Начинот на наплата на патарините во Македонија би можел значително да се промени, откако Јавното претпријатие за државни патишта разгледува воведување затворен систем на Коридорот 8. Наместо сегашниот модел со фиксни патарини на одредени наплатни станици, новиот пристап би значел возачите да плаќаат според бројот на реално изминати километри на автопатот. Тоа би подразбирало евиденција каде возилото влегува и каде излегува, а конечната сума да зависи од должината на делницата и категоријата на возилото.
За ова решение се подготвува физибилити студија вредна околу 336.000 евра, која треба да ги испита техничките, финансиските и инфраструктурните услови за можно воведување на системот. Засега нема конечна одлука, ниту познати тарифи по километар, па останува отворено прашањето дали граѓаните ќе плаќаат помалку или повеќе. Според досегашните информации, во Македонија во моментов не се планира премин кон систем со вињети, иако таквата опција повремено се споменува во јавноста.
Патарините остануваат важен извор на приходи за патната инфраструктура. Според податоците на ЈПДП, во првата половина на 2026 година биле наплатени околу 1,92 милијарди денари, односно повеќе од 31 милион евра, додека во 2025 година приходите достигнале околу 67,6 милиони евра. Воедно, електронската наплата преку М-ТАГ и М-Кард веќе учествува со околу 36 проценти од прометот на 11 наплатни станици. Сепак, додека не се утврдат конкретните цени и моделот на примена, наплатата на патарините продолжува според постојниот систем.
Тагови: Македонија патарини