Промовирани огласи »

38% од вработените отсуствувале од работа поради финансиски проблеми: Платата не е единственото прашање

Платата не стигнува до крајот на месецот? Последиците веќе се чувствуваат и на работа!

Финансиските проблеми не остануваат дома кога вработените доаѓаат на работа. Грижите за сметките, киријата, секојдневните трошоци и непредвидените расходи сè почесто влијаат врз работното секојдневие, концентрацијата и продуктивноста на вработените.

Според истражувањето Financial Stress Survey 2026, спроведено од SecureSave, 38% од испитаниците изјавиле дека во претходните шест месеци пропуштиле работа поради финансиски проблеми. Дополнително, 28% посочиле дека непредвиден финансиски трошок негативно влијаел врз нивното работење.

Една неочекувана сметка може да предизвика поголем проблем

За голем дел од вработените, финансиската несигурност е секојдневна реалност. Истражувањето покажува дека 55% од испитаниците не би можеле да покријат неочекуван трошок од 500 долари само од сопствените заштеди, додека 26% воопшто немаат заштеда наменета за итни случаи.

Овие податоци откриваат проблем што оди подалеку од личното управување со парите. Кога вработениот постојано размислува како ќе ги покрие основните трошоци, потешко се концентрира, потешко носи одлуки и потешко ги исполнува работните обврски.

Финансискиот притисок може да доведе и до дополнителни отсуства, намалена посветеност и поголема неизвесност во секојдневното функционирање на тимовите.

Дали работодавачите можат да помогнат?

Истражувањето покажува дека финансиската поддршка од компаниите може да направи разлика. Дури 67% од испитаниците изјавиле дека годишен придонес од работодавачот од 200 долари на сметка за итни заштеди би го намалил нивниот финансиски стрес и би им помогнал подобро да ја извршуваат работата.

Уште поважно, 59% изјавиле дека ваквата поддршка би ги направила посклони да останат кај сегашниот работодавач.

Ова укажува дека финансиската благосостојба може да биде важен дел од стратегијата за задржување на вработените. Поддршката не мора секогаш да се сведува на повисока плата или скапи дополнителни поволности. Во зависност од можностите на компанијата, таа може да вклучува помош при создавање заштеди за итни случаи, едукација за личните финансии или пристап до советување и соодветни финансиски програми.

Финансиската благосостојба станува и HR прашање

За човечките ресурси, овие резултати отвораат важно прашање: колку финансиските грижи влијаат врз искуството на вработените, а со тоа и врз резултатите на компанијата?

Кога вработените се соочуваат со постојан финансиски притисок, последиците може да се почувствуваат преку отсуствата, намалената концентрација и потешкотиите во задржувањето на кадарот. Затоа, финансиската благосостојба заслужува место во пошироките програми за поддршка на вработените.

Тоа не значи дека работодавачите треба да ги решаваат сите лични финансиски проблеми на своите вработени. Но, можат да создадат услови во кои луѓето ќе имаат поголема финансиска сигурност и пристап до корисни ресурси.

Пораката за компаниите е јасна: грижата за вработените не завршува со исплатата на платата. Кога финансискиот стрес влијае врз присуството, продуктивноста и одлуката дали некој ќе остане во компанијата, финансиската благосостојба станува важен дел од современото управување со човечките ресурси.

Прочитајте и за: Компаниите трошат пари на бенефиции но дали вработените навистина добиваат нешто

Тагови: HR трендови пари плата

Промовирани огласи »

Интервју со Ерјон Зибери - специјалист за продажба во Agile Pro Solutions

Од почетник без искуство до специјалист за продажба за само девет месеци!

Ерјон дојде во тимот на Agile Pro Solutions во Тетово во јануари оваа година, како помлад соработник за продажба без никакво претходно искуство. Девет месеци подоцна, откако напредуваше од помлад во постар соработник, денес е веќе специјалист за продажба, со резултати уште од почеток значително над поставените цели.

Со него разговаравме за неговите први чекори, за тоа како успеал толку брзо да напредува, како и за советите што би им ги дал на младите кои мислат дека мора да имаат искуство за да ја започнат својата кариера.

KARIERA.mk: Ерјон, да почнеме од почеток. Како дојде во APS?

Ерјон: Бев студент во потрага по својата прва вистинска работа и, искрено, не бев сигурен дали некој би ме вработил без искуство. Наидов на огласот додека барав каде би можел да ја започнам кариерата и да стекнам искуство. APS ми го привлече вниманието, па решив да аплицирам и да видам каде ќе ме одведе тоа.

На интервјуто никој не ме праша колку знам за работата. Ги интересираше дали сум подготвен да учам. Тоа беше првото нешто што ме изненади.

KARIERA.mk: Како изгледаа твоите први недели, имајќи предвид дека немаше никакво искуство во продажба?

Ерјон: Предизвикувачки, но никогаш не се чувствував оставен сам на себе. Сè беше ново: процесите, клиентите, темпото на работа.

Сепак, имав две предности. Веќе одлично зборував англиски, па комуникацијата со американските клиенти ми беше природна уште од првиот повик. Освен тоа, отсекогаш сум бил комуникативна личност. Уживам до разговарам, да муабетам, така што тој дел никогаш не го гледам како работа. 

За сè останато, уште од првиот ден покрај мене имаше луѓе кои трпеливо ми објаснуваа и не очекуваа веднаш да знам сè. Обуката беше добро организирана и секогаш имав кому да се обратам.

Се сеќавам колку многу работи требаше да научам на почетокот. Секој повик беше ново искуство и  станував сè посигурен во разговорите со клиентите. А колегите и тим лидерите секогаш беа тука да ми помогнат, што ми беше од непроценлива помош.

KARIERA.mk: За помалку од една година напредуваше од помлад соработник, преку постар соработник, до специјалист. Што беше пресудно?

Ерјон: Повеќе упорноста и континуитетот отколку талентот. Се трудев да научам нешто од секој разговор, особено од оние потешките. Моите тим лидери ми даваа искрени коментари што било добро, што не, а јас многу сериозно ги прифаќав нивните совети.

И, да бидам искрен, мотивацијата е и многу конкретна: системот на бонуси тука е навистина одличен. Ако работиш напорно, можеш добро да заработиш и нема горен лимит на заработката. Поголем успех - повеќе пари.

Кога гледаш дека компанијата го препознава и наградува твојот труд, и преку унапредувања и преку плата, природно добиваш желба да дадеш уште повеќе од себе.

KARIERA.mk: Имаше ли моменти кога се сомневаше во себе?

Ерјон: Секако! Имаше денови кога работите не одеа по план и беше фрустрирачки кога не ги постигнував пшшланиртаните резултати.

Но, наместо да се откажам, се фокусирав на советите што ги добивав, работев на своите слабости и продолжив да се подобрувам. Научив дека упорноста и трпението прават огромна разлика.

Најмногу ми помогна тимот. Во Тетово навистина функционираме како едно. Кога некој има лош ден, другите му помагаат. Кога некој ќе постигне успех, сите заедно се радуваме.

KARIERA.mk: Често го спомнуваш тимот. Како би ја опишал атмосферата во канцеларијата во Тетово?

Ерјон: Како второ семејство, и навистина го мислам тоа.

Колегите секогаш си помагаат меѓусебно, а тим лидерите се постојано достапни, не само за прашања поврзани со работата, туку и за совети воопшто.

И менаџментот е близок со нас. Нè познаваат лично, го следат нашиот напредок и создаваат победничка атмосфера.

Тоа не е нешто што можеш да го најдеш баш секаде, особено не на почеток на кариера.

KARIERA.mk: Сè уште си студент. Како ги усогласуваш работата и факултетот?

Ерјон: Бидејќи работиме според американското работно време, претпладневните и пладневните часови ми се слободни, па имам време и за предавања и за испити.

Така можам да го продолжам образованието, а истовремено да ја градам својата кариера.

Многумина мислат дека мора да изберат помеѓу студирањето и кариерата. Тука може да ги правам и двете.

KARIERA.mk: Што би им порачал на младите луѓе кои се плашат да аплицираат затоа што немаат искуство?

Ерјон: Аплицирајте!

Пред една година бев во истата ситуација. Искуството е нешто што се стекнува, а не нешто што го имате од старт.

Она што е важно е пристапот: бидете истрајни, поставувајте прашања, не плашете се од грешки и не откажувајте се по првиот тежок ден.

Во нашата комапнија трудот се забележува и се наградува, па навистина вреди да го дадете најдоброто од себе.

KARIERA.mk: И за крај, кои се твоите следни планови?

Ерјон: Да завршам факултет и да напредувам уште повеќе во компанијата.

Благодарен сум им на моите колеги, тим лидерите и менаџментот во АПС Тетово што веруваа во мене уште пред да покажам какви било какви резултати.

Погледнете ги нашите отворени позиции и аплицирајте. Можеби токму вашата ќе биде наша следна успешна приказна.

Тагови: Agile Pro Solutions

Промовирани огласи »

За еден месец поскапела за речиси 1.000 денари: На едно семејство сега му се потребни над 70.000 денари за основните трошоци

Споредена со вредноста на синдикалната минимална кошница за септември 2026 година, која изнесува 69.432 денари, е зголемена за 926 денари - соопшти Сојузот на синдикатите на Македонија

Вредноста на синдикалната минимална кошница за октомври 2026 година изнесува 70.358 денари. Споредена со вредноста на синдикалната минимална кошница за септември 2026 година, која изнесува 69.432 денари, е зголемена за 926 денари - соопшти Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ).

Со изнајмен стан од 60 квадрати за октомври изнесува 85.733 денари. 

Според минималната кошница на ССМ, за храна и пијалаци домаќинствата трошат 26.170 денари, за сметки 6.379 денари, за транспорт 5.468 денари...

Тагови: минимална кошница Сојуз на синдикатите (ССМ)

Промовирани огласи »

ССКМ предлага плаќање по работен час наместо кратење на празниците

Нова идеја за пазарот на труд: наместо помалку неработни денови, бизнис-заедницата предлага исплата според одработените часови. Владата вели дека опцијата може да се разгледува.

Наместо да се намалува бројот на празници и неработни денови, во Македонија треба да се отвори дебата за воведување плаќање според одработени часови, смета Сојузот на стопански комори на Македонија. Од ССКМ велат дека ваквиот модел може да донесе поголема продуктивност, повисока заработка за поефикасните работници и пофлексибилна организација на работното време, по примерот на дел од развиените економии.

Претседателот на ССКМ, Горан Ѓорѓиевски, порача дека фокусот не треба да биде на кратење на слободните денови, туку на подобро вреднување на трудот. Според него, часовната исплата би можела да овозможи различна распределба на работните часови во текот на неделата, што би им одговарало особено на родителите и на вработените со семејни обврски. Сепак, тој нагласи дека станува збор за идеја што допрва треба да се анализира и приспособи на домашниот пазар на труд.

Од Владата не ја исклучуваат можноста за ваков модел. Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, изјави дека плаќањето по час е една од опциите за зголемување на продуктивноста и во јавниот и во приватниот сектор, но дека за тоа се потребни дополнителни анализи и разговори во рамки на Економско-социјалниот совет. Засега нема одлука ниту најавени законски измени, а евентуалното воведување би барало јасни правила за пресметка на платите, работното време и заштитата на правата на вработените.

Тагови: Сојузот на стопански комори (ССК) неработни денови

Вчитај повеќе вести...
барај огласи за вработување »