Професионалните контакти можат да ви помогнат да дознаете за нови можности, да научите нешто од поискусни луѓе и полесно да се поврзете со професионалци од вашата област. Но, networking-от не значи само да имате што повеќе луѓе во листата на контакти. Вистинската вредност е во квалитетот на односите што ги градите.
Еве пет грешки што често го отежнуваат градењето професионална мрежа.
1. Им се јавувате на луѓето само кога нешто ви треба
Една од најчестите грешки е контактот да се појави само кога барате работа, препорака или услуга. Ако некому првпат му пишувате по две години со порака: „Здраво, дали знаеш дали кај вас има слободно работно место?“ може да изгледа како да се интересирате за човекот само затоа што моментално ви е потребен.
Многу подобар пристап е да одржувате повремена комуникација и кога немате конкретно барање. Честитка за нова позиција, интересен разговор или кратка порака по заеднички настан понекогаш се доволни за да останете во контакт.
2. Се обидувате да запознаете што повеќе луѓе
Поголема листа на контакти не значи автоматски посилна професионална мрежа. Може да имате стотици или илјадници контакти, а со мал дел од нив никогаш да не сте разговарале. Наместо да собирате имиња, размислувајте за тоа со кого сакате да изградите професионален однос.
Тоа можат да бидат колеги од индустријата, луѓе од компании што ве интересираат, ментори, поранешни колеги или професионалци од области што сакате да ги запознаете подобро.
3. Премногу брзо барате услуга
Запознавањето со некого не значи дека веднаш треба да побарате препорака, работа или воведување кај друга личност. Ако сте се запознале вчера, а денес испраќате долг список на барања, односот лесно може да стане едностран. Прво изградете основа за комуникација. Покажете интерес, слушајте и оставете односот природно да се развива. Networking-от е градење односи, а не размена на услуги.
4. Само зборувате за себе
Добриот networking не е едноминутен монолог за вашето искуство. Ако во секој разговор зборувате само за вашата работа, вашите успеси и вашите планови, пропуштате можност да дознаете нешто за другата личност.
Поставете прашања: „На што работите во моментов?“ „Како се смени вашата индустрија во последните години?“ „Која вештина ви беше најкорисна во кариерата?“
Понекогаш најдобар начин да оставите впечаток е едноставно да бидете добар соговорник.
5. Престанувате да комуницирате откако ќе се запознаете
Размената на визит-картички или LinkedIn контакт е само почеток. Ако никогаш повторно не се јавите, односот најверојатно ќе остане на ниво на едно запознавање. Не мора да испраќате пораки секоја недела. Доволно е повремено да споделите релевантна информација, да честитате за професионален успех или да продолжите разговор што сте го започнале.
Добрата професионална мрежа се гради со време, а не со еден разговор.
Networking-от не е натпревар
Градењето професионални контакти не треба да биде трка во која победува оној со најмногу познаници. Вредните контакти се создаваат преку доверба, почит и взаемна комуникација.
Не размислувајте само: „Што можам да добијам од оваа личност?“ Прашајте се и: „Каква вредност можам јас да донесам во овој однос?“
Кога networking-от ќе престане да биде само средство за добивање можности и ќе стане вистинско градење односи, професионалната мрежа почнува да има многу поголема вредност.
Прочитајте и за: 5 совети како да изградите личен бренд на LinkedIn
Тагови: совети за работа