Германската AI компанија DeepL отпушти околу 250 вработени, што претставува повеќе од 21% од вкупниот број на вработени. Во интерно соопштение, извршниот директор Jarek Kutylowski објаснил дека компанијата се подготвува за новата ера на вештачката интелигенција и дека се потребни помали, поагилни тимови и помалку менаџерски нивоа.
Според него, AI фундаментално го менува начинот на кој компаниите работат, па задачи кои порано барале цели тимови, денес можат да ги извршуваат многу помал број луѓе со помош на напредни AI алатки. Затоа компанијата планира уште подлабоко да ја интегрира вештачката интелигенција во своите процеси.
Овој пристап не е изолиран случај. Слични пораки во последните месеци испратија и други технолошки компании, кои најавија отпуштања проследени со инвестиции во AI и реорганизација на тимовите. Аналитичарите веќе зборуваат за нов „AI layoff playbook“ стратегија во која компаниите се стремат да работат со помал број вработени и поголема автоматизација.
Сепак, не сите се согласуваат дека AI е единствената причина за ваквите потези. Дел од експертите сметаат дека многу компании го користат AI како објаснување за кратења кои и онака би се случиле поради намалување на трошоците или претходно прекумерно вработување.
Едно е сигурно: AI повеќе не е само технолошка алатка. Тој станува фактор што директно влијае врз структурата на компаниите, бројот на вработени и иднината на работните места.
Прочитајте и за: Remote Work Wars: кој победува во битката за работното место?
Тагови: AI HR трендови