Македонија подготвува нов модел за наплата на патарини, според кој возачите ќе плаќаат точно онолку колку што поминале на автопат, без запирање на наплатните рампи и без чекање во колони. Министерството за транспорт работи на законско решение што треба да биде претставено во декември, а во неговата подготовка ќе бидат вклучени и европски експерти.
Според најавите на министерот Александар Николоски, новиот систем треба да донесе поправедна наплата, особено за возачите што користат пократки делници. Како пример беше посочена патарината кај Смоквица, каде што денес ист износ плаќаат и возачите што патуваат кратко и оние што минуваат значително подолга релација. Со новиот модел, цената ќе се пресметува според реално поминатата километража, што би значело и пониски трошоци за дел од граѓаните.
Првата примена на системот е планирана на автопатот Кичево – Охрид, кој според најавите треба целосно да биде пуштен во сообраќај во мај. Потоа, електронската наплата би можела постепено да се прошири и на другите автопатски делници во земјата. Иако сè уште нема точен датум за старт на новиот начин на наплата, властите очекуваат тој да придонесе за побрз сообраќај, помалку гужви и поголема безбедност на патиштата.
Тагови: Александар Николоски патарини