Воведувањето вињетки во Македонија би значело значително зголемување на трошоците за возачите, изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски. Според него, студија покажала дека повеќе од 70 проценти од возилата во земјава не излегуваат од општината во која се регистрирани, што значи дека автопатите и експресните патишта ги користат најмногу 30 проценти од возачите. Во таков случај, задолжителна вињетка би плаќале и граѓани кои речиси воопшто не ја користат оваа патна инфраструктура.
Николоски посочи и дека значителен дел од приходите од патарини доаѓа од меѓународниот транзит, имајќи предвид дека Македонија се наоѓа на Коридорите 8 и 10. Само по Коридорот 10, според министерот, годишно поминуваат околу 10 милиони патници, односно речиси 4,5 милиони возила. Токму затоа, сегашниот систем овозможува трошокот да го сносат оние што навистина ги користат автопатиштата, вклучително и странските возачи.
Иако Владата засега не планира општо воведување вињетки, Николоски остави можност за посебни решенија за компании и вработени кои секојдневно патуваат по автопат. Тој оцени дека ваквата идеја е добра и најави дека може да се разговара со Јавното претпријатие за државни патишта, но засега нема конкретна мерка или модел за поевтино користење на автопатите за оваа категорија граѓани.
Тагови: Александар Николоски патарини вињетки