Крајот на годината е период кога многу вработени проверуваат колку денови од годишниот одмор им останале. Но, дали неискористените денови пропаѓаат на 31 декември или можат да се пренесат во следната година?
Според член 141 од Законот за работните односи, годишниот одмор по правило се користи во текот на календарската година, но може да се користи и во два дела. Работодавачот е должен да му овозможи на работникот да искористи најмалку 12 работни дена до крајот на тековната година, додека преостанатите денови може да се искористат најдоцна до 30 јуни наредната година.
Тоа значи дека неискористените денови од годишниот одмор за 2026 година, под законските услови, може да се искористат најдоцна до 30 јуни 2027 година.
Што ако не сте можеле да го искористите одморот поради боледување или породилно отсуство?
Законот предвидува посебна можност и за работниците кои не успеале да го искористат годишниот одмор поради боледување или повреда, породилно отсуство или отсуство за нега и чување на дете. И во овие случаи неискористениот одмор може да се искористи до 30 јуни наредната година.
Дали неискористениот годишен одмор може да се исплати во пари?
Годишниот одмор е законско право на работникот и не може едноставно да се замени со паричен надоместок додека трае работниот однос.
Исклучок постои при престанување на работниот однос: работникот има право на надоместок за неискористениот дел од годишниот одмор доколку претходно побарал да го користи, работодавачот не му го овозможил тоа, а работниот однос престанал не по негова вина и волја.
Затоа, доколку ви останале денови од годишниот одмор за 2026 година, проверете ја вашата евиденција и навреме договорете го нивното користење со работодавачот.
Тагови: боледувања годишен одмор Законот за работните односи работници работнички права