноци и придонеси, предвидена во член 26 став (3) од Законот. ЦИКП, со поддршка од Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ GmbH), обезбедува усогласеност на решенијата со јавните политики и европските стандарди, додека УЛТРА развива безбедни и интероперабилни веб-сервиси и интеграција на институционалните системи. „Со овој договор државата испраќа порака дека реформите во трудот и јавните финансии се реални и технолошки поддржани, во насока на формална економија, заштита на работниците и фер конкуренција“, стои во соопштението.

Тагови: Министерството за финансии Скопје УЈП

Промовирани огласи »

Што најмногу јаделе и пиеле Македонците во 2025 година?

Се чини најмалку се јаде риба во македонските домаќинства.

Домаќинствата годинава трошоеле во просек 50,8 проценти од домашниот буџет на храна и пијалаци, од кои најмногу за месо, млечни и житни производи, покажуваат податоците од „Статистичкиот годишник на Република Северна Македонија 2025“, на Државниот завод за статистика.

Најмногу во домаќинствата се јадело леб – 172,3 кг и компир – 64 кг, додека говедско, телешко и јунешко месо – 16,9 и риба – 18,4 килограми.

Најмногу се пиеле безалкохолни пијалаци – 181,6 литри и млеко – 73,4 литри.

Над половина од семејниот буџет во 2024 година одел за храна и безалкохолни пијалаци, односно по околу 159.750 денари. За храна домаќинствата во просек најмногу трошеле за месо – 38.397 денари, потоа за млеко, млечни производи и јајца – 30.411 денари, за производи од жито – 25.079 денари, за зеленчук – 21.373 денари, за овошје – 9.932 денари, за шеќер и чоколади – 7.409 денари, други прехранбени производи – 6.375 денари, за масло и маснотии – 5.160 денари, и најмалку за риба – 4.369 денари.

Најмногу се јадело леб – 172,3 килограми и компир – 64 килограми. Во просек на семејната трпеза имало по околу 25 килограми – тестенини и ориз, млеко – 73,4 литри, сирење – 32,4 килограми, 609 јајца, но и чоколади и кекси – 22,7 килограми и шеќер – 19,8 килограми.

Од зеленчук во просек се јадело по 33 килограми домати, 30,4 килограми пипер, 29,5 килограми зелка и 19,2 килограми краставици. Грав – 14,9 килограми, а грашок и боранија 0,7 килограми.

Од овошје најмногу се јадело јужно – 70,2 килограми, потоа бостан – 33,5 килограми и јаболка – 31,4 килограми. Праски и кајсии – 7,8 килограми, круши – 3,8 килограм, грозје – 3,5 килограми и цреши и вишни – 1,5 килограми.

Од месо најмногу на домашната трпеза имало живина – 45,6 килограми, потоа свинско – 23,6 килограми, говедско, телешко и јунешко – 16,9 килограми и овчо и јагнешко – 0,4 килограми. Свежа и замрзната риба домаќинствата во просек изеле по 16 килограми, а преработки од риба – 2,4 килограми.

Од млеко и млечни производи најмногу се консумирало кисело млеко и јогурт – 76,2 кг, потоа пресно млеко 73,4 литри и сирење – 32,4 кг.

Тагови: Македонци семејство трошоци

Промовирани огласи »

Светот ја испраќа старата година, новата 2026 први ќе ја пречекаат Кирибати, а последни Американска Самоа, Бејкер и Хауленд

Новата година први ќе ја пречекаат жителите на пацифичката островска држава Кирибати (во 11 часот по македонско време), а во 2026-та последни ќе влезат Американска Самоа и островите Бејкер и Хауленд (1 јануари во 13 часот по македонско време)

Милиони луѓе во светот на плоштадите во своите градови, во туристичките центри, во кафеани, ресторани, пабови или во семејна атмосфера во домовите ќе ја испратат 2025 и ќе ја пречекаат Новата 2026 година.

Новата година први ќе ја пречекаат жителите на пацифичката островска држава Кирибати (во 11 часот по македонско време), а во 2026-та последни ќе влезат Американска Самоа и островите Бејкер и Хауленд (1 јануари во 13 часот по македонско време).

Тоа значи дека Новата година „патува“ цели 26 часа од првото до последното место на Земјата.

Забави за пречек на Новата година ќе бидат организирани во Скопје и во другите градови низ земјава. Музичката програма во главниот град вечер ќе биде со македонски изведувачи.

Празничната програма „Новогодишна зимска бајка“ во Скопје, денеска ќе трае цел ден, а ќе кулминира вечер на плоштадот „Македонија“.

Градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски ги покани скопјани на плоштадот „Македонија“ на, како што вели, незаборавен дочек на Новата 2026 година, ноќ која повторно ќе го сплоти градот и порачува дека со домашни изведувачи, омилени на публиката, создале „програма што ги поврзува сите генерации“.

Програмата започнува во 19:45 часот со моќниот вокал на Миле Кузмановски, а продолжува со Огнен Здравковски. Следуваат Дина Јашари, легендарните Куку Леле и неповторливата Тамара Тодевска. Кулминацијата ја носат милениците на младата публика Пајак, Лара и Два Бона, додека магичниот момент на пречекот на Новата година ќе го одбележи настапот на Каролина Гочева, најави Ѓорѓиевски во поканата за прослава на новогодишната ноќ во Скопје.

Тагови: градови Свет

Вчитај повеќе вести...
барај огласи за вработување »