Скопје ќе треба да биде украсено за новогодишните празници најдоцна до 15 декември, според јавниот повик што го распиша Град Скопје за празнична декорација вредна околу 3,8 милиони денари без ДДВ, односно приближно 4,5 милиони денари или околу 73.000 евра со ДДВ. Декорациите треба да останат поставени до периодот меѓу 15 и 25 јануари 2027 година, а компаниите можат да доставуваат понуди до 5 ноември.
Во центарот на празничното украсување е предвидена новогодишна елка висока 13 метри, изработена како реплика на природна елка. Покрај неа, техничката спецификација предвидува и светлосен елен висок околу четири метри, фигура во форма на подарок повисока од шест метри, два портали и тридимензионална санка со подароци, во која граѓаните ќе можат да влезат и да се фотографираат.
Планирани се и два тридимензионални балони, фигура на Дедо Мраз, околу 100 светлосни букети, новогодишен венец за фотографирање, како и дополнителни светилки и светлосни „мразулци“. За разлика од лани, во повикот не се наведени точните локации за поставување на декорацијата, туку тие ќе бидат утврдени дополнително по изборот на фирмата. Минатата година украсувањето го реализираше „Линк медиа плус“, а годинава за празничниот амбиент е предвиден нешто повисок буџет.
Тагови: новогодишна елка Скопје