Која е Марија Роглева? Раскажи ни нешто повеќе за себе
Јас сум Марија Роглева и имам 21 година. Родена сум во Гевгелија, а по потекло сум од градот Богданци. Мојата страст кон уметноста и дизајнот ја поседувам уште од рана возраст. Додека бев основно училиште секогаш го преферирав предметот ликовно и уживав во изработката на цртежите и скиците.
 (15) - Copy 3.webp)
Од каде дојде желбата токму оваа област да ја студираш и каков ти беше процесот да стигнеш до тој момент?
По завршувањето на основното училиште започнав со изучување на уметноста и модниот дизајн во ,,ДСЛУД Лазар Личеноски” – Скопје, на смерот дизајн на текстил и облека. Таму се стекнав со многу знаење и нови вештини кои континуирано ги употребувам во моите творби. Моментално сум студент на Факултетот за арт и дизајн при Европски универзитет - Скопје, исто така на насоката за моден дизајн. Во текот на изминативе седум години активно цртам и креирам во сферата на модата и уметноста.
Во слободно време работам како модел, а тоа повторно ме доближува до модата. Имам ангажмани како модел на реклами и учество како манекенка на повеќе ревии на територијата на нашата држава.

Кога и како ја откри твојата љубов кон уметноста и дизајнот? Имаше ли некој или нешто што те инспирираше?
Мојата љубов кон уметност ја открив уште од мали нозе. Кога бев дете, цртањето секогаш ми беше омилениот дел од денот. Во моите средношколски денови често се случуваше да цртам од 10 до 13 часа дневно, и со тоа ги подобрував моите цртачки вештини. Креативноста природно се развиваше во процесот на скицирање и дизајнирање на нови идеи. На факултетот, освен на часовите, креативноста ја развивам и преку учеството во проекти, модни ревии, изложби, работилници и конкурси. Во текот на мојот творечки развој имам поддршка од целата моја фамилија и од најблиските роднини.
Како дојде до учество на работилницата на Pierre Cardin во Париз?
Конкурсот објавен од страна на модната куќа ,,Пјер Карден” за студенти по моден дизајн ни го сподели нашата професорка проф. д-р Гордана Вренцоска. Главната награда на овој конкурс е неколкумесечна работна пракса во модната куќа за тројца студенти од Европа. Јас уште од самиот почеток бев заинтересирана во врска со конкурсот и одвоив долг пременски период за да ја подготвам мојата апликација. Подготовката на мојата апликација започна со истражување на идентитетот на брендот ,,Пјер Крден”. Потоа започнав со скицирање на брзи и рачни скици кои што ми послужија за инспирација за финалната модна илустрација. Финалните цртежи ги изработив во апликацијата Adobe Photoshop и Illustrator, заедно со колорната карта, текстилната карта и колажот за инспирација.
Откаков аплицирав, после извесен период ми пристигна позитивен одговор од модната куќа ,,Pierre Cardin”, заедно со покана за учество во полуфиналната работилница во Париз. Работилницата, која беше предводена од дизајнерскиот тим на модната куќа, се одвиваше на 17-ти и 18-ти мај во одлична и професионална атмосфера. Се запознав со вработените, а исто така развив контакти и со останатите студенти - учесници на работилницата.
Какво беше искуството во Париз? Што научи таму што би го пренела во својата работа тука?
Искуството беше незаборавно, и ќе ми остане како значаен спомен. По завршувањето на работилницата бев на караток состанок со директорот на модниот бренд Родриго Бразиликати Карден и со дизајнерскиот тим. Таму разговаравме во врска со моите дизајни и скици, и тие беа позитивно изненадени од мојот труд. Јас исто се надевам на позитивен исход од моето учество во ова натпреварување.
Која е твојата порака до сите млади кои се двоумат дали да тргнат по патот на креативноста и дизајнот?
Мојата препорака кон младите е доколку имаат страст кон уметноста или дизајнот да не се двоумат, туку да превземат ризик и да се трудат за постигнување на успех на тоа поле. Уметноста е дел од нас, треба да ја негуваме со нашето творештво и со желбата за разубавување на светот околу нас. Да се биде дел од сферата на модната индустрија е голем предизвик, потребно е да се има зацртана цел и план за остварување на истата таа цел. Со заложба и труд можат да се постигнат многу нешта.