Правото не е само област во која се решаваат спорови и проблеми, туку важен дел од секојдневното функционирање на поединците и компаниите. Навремената правна поддршка, познавањето на сопствените права и правилното управување со правните ризици можат да направат значителна разлика во професионалниот и деловниот развој.
Во новата епизода на нашиот подкаст НА КАДЕ ОДИМЕ?, како гостинка ја имаме Маја Гошевска Димитрова, адвокатка, чиј професионален пат започнува во 2014 година, а во 2022 година таа одлучува да направи значаен чекор во кариерата и да започне со работа преку сопствена адвокатска канцеларија.
Во разговорот, Маја ги споделува предизвиците со кои се соочила при започнувањето на сопствената адвокатска практика, одговорноста што ја носи професијата и важноста на донесувањето правилни одлуки во ситуации кога од правната процена зависат интересите на други луѓе и компании.
Посебно внимание посветуваме на работничките права, работните односи и договорите, област во која често се појавуваат недоразбирања и пропусти, како кај работодавачите, така и кај вработените. Разговараме и за важноста на превентивната правна заштита и зошто е важно правните прашања да се решаваат навреме, пред да прераснат во посериозен проблем.
Дополнително, отвораме тема за заштитата на интелектуалната и индустриската сопственост, значењето на трговските марки и свесноста на македонските претприемачи за заштита на сопственото име, бренд и идеи.
Во време кога вештачката интелигенција и технологијата сè повеќе навлегуваат во правната професија, разговараме и за новите можности и ризици, како и за вештините што ќе бидат особено важни за адвокатите во иднина.
Епизодата ја заокружуваме со лична перспектива за професионалниот развој, амбициите, личниот успех и лекциите што Маја би сакала да им ги пренесе на оние кои допрва го започнуваат својот професионален пат.
Погледнете ја новата епизода:
Тагови: НА КАДЕ ОДИМЕ Маја Гошевска Димитрова адвокат