Меѓународното училиште НОВА Скопје е првото меѓународно училиште во нашатa држава и во своето долгогодишно успешно работење континуирано ги поставува стандардите на модерна, иновативна и вредносно ориентирана организација.
Во рамките на програмата за поддршка на вработените, се организираат повеќе настани и активности за градење тим, а еден од нив е Family Festival, којшто оваа година ќе се одржи на 10-ти мај во сабота, на училишниот кампус. Настанот којшто овој пат се одржува по 14-ти пат, претставува вистинска семејна прослава и нуди разновидна забава за сите генерации: презентација на 15 различни интернационални кујни, лотарија со вредни награди, музички точки од учениците и концерт, мини зоолошка градина, замоци за скокање и разни видови игри.
„Преку организирање на овој фестивал, значително придонесуваме кон јакнење на меѓусебните односи, градење силно чувство на заедништво и припадност, како меѓу вработените, така и во рамките на нашата широка меѓународна заедница“, велат од училиштето.
Покрај забавниот карактер на настанот, фестивалот традиционално вклучува и хуманитарна компонента по којашто училиштето е препознаено. Оваа година организациониот одбор на настанот, Асоцијатата на родители и наставници, одлучи дел од средства да им бидат донирани на погодените семејства од несреќата во Кочани.
Во изминатите години, собраните средства на настанот беа наменети и за Клиниката за педијатриска хематологија и онкологија при Универзитетската детска клиника; Домот за деца без родители „11 Oктомври“ во Скопје; Државното училиште за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“, Заводот за ментално здравје на деца и младинци (ЗМЗДМ) „Младост’’, подобрување на условите во интернатот во с. Драгоманци, како и за основното училиште ,,Браќа Миладиновци“ од Куманово за деца со атипичен развој итн.
Настанот е отворен за јавноста и со задоволство ги покануваме сите заинтересирани да ни се придружат во прославата, исполнета со смеа, забава и хуманост. Неговата меѓународна природа овозможува автентично доживување на различни култури, а хуманитарниот аспект буди гордост и задоволство од придонесот кон општественото добро.
Тагови: Меѓународни училишта НОВА Скопје