Јана Трпковска: „Не чекајте сè да биде совршено за да започнете

Од студентка на ФИНКИ до сопствен бренд за рачно изработени свеќи

Кој стои зад Lit Candle? Претставете ни се накратко и раскажете ни ја приказната зад вашиот бренд. Како започна сè?

Јас сум Јана Трпковска, основач на Lit Candle, мал бренд за рачно изработени декоративни и миризливи свеќи, кој го започнав во 2021 година.

Покрај мојата љубов кон креативноста, доаѓам и од светот на информатиката. Студирам на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), каде што моментално работам на дипломската работа.

Lit Candle започна како мој креативен проект, а денес е дел од моето секојдневие веќе речиси шест години. Низ годините имав можност да експериментирам, да учам, да запознавам прекрасни луѓе и да бидам дел од многу нивни посебни моменти.

Она што особено ме радува е што Lit Candle денес не се ограничува само на изработка на свеќи. Покрај персонализираните подароци и поголемите нарачки, организирам креативни работилници, изработувам корпоративни подароци и соработувам со други бизниси.

Како се роди идејата да започнете со изработка на свеќи?

Отсекогаш ме привлекувале креативните работи и можноста нешто да создадам со свои раце.

Кај свеќите особено ми беше интересно што можат да имаат толку различни форми, бои и мириси. Не мора да бидат само класични свеќи, туку можат да изгледаат како десерти, пијалаци, цвеќиња и уште многу други работи.

Така започнав да експериментирам со различни идеи и техники. Со секоја нова изработка добивав желба да пробам нешто поинакво, а со текот на времето почнаа да пристигнуваат и сè поинтересни барања од клиентите.

Мислам дека токму таа слобода постојано да создавам нешто ново е причината поради која и денес уживам во оваа работа.

Дали се сеќавате на првата свеќа што ја изработивте? Како изгледаше и какво чувство имавте кога ја создадовте?

Да, многу добро се сеќавам! Мојата прва свеќа беше инспирирана од коктелот Mojito, со мирис на ванила.

И денес ми е посебно драга, бидејќи токму со неа започна целата приказна на Lit Candle.

Се сеќавам колку ми беше интересно што од неколку материјали и една идеја можев да создадам нешто толку поинакво со свои раце. Тоа чувство ме мотивираше да продолжам да експериментирам со нови форми, бои и техники.

Кога денес ќе ги погледнам моите први изработки и ќе ги споредам со сегашните, ми е навистина убаво да видам колку сум напредувала и колку многу сум научила низ годините.

Од каде ја црпите инспирацијата за дизајнот, боите и формите на вашите свеќи? Дали најчесто се водите од сопствените идеи или од желбите на клиентите?

Би рекла дека е комбинација од двете. Инспирација можам да пронајдам буквално насекаде, од интересни форми и комбинации на бои до некој детаљ во секојдневието што ќе ми привлече внимание.

Но, морам да признаам дека клиентите често ми носат идеи на кои можеби самата никогаш не би помислила.

Некогаш добивам фотографија или многу конкретна замисла, а некогаш клиентот само ми кажува за кого е подарокот, што сака таа личност и ми дава слобода сама да осмислам нешто.

Особено уживам кога ќе ми кажат: „Не знам дали е возможно, ама имам една идеја…“ Тогаш најчесто започнуваат најинтересните проекти.

Многу ми значи довербата што ми ја даваат клиентите, особено кога станува збор за подарок за некој нивен близок. Секогаш се трудам да внесам нешто лично, за готовата свеќа да биде повеќе од обичен производ.

Кој дел од процесот на изработка ви е најинтересен, а кој ви претставува најголем предизвик?

Најинтересен ми е моментот кога идејата почнува да добива форма. Уживам во комбинирањето бои, изработката на различни детали, декорирањето и целиот процес во кој постепено се создава финалниот изглед.

Посебно ми е убаво кога работам на нешто што претходно никогаш не сум го изработувала, бидејќи секој нов предизвик ми дава можност да научам нешто.

Од друга страна, рачната изработка бара многу трпение и прецизност. Понекогаш нешто што изгледа многу едноставно на фотографија бара повеќе обиди, корекции и време отколку што луѓето можеби претпоставуваат.

Но, кога на крајот ќе го видам готовиот производ, особено кога ќе добијам убава реакција од клиентот, целиот вложен труд вреди.

Кога некој ќе нарача свеќа од вас, зад неа често стои посебна пригода или емоција. Дали имате нарачка или приказна од клиент што особено ви останала во сеќавање?

Низ годините имало навистина многу нарачки што ми останале во сеќавање и секоја од нив ми е драга на свој начин.

Особено ја паметам мојата прва голема нарачка во серија. Тоа беа шарени мачиња изработени како роденденски подарочиња. Тоа беше едно од искуствата што ми покажаа колку различни идеи можат да се реализираат преку свеќите.


 

Но, една од најпосебните нарачки за мене беше свеќата што ја изработив по идеја на едно момче кое сакаше да ја изненади својата вереница по повод завршувањето на нејзината специјализација по неврологија.

Неговата замисла беше да создадеме нешто уникатно, поврзано со нејзината професија. Така настана свеќата со розови мозочиња и натпис „You’re One in a Myelin!“, мала игра на зборови поврзана со неврологијата.

Ми беше навистина интересно да ја реализирам идејата, но уште повеќе ми значеше вниманието и љубовта што стоеја зад самиот подарок.

Искрено, токму ваквите приказни се причината поради која толку многу ја сакам оваа работа. Некој доаѓа кај мене со своја замисла, а јас добивам можност да ја претворам во нешто што ќе израдува друга личност.

Што би им порачале на сите што имаат креативна идеја и сакаат да започнат сопствен мал бизнис, но сè уште се двоумат да го направат првиот чекор?

Би им порачала да не чекаат сè да биде совршено за да започнат.

Кога започнувате нешто свое, нормално е да не знаете сè однапред. Ќе има грешки, неуспешни обиди, моменти на сомнеж и ситуации во кои ќе мора сами да пронајдете решение.

Но, токму низ тие искуства најмногу се учи.

Исто така, мислам дека е важно да се знае дека зад еден мал бизнис стои многу повеќе работа отколку што се гледа на социјалните мрежи. Покрај создавањето на производите, тука се комуникацијата со клиентите, набавките, планирањето, фотографирањето, пакувањето, организацијата и многу други обврски.

Затоа, ако имате идеја во која навистина верувате, започнете со она што го имате и дозволете си да учите по пат.

Lit Candle е познат по персонализираните изработки. За кои пригоди најчесто ги изработувате вашите свеќи и колку клиентите можат да учествуваат во нивниот дизајн?

Можеби токму ова е делот што најмногу сакам луѓето да го запознаат. Со Lit Candle не мора да изберете само нешто што веќе сте го виделе на мојот профил.

Многу често изработувам свеќи по конкретна замисла на клиентот, за различни поводи: родендени, дипломирања, годишнини или едноставно како подарок за некој што ни е драг. Посебно место имаат и нарачките за свадби, крштевки и други прослави, каде што свеќите се изработуваат како персонализирани подарочиња за гостите. Од нежни цветни свеќички за свадба до мечиња за крштевка, секоја нарачка ја приспособувам според темата, боите и желбите на клиентот.

Изработувам и цветни букети од свеќи, декоративни аранжмани и најразлични модели што можат да бидат убав подарок за речиси секоја пригода.

Она што секогаш сакам да го нагласам е дека не мора да имате целосно осмислена идеја пред да ми пишете. Понекогаш е доволно само да ми кажете за кого е подарокот или за каква пригода станува збор, па заедно да создадеме нешто посебно.

Покрај индивидуалните нарачки, Lit Candle изработува и корпоративни подароци. Што можат да очекуваат компаниите што би сакале да соработуваат со вас?

Да, и ова е дел од мојата работа што би сакала уште повеќе да го развивам.

Изработувам корпоративни подароци за компании, нивните вработени, клиенти и деловни партнери. Во зависност од идејата, свеќите можат да бидат персонализирани со лого, порака, бои, декоративни детали и пакување што одговара на брендот.

Особено се актуелни нарачките за Нова година, 8 Март и други деловни пригоди, кога компаниите сакаат да им покажат внимание на своите вработени и соработници.

Немам фиксен минимум за корпоративни нарачки. Секоја идеја ја разгледуваме индивидуално, во зависност од количината, дизајнот, буџетот и рокот за изработка.

Бидејќи се приближуваат новогодишните празници, би сакала да ги охрабрам компаниите што размислуваат за вакви подароци да ми се обратат навреме. Сите свеќи се изработуваат рачно, па раниот договор ми овозможува да ја разработам идејата без брзање и да посветам внимание на секој детаљ.

Многу ми е интересно кога подарокот е нешто што навистина го претставува брендот и е создадено специјално за него.

Организирате и креативни работилници за изработка на свеќи. За кого се наменети и дали можат да бидат дел од приватни и корпоративни настани?

Работилниците се еден од најубавите делови од Lit Candle и нешто што навистина ме исполнува.

Она што најмногу ми се допаѓа е што луѓето не доаѓаат само да научат нешто ново, туку и да поминат убаво време, да се дружат и да ја покажат својата креативност.

На работилниците учесниците сами ги изработуваат своите свеќи, избираат бои, мириси и декорации и на крај си заминуваат со нешто што го создале со свои раце.

Работилниците се наменети за деца од 7 години па нагоре, тинејџери и возрасни, без горна возрасна граница. Можат да учествуваат и помали деца, но со присуство и помош од родител. Покрај работилниците што самостојно ги организирам, можам да подготвам и работилница за приватна група, роденден, моминска вечер, семејна прослава или друга посебна пригода.

Особено интересна можност се и корпоративните тим-билдинг работилници. Сметам дека е прекрасна идеја колегите да се дружат во поинаква атмосфера, заедно да научат нешто ново и секој да си понесе своја рачно изработена свеќа како спомен.

Работилницата може да се организира во просторот на компанијата или клиентот, но и во претходно договорен локал. Темата и концептот ги договараме според пригодата и учесниците.

Едно од поновите и особено драги искуства ми беше учеството на ретритот организиран од dm, каде што имав можност да одржам тематски работилници за изработка на свеќи инспирирани од чоколадо, а најубав дел ми беше да ја видам нивната креативност и возбудата додека ги изработуваа своите свеќи.

Ваквите искуства дополнително ме мотивираат да организирам работилници и како дел од поголеми настани, корпоративни дружења и тим-билдинг активности.

А за сите што би сакале да присуствуваат на некоја од следните работилници, веќе подготвувам нова за сабота, 14 ноември! Повеќе детали за темата, локацијата и начинот на пријавување наскоро ќе објавам на Instagram-профилот @lit_.candle, па ги поканувам сите заинтересирани да ме следат таму.

Досега сте реализирале интересни соработки со други бизниси. Кои искуства особено ви останале во сеќавање и дали сте отворени за нови соработки?

Многу ми се драги соработките со други бизниси, бидејќи ми даваат можност да создадам нешто поинакво од вообичаените изработки.

Досега сум имала прекрасни искуства со Dust Café, Mambo и Tai Boba Tea. Секоја соработка беше различна и интересна на свој начин.

Посебно ми е убаво кога заедно со друг бизнис ќе осмислиме свеќа што е поврзана со неговиот концепт, атмосфера или производи. На тој начин можеме да создадеме нешто уникатно, кое ќе им биде интересно и на нивните посетители.

Би сакала во иднина да реализирам уште повеќе вакви соработки, не само со кафулиња, туку и со хотели, спа-центри, салони за убавина и други локални брендови.

Верувам дека персонализираните свеќи можат да бидат убав декоративен детаљ во некој простор, производ создаден специјално за одреден бренд или подарок со кој еден бизнис ќе ги изненади своите клиенти.

Секогаш сум отворена за нови идеи и предлози. Најинтересно ми е што секоја соработка може да биде сосема различна, а понекогаш токму од еден обичен разговор се раѓа најубавата идеја.

Кои се вашите планови за Lit Candle во иднина?

Имам навистина многу идеи и желби што би сакала постепено да ги реализирам.

Пред сè, сакам да продолжам да создавам нови колекции, да експериментирам со различни дизајни, форми и техники и постојано да внесувам нешто ново во Lit Candle.

Би сакала брендот да продолжи да расте, моите изработки да стигнат до уште повеќе луѓе, а понудата да стане уште поразновидна.

Паралелно работам и на дигиталната страна на Lit Candle. Бидејќи студирам информатика, сакав да го искористам и моето знаење од таа област, па развивам сопствен веб-каталог преку кој клиентите во иднина ќе можат полесно да ги разгледуваат производите и можностите за персонализација.

Мислам дека токму спојот на креативноста и технологијата ми отвора многу интересни можности за понатамошен развој.

Сакам Lit Candle да продолжи да расте, но притоа да го задржи она што ми е најважно од самиот почеток, а тоа е личниот пристап, креативноста и вниманието кон секоја нарачка.

И за крај, што би сакале луѓето да почувствуваат кога ќе добијат свеќа изработена од вас?

Пред сè, би сакала да почувствуваат дека некој навистина се потрудил да создаде нешто посебно за нив.

Особено кај персонализираните нарачки, најубаво ми е кога подарокот има некој детаљ, порака или значење што само личноста што го добива може целосно да го разбере.

Ако мојата свеќа успее да измами насмевка, да изненади некого или да остане убав спомен од некој посебен ден, тогаш знам дека целиот труд имал смисла.

И токму тоа е она што би сакала да продолжам да го создавам преку Lit Candle.

Тагови: бизнис идеи креативност Јана Трпковска Lit Candle

Најди работа во Битола!

Најнови огласи за работа во Битола!

Денес ви ги претставуваме најатрактивните и најпосетуваните огласи за работа во Битола на KARIERA.mk. Доколку сте во потрага по нова професионална можност, токму меѓу овие позиции може да се наоѓа вашето следно работно место.

Во изминатиот период, пазарот на труд во Битола бележи позитивен тренд со зголемен број на активни огласи во повеќе индустрии. Ова претставува јасен показател за континуираниот развој на локалната економија и растечката потреба од квалификуван и мотивиран кадар. Достапните работни позиции опфаќаат широк спектар на професии од производство, трговија и услуги, до администрација, здравство, образование и современи технолошки дејности.

Во продолжение издвојуваме дел од актуелните работни позиции:

Касиери/ки - Битола
Персонал за продажба
Референт за продажба во Битола
Возач на камион
Асистент на продажба - Битола

Разновидноста на огласите на KARIERA.mk им овозможува на кандидатите со различни квалификации, знаења и работно искуство полесно да ја пронајдат позицијата што најмногу одговара на нивните професионални амбиции. 

Доколку сте подготвени да направите нов чекор во вашата кариера, разгледајте ги сите актуелни огласи за работа во Битола и пронајдете ја позицијата што најдобро одговара на вашите вештини и интереси.

Прочитајте и за: Најди работа во Скопје!

Колку често треба да ги менувате сунѓерчињата и крпите во кујната?

Можеби правите голема грешка!

Сунѓерчињата за миење садови и кујнските крпи се меѓу предметите што најчесто ги користиме, но често забораваме колку е важно редовно да ги менуваме. Поради влагата и остатоците од храна, тие можат да станат место за размножување на бактерии, кои потоа се пренесуваат на садовите, работните површини и рацете.

Колку често треба да се менуваат?

Сунѓерчињата за садови се препорачува да се заменуваат приближно еднаш неделно или најдоцна на секои една до две недели, зависно од употребата. Ако имаат непријатен мирис, се оштетени или биле користени за чистење сокови од сурово месо, треба да се заменат и порано.

Кујнските крпи и крпите за садови треба да се менуваат секој ден, а и почесто ако се навлажнат, извалкаат или дојдат во контакт со сурово месо. Најдобро е да се перат на повисока температура, според упатствата на производителот, и целосно да се исушат.

Како да ја одржувате кујната похигиенска?

  • По секоја употреба, добро исплакнете го сунѓерчето и оставете го целосно да се исуши.
  • Не користете ист сунѓер или крпа за садови, работни површини и чистење истурени сокови од сурово месо.
  • Крпите перете ги редовно, а сунѓерчињата чистете ги според упатствата за нивно одржување.
  • Не чекајте сунѓерчето да почне да мириса за да го замените, бидејќи бактериите можат да бидат присутни и кога изгледа чисто.

Редовната замена на овие навидум незначителни предмети е едноставна навика што може да помогне во намалувањето на ширењето на бактерии и одржувањето на похигиенска кујна.

Тагови: здравје хигиена крпи сунѓер кујна

Полицијата сѐ уште не признава дигитални лични документи: Пластичните остануваат задолжителни

Граѓаните и понатаму ќе мора да носат физичка лична карта и возачка дозвола, бидејќи дигиталните верзии во „М-Услуги“ засега немаат правна важност при полициска контрола.

Граѓаните во Македонија засега нема да можат да се идентификуваат пред полицијата со дигитална лична карта или возачка дозвола преку мобилен телефон. Иако овие документи веќе се достапни во новата апликација „М-Услуги“, при полициска контрола и понатаму ќе мора да се приложат нивните физички, пластични верзии.

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, потврдил дека дигиталните документи сѐ уште не се официјално признаени за полициска идентификација, бидејќи за тоа се потребни законски измени. Според него, веќе се работи на усогласување на законите и прописите, но додека тие не стапат во сила, пластичните документи остануваат задолжителни.

Апликацијата „М-Услуги“, која беше промовирана вчера, нуди пристап до дигитални документи, јавни услуги и известувања од институциите. Нејзиното користење е бесплатно и доброволно, а во следната фаза се најавува и проширување на функционалностите, вклучително и можност за електронски плаќања.

Тагови: лична карта полиција М-Услуги