Промовирани огласи »

Едно детско срце, една голема желба: Приказната што ги учи децата на добрина и пријателство

Приказната „Желбата на Ела“ носи важна порака

Кои сте вие и со што се занимавате?

Јас сум професор по предучилишно воспитание и дел од моето секојдневие, мојата професионална љубов и посветеност се децата и нивниот развој. Повеќе од 10 години работам во приватната градинка „Светот на Колорес“, каде што секојдневно имам можност да бидам дел од нивниот свет, да ги следам нивните мали, но значајни чекори и да учествувам во градењето на нивните први пријателства, вредности и емоционални искуства.

Работата со децата ме научи дека воспитувањето не е само пренесување знаења, туку пред сè градење личности. Важно е децата да научат да ги препознаваат своите чувства, да ги почитуваат чувствата на другите, да прифаќаат различности и да разберат дека добрината, љубовта и почитта се вредности што се учат уште од најрана возраст.

Токму од секојдневните искуства, од љубовта кон децата и од вербата дека со мали чекори можеме да создадеме подобар свет за нив, се роди и идејата за „Желбата на Ела“. Сакав да создадам нешто што ќе им помогне на децата не само да читаат и да бојат, туку и да чувствуваат, да размислуваат и да учат како да бидат подобри другари и, пред сè, добри луѓе.

Што ве поттикна да размислувате за детската емпатија и односите меѓу децата?

Она што најмногу ме поттикна е сознанието дека децата уште од најрана возраст учат како да се однесуваат едни кон други, како да ги изразуваат своите чувства и како да реагираат кога некој е различен, тажен или повреден.

Во секојдневната работа со децата гледаме колку е важно да ги научиме не само да ги препознаваат буквите, боите и броевите, туку и да препознаат кога на нивното другарче му е потребна прегратка, убав збор или поддршка. Понекогаш едно мало дете може да повреди друго без навистина да разбира какви последици имаат неговите зборови или постапки.

Токму затоа посакав да создадам нешто што на едноставен, близок и детски начин ќе им помогне на децата да ја разберат добрината, сочувството и моќта на еден мал гест.

Каде започнува проблемот со малтретирањето, исмејувањето и исклучувањето – во училиштето или многу порано?

Сметам дека основите на односите меѓу децата се поставуваат многу порано, уште во семејството и во најраните години од детството. Училиштето е местото каде што тие односи стануваат повидливи, но начинот на кој детето комуницира, ги решава конфликтите и ги доживува различностите се гради уште од најмала возраст.

Децата учат преку она што го гледаат, го слушаат и го чувствуваат. Ако растат во средина во која се негуваат почитта, разбирањето и прифаќањето, поголема е веројатноста и самите да ги применуваат тие вредности во односите со другите.

Затоа верувам дека превенцијата започнува многу пред да се појави проблемот. Не треба да чекаме детето да стане жртва или да повреди некого за да разговараме за емпатијата. Треба да ја градиме секојдневно, преку пример, разговор и мали ситуации што за детето имаат големо значење.

Колку е важно уште од најрана возраст децата да ги препознаваат сопствените и чувствата на другите?

Тоа е исклучително важно, затоа што детето најпрво треба да научи да се разбере себеси за да може полесно да ги разбере и другите. Кога ќе знае да каже дека е тажно, луто, разочарано или исплашено, му помагаме да ги изрази своите чувства на начин што не повредува ниту него ниту другите.

Исто толку важно е да научи дека и другите деца имаат чувства, желби и потреби. Тоа што некому нешто му е смешно не значи дека е смешно и за другото дете. Тоа што едно дете сака да игра на одреден начин не значи дека сите мора да го сакаат истото.

Кога децата ќе разберат дека секое чувство е дозволено, но дека не секое однесување е прифатливо, им даваме важна основа за здрави односи. Емпатијата не значи само да препознаеме дека некој е тажен, туку и да посакаме да направиме нешто за да му биде подобро.

Како родителите и возрасните можат секојдневно да ја развиваат емпатијата без тоа да изгледа како лекција?

Најмногу преку сопствениот пример и преку секојдневните мали моменти. Децата не учат за добрината само кога им зборуваме за неа, туку кога гледаат како ние се однесуваме со луѓето околу нас, како разговараме кога сме лути, како се извинуваме и како му помагаме на некого кому му е потребна помош.

Можеме да ги прашаме: „Како мислиш дека се чувствува твоето другарче?“, „Што би можеле да направиме за да му помогнеме?“ или „Како би се чувствувал ти кога некој би ти го направил тоа?“ Преку вакви едноставни прашања им помагаме да размислуваат за чувствата на другите, без да им држиме лекции.

Исто така, важно е да ги слушаме децата без веднаш да ги осудуваме. Кога детето ќе направи грешка, наместо само да му кажеме дека тоа што го направило е лошо, треба да му помогнеме да разбере зошто постапката повредила некого и како следниот пат може да постапи поинаку.

Емпатијата се учи во прегратката, во разговорот пред спиење, во заедничката игра и во начинот на кој му покажуваме на детето дека секој човек заслужува почит.

Како се роди идејата за боенката со приказна „Желбата на Ела“?

„Желбата на Ела“ се роди од желбата за важните животни вредности да им ги приближам на децата на начин што е близок до нивниот свет – преку приказна, бои, фантазија и емоции.

Сакав да создадам нешто повеќе од обична боенка. Сакав тоа да биде мал свет во кој детето ќе може да препознае чувства, да размислува за своите постапки и да открива колку добрината, љубовта и пријателството можат да го направат светот поубав.

Приказните имаат посебна моќ. Преку нив децата полесно ги разбираат ситуациите што можеби сè уште не знаат да ги објаснат со свои зборови. А кога приказната ќе се спои со боењето, се создава простор детето да се опушти, да размислува, да прашува и да ги изразува своите чувства.

Така се роди „Желбата на Ела“ – од вербата дека преку едноставна приказна можеме да започнеме многу важен разговор со едно дете.

Со една детска роденденска желба за поубав свет.

Како замисливте да се користи „Желбата на Ела“ како алатка за разговор меѓу детето и возрасниот?

Замислата е да биде повод за заедничко време, разговор и поврзување меѓу детето и возрасниот. Не сакав детето само да ја прочита приказната и да ги обои страниците, туку преку неа да се отвори простор за прашања, размислување и споделување чувства.

Додека ја читаат приказната, родителите, воспитувачите или наставниците можат да го поттикнат детето да размислува за постапките на ликовите, да каже што би направило тоа во слична ситуација или да раскаже нешто што самото го доживеало.

Понекогаш едно прашање како „Што мислиш, како се чувствува Ела?“ може да отвори разговор за нешто што детето долго го носело во себе, но не знаело како да го сподели.

Најважно е возрасниот да не му ги наметнува одговорите, туку да му даде простор само да размислува и да дојде до свои заклучоци. Би сакала „Желбата на Ела“ да стане мал ритуал на блискост, во кој детето ќе се чувствува слушнато, разбрано и прифатено.

Што сакате едно дете да почувствува или научи додека ја чита приказната и ги бои страниците?

Најмногу би сакала детето да почувствува дека добрината има вредност, дека неговите чувства се важни и дека со своите постапки може да направи некого да се чувствува сакано, прифатено и безбедно.

Сакам да разбере дека не мора сите да бидеме исти за да бидеме пријатели, дека секој од нас има свои чувства и дека понекогаш едно извинување, една насмевка или едно подадено раче можат да направат голема разлика.

Би сакала додека ја бои приказната, детето да размислува и за сопствениот свет за тоа како се однесува со другарчињата, како реагира кога некој е различен и што може да направи кога ќе забележи дека некој е тажен или осамен.

Ако по читањето детето посака да прегрне некого, да му помогне на другарче или да размисли пред да каже нешто што може да повреди, тогаш верувам дека приказната ја исполнила својата цел.

Колку преку приказна, игра и разговор можеме да им ги приближиме на децата љубовта, добрината, пријателството и простувањето?

Можеме многу, затоа што тоа е јазикот што децата најприродно го разбираат. За нив играта не е само забава, туку начин на кој го запознаваат светот, ги испробуваат своите улоги и учат како да се поврзуваат со другите.

Преку приказните можеме да им покажеме различни ситуации и чувства, преку играта да им дадеме можност да ги доживеат, а преку разговорот да им помогнеме да ги разберат.

На пример, кога ќе дојде до конфликт меѓу две деца, тоа може да биде можност да научат како да го слушнат другиот, како да го изразат своето незадоволство и како да пронајдат решение. Кога ќе зборуваме за простувањето, важно е да им објасниме дека тоа не значи дека повредата не е важна, туку дека можеме да научиме од грешките и да се обидеме да ги поправиме работите.

Вредностите не се учат само со зборови. Тие се градат преку искуства што детето ги доживува и ги разбира. Затоа приказните, играта и разговорот се толку моќни – тие му помагаат на детето да ја почувствува пораката, а не само да ја запомни.

Ако „Желбата на Ела“ треба да остави само една порака кај детето, која би сакале таа да биде?

Ако треба да остави само една порака, би сакала тоа да биде: „Дека секој од нас е различен, дека секој има свои чувства, понекогаш е доволно само еден убав збор, една прегратка или подадена рака за некого да се почувствува прифатен и сакан.“

Сакам децата да разберат дека не мора да прават големи работи за да го направат светот поубав. Понекогаш е доволно да прифатат некого во играта, да подадат рака, да кажат убав збор или да застанат покрај другарче кое се чувствува осамено.

Мојата желба е децата да пораснат во луѓе кои нема само да забележуваат кога некој е различен, туку ќе сакаат да го запознаат; нема само да гледаат кога некој е тажен, туку ќе посакаат да му помогнат.

Затоа што светот нема да го направиме подобар само со тоа што ќе ги научиме децата да бидат успешни. Ќе го направиме подобар кога ќе ги научиме да бидат луѓе со големо срце. А ако „Желбата на Ела“ успее да посее барем едно мало зрно добрина во срцето на секое дете што ќе ја прочита, тогаш таа желба веќе почнала да се остварува.

Тагови: професори Светот на Колорес Светлана Ромева градинка Желбата на Ела

Промовирани огласи »

Ќе плаќаме патарина за секој изминат километар? Се разгледува нов начин на наплата во Македонија

Наместо фиксни патарини, возачите во иднина би можеле да плаќаат според реално изминатото растојание. Новиот модел засега се анализира, а клучното прашање останува – дали патувањето ќе биде поевтино или поскапо?

Начинот на наплата на патарините во Македонија би можел значително да се промени, откако Јавното претпријатие за државни патишта разгледува воведување затворен систем на Коридорот 8. Наместо сегашниот модел со фиксни патарини на одредени наплатни станици, новиот пристап би значел возачите да плаќаат според бројот на реално изминати километри на автопатот. Тоа би подразбирало евиденција каде возилото влегува и каде излегува, а конечната сума да зависи од должината на делницата и категоријата на возилото.

За ова решение се подготвува физибилити студија вредна околу 336.000 евра, која треба да ги испита техничките, финансиските и инфраструктурните услови за можно воведување на системот. Засега нема конечна одлука, ниту познати тарифи по километар, па останува отворено прашањето дали граѓаните ќе плаќаат помалку или повеќе. Според досегашните информации, во Македонија во моментов не се планира премин кон систем со вињети, иако таквата опција повремено се споменува во јавноста.

Патарините остануваат важен извор на приходи за патната инфраструктура. Според податоците на ЈПДП, во првата половина на 2026 година биле наплатени околу 1,92 милијарди денари, односно повеќе од 31 милион евра, додека во 2025 година приходите достигнале околу 67,6 милиони евра. Воедно, електронската наплата преку М-ТАГ и М-Кард веќе учествува со околу 36 проценти од прометот на 11 наплатни станици. Сепак, додека не се утврдат конкретните цени и моделот на примена, наплатата на патарините продолжува според постојниот систем.

Тагови: Македонија патарини

Промовирани огласи »

Најнови огласи за работа во Битола!

Најди работа во Битола!

Денес ви ги претставуваме најатрактивните и најпосетуваните огласи за работа во Битола на KARIERA.mk. Доколку сте во потрага по нова професионална можност, токму меѓу овие позиции може да се наоѓа вашето следно работно место.

Во изминатиот период, пазарот на труд во Битола бележи позитивен тренд со зголемен број на активни огласи во повеќе индустрии. Ова претставува јасен показател за континуираниот развој на локалната економија и растечката потреба од квалификуван и мотивиран кадар. Достапните работни позиции опфаќаат широк спектар на професии од производство, трговија и услуги, до администрација, здравство, образование и современи технолошки дејности.

Во продолжение издвојуваме дел од актуелните работни позиции:

Електричари во производство
Радиолошки технолог - Битола
Сортинг оператор на краткотраен проект - хонорарно - Битола
Оператор за контрола на квалитет - Битола
Референт за кредитирање - Битола

Разновидноста на огласите на KARIERA.mk им овозможува на кандидатите со различни квалификации, знаења и работно искуство полесно да ја пронајдат позицијата што најмногу одговара на нивните професионални амбиции. 

Доколку сте подготвени да направите нов чекор во вашата кариера, разгледајте ги сите актуелни огласи за работа во Битола и пронајдете ја позицијата што најдобро одговара на вашите вештини и интереси.

Прочитајте и за: Најди работа во Скопје!

Промовирани огласи »

Од март 2027: Директни летови Скопје–Дубаи трипати неделно со Flydubai

Нова директна авиолинија меѓу Скопје и Дубаи стартува од март 2027 година. Flydubai ќе лета трипати неделно, со нови можности за туризам, бизнис и инвестиции.

Скопје и Дубаи од март 2027 година ќе бидат поврзани со директна авиолинија на Flydubai, со три лета неделно. Новата рута ќе им овозможи на патниците побрзо и поедноставно патување меѓу двете дестинации, без потреба од преседнување на други аеродроми.

Воспоставувањето на линијата е официјално потврдено на средба во Обединетите Арапски Емирати меѓу министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, и главниот комерцијален директор на Flydubai, Хамад Обаидала. Според најавите, директните летови на релација Дубаи–Скопје ќе се реализираат трипати неделно, што се очекува да ја подобри поврзаноста меѓу двете земји.

Покрај олеснетите туристички патувања, новата авиолинија би можела да придонесе и за развој на деловните контакти, трговската соработка и нови инвестиции. Засега не се објавени точниот датум на првиот лет, распоредот на полетувања и цените на билетите, а повеќе информации за резервациите се очекуваат преку официјалните канали на авиокомпанијата.

Тагови: Дубаи ТАВ Македонија Flydubai

Вчитај повеќе вести...
барај огласи за вработување »