Промовирани огласи »

Избрана е потенцијалната локација за националниот дата-центар – најверојатно во близина на двете скопски технолошко-индустриски зони. Парцела на која нема плодно земјиште, но имa доволно простор доколку во иднина Владата одлучи да изгради и фотонапонска централа од каде податочниот центар би добивал електрична енергија, објави Сител ТВ.

Се наоѓа во близина на Градот Скопје, во близина на Технолошко-индустриската развојна зона Скопје 1 и 2, се наоѓа во близина на автопат, во близина на оптичка линија, така што најверојатно центарот за податоци ќе биде сместен таму, вели министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.

Изградбата на Националниот дата-центар ќе се финансира со државни пари, но има и 30% грантова компонтента. Владата сега има задача да најде меѓународен финансиер, со оглед на тоа што иако разговараше со Светска Банка, поради некомпатибилност со барањата на ЕУ, Светска банка нема да може да ги обезбеди парите.

Разговараме со различни финансиери коишто се компатибилни со барањата на Европската Унија за ваков вид на проекти. Овој процес е нов и за ЕУ. Планот за раст е една нов механизам којшто тие го користат за финансирање. Така што, тоа ќе бидат некои од меѓународните финансиски институции. Ние имаме добра соработка со голем дел од нив. Не сме имале проекти досега, имаме само еден со кој сме во напредна фаза на дискусија со Банката на Советот на Европа. Така што, разговараме со нив, разговараме со други некои потенцијални финасиери. Ќе видиме во периодот којшто следи од кого ќе добиеме најдобра понуда и кој ќе биде заинтересиран за соработка, вели Андоновски.

Парите за Национален дата-центар се фиксни – 20 милиони евра. 70% од нив ќе одат за самата изградба на објектот, 30% за опремата. Од почетокот на изградбата, до неговото пуштање во употреба ќе бидат потребни околу две – две и пол години.

Тагови: Европската централна банка ЕУ Скопје технологија

Промовирани огласи »

ВИ го менува фриленс-пазарот: Нови правила за заработка на македонските онлајн работници

Едноставните онлајн задачи сè почесто ги презема софтвер, а расте побарувачката за фриленсери што знаат да работат со вештачка интелигенција. Што значи ова за македонските фриленсери?

Вештачката интелигенција забрзано го менува начинот на кој илјадници Македонци заработуваат преку интернет, отворајќи нови можности, но и намалувајќи ја вредноста на дел од наједноставните фриленс-услуги. Македонија, според регионалниот проект „Гигметар“, се вбројува меѓу земјите со висок број онлајн работници по глава на жител, со околу 239 онлајн работници на 100.000 жители. Но токму поради глобалниот карактер на овој пазар, промените предизвикани од ВИ директно ги погодуваат и домашните фриленсери.

Задачи како транскрипција, едноставен превод, внесување податоци и основна обработка на содржини денес сè почесто ги извршуваат ВИ алатки за само неколку секунди. Наместо тоа, клиентите сè повеќе бараат луѓе што ќе ги проверуваат, коригираат и приспособуваат автоматски создадените резултати. Податоците од Upwork покажуваат дека заработката кај поедноставните ВИ-задачи во 2026 година паднала за 28%, додека кај посложените професионални услуги во кои ВИ се користи како алатка, обемот на работа пораснал за 72%, а заработката за 22%.

Најголем предизвик допрва ќе имаат почетниците, бидејќи токму задачите што некогаш биле влез во фриленс-светот денес најлесно се автоматизираат. Истовремено, расте побарувачката за нови специјализации, како ВИ интеграција, автоматизација, уредување содржини генерирани со ВИ и проверка на резултати создадени од алгоритми. За македонските фриленсери пораката е јасна: пазарот не исчезнува, туку се менува, а успехот сè повеќе ќе зависи од комбинацијата на професионална експертиза и способноста ефикасно да се користи вештачката интелигенција.

Тагови: вештачка интелигенција Македонци фриленс

Промовирани огласи »

Како професионално да признаете дека сте направиле грешка

Згрешивте на работа? Начинот на кој ќе реагирате може да ви ја спаси репутацијата!

Секој прави грешки на работа. Погрешно испратен мејл, пропуштен рок, неточна информација, погрешна проценка или задача која не е завршена како што треба грешките се неизбежен дел од секоја професионална средина. Она што го покажува вашиот професионализам не е тоа дали сте направиле грешка, туку како реагирате кога ќе сфатите дека сте згрешиле.

Многу луѓе во тој момент се обидуваат да се оправдаат, да најдат виновник или да се надеваат дека никој нема да забележи. Но, прикривањето на грешката најчесто создава поголем проблем од самата грешка.

Еве како да постапите професионално.

1. Признајте ја грешката навреме

Колку подолго ја криете грешката, толку поголеми можат да бидат последиците. Ако знаете дека сте направиле пропуст, не чекајте некој друг да го открие.

Едноставно кажете: „Сфатив дека направив грешка во овој дел. Сакам веднаш да ве информирам за да можеме да ја коригираме.“

Со ова покажувате одговорност и иницијатива. Грешката можеби нема веднаш да исчезне, но вашата реакција покажува дека може да ви се верува.

2. Не барајте изговори

Постои голема разлика помеѓу објаснување и оправдување. „Имав многу задачи и затоа не стигнав“ можеби е контекст, но ако постојано ја префрлате одговорноста на околностите, може да изгледа како да бегате од одговорност.

Наместо: „Не успеав затоа што сите ми праќаа задачи.“

Подобро: „Не успеав да го испочитувам рокот. Имав повеќе паралелни задачи и погрешно го проценив времето потребно. Следниот пат ќе го комуницирам ризикот порано.“ Кратко, директно и без непотребно оправдување.

3. Кажете што ќе направите за да ја поправите

Признавањето на грешката е само првиот чекор. Најважното прашање потоа е: „Што можеме да направиме сега?“

Наместо само да кажете дека сте згрешиле, понудете решение. На пример: „Оваа информација е испратена со грешка. Ќе ја коригирам веднаш и ќе испратам нова верзија до сите засегнати.“

Ова ја менува перцепцијата од „направив проблем“ во „направив проблем и преземам одговорност да го решам“.

4. Не се обвинувајте себеси повеќе од потребното

Признавањето грешка не значи дека треба да се понижувате. Не е потребно: „Јас сум ужасен во ова.“ „Не знам како можев да бидам толку невнимателен.“ „Сè уништив.“ Таквите реченици не ја поправаат ситуацијата. Фокусирајте се на фактите, последиците и решението. „Направив грешка. Еве што ќе направам за да ја поправам.“ Тоа е доволно.

5. Ако грешката влијае врз други, информирајте ги

Една од најлошите реакции е да се обидете сами да ја поправите грешката и да се надевате дека никој нема да забележи. Ако грешката може да влијае врз клиент, колега, рок или проект, навремената комуникација е клучна.

Подобро е менаџерот да дознае од вас: „Имаме проблем со X. Јас го направив пропустот и веќе презедов чекори за да го коригирам.“

отколку од некој друг: „Само да ве информираме дека се случи проблем со X.“ Првата верзија покажува контрола и одговорност.

6. Научете нешто од грешката

Една грешка станува навистина проблематична кога ништо не менуваме по неа.

Прашајте се:

  • Што точно тргна наопаку?
  • Дали недостасуваше информација?
  • Дали погрешно го проценив рокот?
  • Дали требаше порано да побарам помош?
  • Дали постои начин ова да се спречи следниот пат?

Целта не е да се казнувате за грешката, туку да го подобрите начинот на работа.

7. Не ја повторувајте истата грешка

Една грешка може да биде случајност. Истата грешка повеќепати може да стане образец. Ако еднаш сте пропуштиле рок, следниот пат поставете потсетник. Ако сте испратиле неточен документ, воведете дополнителна проверка. Ако сте презеле задача без да ги разјасните очекувањата, поставете прашања уште на почетокот. Професионалниот развој често се случува токму на овој начин преку мали промени по сопствените грешки.

Како да кажете „Јас згрешив“ без да си ја нарушите професионалната репутација?

Признавањето грешка не ја намалува вашата професионална вредност.

Напротив, кога е направено правилно, може да покаже:

  • Одговорност;
  • Зрелост;
  • Самодоверба;
  • Интегритет;
  • Способност за решавање проблеми.

Луѓето не очекуваат да бидете безгрешни.Она што го очекуваат е да бидете искрени кога нешто ќе тргне наопаку и подготвени да преземете одговорност.

Запомнете грешката не е најголемиот проблем. На работа никој не очекува совршенство. Понекогаш ќе згрешите. Ќе донесете погрешна одлука. Ќе пропуштите нешто. Тоа не ве прави лош вработен.Она што ве издвојува е начинот на кој ќе постапите потоа. Признајте ја грешката. Преземете одговорност. Понудете решение. Научете од неа. И продолжете понатаму. Професионалноста не значи никогаш да не згрешите. Професионалноста значи да знаете што да направите кога ќе згрешите.

Прочитајте и за: 5 знаци дека премногу се обидувате да им угодите на сите на работа

Тагови: совети за работа

Промовирани огласи »

Погледнете ги сите отворени работни позиции во Струга!

Најнови огласи за работа во Струга!

Дали бараш нова работна можност во Струга? Без разлика дали си искусен професионалец или штотуку започнуваш со својата кариера, KARIERA.mk ти овозможува брзо и лесно да ја најдеш идеалната работа за тебе!

Работни позиции достапни во Струга, во моментов има различни можности за вработување, како што се:

Советник за банкарски услуги во експозитура - Струга
Менаџер за Корпоративна продажба во експозитура Струга
Касиери/ки - Струга
Асистент на продажба - Струга
Фармацевт со лиценца - Струга
Фармацевтски техничар со уверение - Струга
Шофер Ц категорија - Струга

Не чекај! Секој ден се објавуваат нови огласи, затоа следи ги редовно и аплицирај веднаш за да си обезбедиш работна позиција што одговара на твоите вештини и интереси.

Посети ја KARIERA.mk и започни ја твојата кариера во Струга денес!

Прочитајте и за: Најнови огласи за работа во Куманово!

Вчитај повеќе вести...
барај огласи за вработување »