Промовирани огласи »

Светот ја испраќа старата година, новата 2026 први ќе ја пречекаат Кирибати, а последни Американска Самоа, Бејкер и Хауленд

Новата година први ќе ја пречекаат жителите на пацифичката островска држава Кирибати (во 11 часот по македонско време), а во 2026-та последни ќе влезат Американска Самоа и островите Бејкер и Хауленд (1 јануари во 13 часот по македонско време)

Милиони луѓе во светот на плоштадите во своите градови, во туристичките центри, во кафеани, ресторани, пабови или во семејна атмосфера во домовите ќе ја испратат 2025 и ќе ја пречекаат Новата 2026 година.

Новата година први ќе ја пречекаат жителите на пацифичката островска држава Кирибати (во 11 часот по македонско време), а во 2026-та последни ќе влезат Американска Самоа и островите Бејкер и Хауленд (1 јануари во 13 часот по македонско време).

Тоа значи дека Новата година „патува“ цели 26 часа од првото до последното место на Земјата.

Забави за пречек на Новата година ќе бидат организирани во Скопје и во другите градови низ земјава. Музичката програма во главниот град вечер ќе биде со македонски изведувачи.

Празничната програма „Новогодишна зимска бајка“ во Скопје, денеска ќе трае цел ден, а ќе кулминира вечер на плоштадот „Македонија“.

Градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски ги покани скопјани на плоштадот „Македонија“ на, како што вели, незаборавен дочек на Новата 2026 година, ноќ која повторно ќе го сплоти градот и порачува дека со домашни изведувачи, омилени на публиката, создале „програма што ги поврзува сите генерации“.

Програмата започнува во 19:45 часот со моќниот вокал на Миле Кузмановски, а продолжува со Огнен Здравковски. Следуваат Дина Јашари, легендарните Куку Леле и неповторливата Тамара Тодевска. Кулминацијата ја носат милениците на младата публика Пајак, Лара и Два Бона, додека магичниот момент на пречекот на Новата година ќе го одбележи настапот на Каролина Гочева, најави Ѓорѓиевски во поканата за прослава на новогодишната ноќ во Скопје.

Тагови: градови Свет

Промовирани огласи »

Како да ја изградите следната фаза од вашата кариера

Од добар вработен до клучен играч во тимот!

Кариерата не е права линија, туку процес на постојан раст, учење и прилагодување. Без разлика дали сакате унапредување, промена на позиција или целосно нов правец, следната фаза од вашата кариера бара свесна одлука и јасна стратегија.

1. Направете искрена проценка каде сте сега

Запрашајте се што ве мотивира, кои вештини ве исполнуваат и што ве исцрпува. Анализирајте ги вашите силни страни, но и областите што треба да ги унапредите. Самосвеста е темел на секој кариерен напредок.

2. Дефинирајте јасна цел

„Сакам да напредувам“ не е доволно конкретно. Поставете си јасна цел: нова позиција, повисока одговорност, подобри услови или работа во друга индустрија. Колку е појасна целта, толку е полесно да го испланирате патот до неа.

3. Инвестирајте во вештини што носат вредност

Следната фаза од кариерата често бара нови знаења. Технички вештини, комуникација, лидерство или управување со време – континуираното учење ве прави поконкурентни и посамоуверени.

4. Изградете професионален имиџ

Вашиот ангажман, одговорност и однос кон работата оставаат впечаток. Бидете проактивни, преземајте иницијатива и покажете дека сте подготвени за повеќе. Истовремено, негувате и онлајн присуство што ја одразува вашата професионалност.

5. Побарајте повратна информација и менторство

Конструктивниот фидбек помага да ги видите работите од друга перспектива. Ментор или поискусен колега може да ви помогне со насоки, искуство и реални очекувања.

6. Бидете подготвени за промени

Комфорната зона е пријатна, но растот почнува надвор од неа. Понекогаш следната фаза значи преземање ризик, нова улога или нова средина. Флексибилноста е клучна вештина на модерната кариера.

7. Следете ги можностите – и создавајте ги

Не чекајте идеалниот момент. Истражувајте огласи, разговарајте со луѓе од индустријата и бидете отворени за нови предизвици. Често, можностите се појавуваат кога сте подготвени за нив.

Следната фаза од вашата кариера не започнува утре – таа започнува со одлуката што ќе ја донесете денес. Со јасна визија, континуирано учење и храброст за промени, можете да ја изградите кариерата што навистина ја сакате.

Прочитајте и за: Што НЕ прават луѓето со висока емоционална интелигенција на работа

Тагови: совети за работа

Промовирани огласи »

Бислимовски ја правда одлуката за покачување на струјата: „Не можеше да се избегне, 'Електрани' мора да застане на нозе“

Tреба да се покаже разбирање за „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ) бидејќи државната компанија, како што вели, мора да застане на здрави нозе, рече претседателот на регулаторна

Последното зголемување на цената на струјата не можеше да се избегне,  вели претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски во интервју за „360 степени“ на МРТ 1. 

Според Бислимовски, треба да се покаже разбирање за „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ) бидејќи државната компанија, како што вели, мора да застане на здрави нозе.

Во тој дел ние каде што ги регулираме цените, во делот на мрежарините, ние ја намаливме цената за пренос и дистрибуција и како збир ја намаливме за 5 отсто бидејќи постоеше простор да ја намалиме. Ја намаливме и цената на МЕПСО, ја намаливме и цената на ‘Електродистрибуција’, ја намаливме и цената на МЕМО. Кај делот на ЕСМ треба сите да покажеме разбирање. Ситуацијата е тешка, ЕСМ работи во загуби и ЕСМ е стожерна компанија во енергетскиот сектор. За ЕСМ дали да опстои или да не опстои, ние немаме сценарио Б. ЕСМ мора да застане на здрави нозе, ЕСМ мора да си го зголеми своето производство на електрична енергија, но и треба полека да го гледаме ЕСМ не само како производна компанија, туку и како компанија која, покрај тоа што произведува електрична енергија, и продава електрична енергија, рече Бислимоски.

На прашањето дали можеа државните електрани да останат на 62 евра за мегават-час, како цена по која досега ја продаваа струјата на универзалниот снабдувач „ЕВН хоум“ и да не ја зголемуваат на 65 евра, Бислимоски рече дека ако останела истата цена, ситуацијата ќе се влошела.

ЕСМ и во 2024, 2023, 2022 и 2021 ги заврши годините со загуби. Сега не знам како беше, можеби во 2023 или 2024 прикажа одредена добивка, но тоа беше пред сѐ поради трансферите што се правеа од државниот буџет. Значи, да останеше истата цена, ситуацијата уште повеќе ќе се влошеше. ЕСМ го презема ризикот да ја обезбеди електричната енергија за потребите на домаќинствата по 65 евра, а реално неговата производна цена е помеѓу 90 и 100 евра за мегават-час. Значи, од старт ЕСМ, за да обезбеди околу три милијарди и 200 милиони киловат-часови, работи со загуба. Дополнително, ЕСМ продава електрична енергија и на ‘Електродистрибуција’ за покривање на загубите, тоа се околу 800 милиони киловат-часови, но таму цената е 105 евра за мегават-час. Значи, таму каде што му е најголемата продажба, таму се најголемите загуби. И сега, да останеше 62 евра, уште повеќе финансиските загуби во ЕСМ ќе се зголемуваа, така што треба да му дадеме шанса на ЕСМ полека финансиски да закрепнува и мислам дека тоа ќе се случи во наредниот период, вели претседателот на РКЕ.

Тагови: ЕСМ Марко Бислимовски поскапува струјата

Промовирани огласи »

Готово, од 1 јануари, еврото станува национална валута

Со ова проширување, бројот на граѓани што го користат еврото ќе надмине 350 милиони

Бугарија официјално го усвојува еврото како национална валута на 1 јануари, станувајќи 21-ва членка на еврозоната, откако ги исполни сите формални критериуми оваа година, вклучувајќи ја инфлацијата, буџетскиот дефицит, долгорочните каматни стапки и стабилноста на девизниот курс.

Приклучувањето кон еврозоната претставува важен институционален и економски чекор за земјата со 6,7 милиони жители, која е членка на Европската Унија од 2007 година, објави Ројтерс.

Освен што ќе го замени левотот со евро, Бугарија ќе добие и место во Советот на гувернери на Европската централна банка, што ќе ѝ овозможи директно учество во одлуките за монетарната политика.

За бизнис секторот во Бугарија, особено за компаниите што работат во странство, преминот кон еврото носи намалени трансакциски трошоци, елиминирање на конверзијата на валути и поедноставно фактурирање.

Бизнисмените истакнуваат дека новата валута ќе ја зголеми транспарентноста на цените, ќе ја олесни трговијата и ќе ја подобри инвестициската привлечност на земјата.

Сепак, некои Бугари се загрижени за можно зголемување на цените и политичка нестабилност, особено откако владата во Софија поднесе оставка овој месец поради протестите против предложеното зголемување на даноците.

Анкетите на јавното мислење покажуваат дека општеството е поделено по прашањето за усвојување на еврото, додека деловната заедница силно го поддржува влезот во еврозоната.

Државните институции веќе започнаа со подготовките за транзицијата, при што цените во продавниците низ Софија се прикажани и во лева и во евра, додека владините кампањи и медиумските реклами ги информираат граѓаните за фиксниот девизен курс и техничките аспекти на размената на валута.

Аналитичарите предупредуваат дека постарото население, особено во руралните области на Бугарија, би можело да има тешкотии да се прилагоди на европската валута.

Бугарија ќе се приклучи на еврозоната три години по Хрватска, која го воведе еврото во јануари 2023 година.

Со ова проширување, бројот на граѓани што го користат еврото ќе надмине 350 милиони, што дополнително ќе ја зајакне улогата на заедничката валута како еден од клучните столбови на европската економска интеграција, додава британската агенција.

Тагови: Бугарија евро

Вчитај повеќе вести...
барај огласи за вработување »