Која е Слаѓана денес и што веруваш дека ќе остане непроменето кај тебе во иднина?
Сакам да верувам дека сум збир на прави вредности и добро воспитување, умешно испреплетени со желба за растење ипромени. Сакам да останам достојна на тоа што ме научиле моите родители во детството, низ младоста и ден денес во секојдневието, но сакам и да истражувам подлабоко во самата себе за да ја откривам својата суштина, наспроти улогите кои ги играм во општеството. Ова е понекогаш исклучително тешко, особено кога фокусот бега кон тоа дали ќе им се допаднам на другите!

Photo by Murat Güneri
Кој е најголемиот предизвик за тебе како актерка во време кога популарноста сè почесто ја потиснува вистинската уметност?
Предизвикот секогаш се крие во таа подмолна потреба сите да нѐ сакаат и на сите да им се допаѓа тоа што го правиме. Но, сѐ почесто сфаќам дека успехот е резултат оценет според вкусот на другите. А мене, сѐ повеќе ми е важно да трагам по суштината, одново да го откривам својот порив за творење и да се стремам да креирам дела кои носат промена.
Какво значење има за тебе наградата од МТФ „Војдан Чернодрински“ и како изгледаше процесот на создавање на „Слепци“?
Претставата “Слепци“ се роди од пркос кон неправдата! Жаргонски кажано, таа е извикот на актерот кога некој му згазнал на жуљ. А, во нашиот “жуљ“ беа насобрани смешниот буџет доделен од Министерството за култура, десет години креирање претстави во туѓа зграда, во навистина несоодветни услови и сето тоа во моментот кога се начнуваа 75 години традиција на единствениот театар во светот, кој иако е надвор од Република Турција, сепак создава претстави на турски јазик во Скопје. Режисерот Кендрим Ријани овој насобран гнев, умешно го преточи во претстава и ни овозможи сите заедно да крикнеме! Но, сеуште се прашуваме дали овој крик стигна само до публиката во Прилеп, која беше приморана да седи на неудобни седишта, во едвај прикрпена просторија во домот на културата или го слушнаа овој крик и тие во своите удобни фотељи, па ќе донесат некоја промена? Промени треба да се случат во повеќе театари низ земјава, кои за жал ја делат сличната судбина!

Сцена од турската серија Горка Љубов
Што според тебе, недостасува на македонската театарска сцена за да добие поголема свежина и енергија?
Не можеме да зборуваме за свежина и енергија на театарската сцена, кога се соочуваме со фактот дека повеќето театри во земјава немаат своја зграда, или имаат згради во кои се приморани во целосно нечовечки услови да создаваат претстави! Како студент на покојниот професор Владо Цветановски, знам дека претстава може да се направи секаде, и во бифе и на улица... и веќе со години ние ансамблите докажуваме дека театар се прави од ништо. Но, за театарска зграда требаат цврсти и немувлосани ѕидови, кров кој не протекува, чисти тоалети, па и туш кабини да се одмие потта која ја даваме на сцена. Потребни се удобни седишта и пријатна сала (топла или свежа по потреба) за да се пречека, но и задржи публиката! Не може важноста и значењето на културата во една земја да ја докажуваат само уметниците, мора и државата да се посвети така што ќе ја смести во своите приоритети!

Сцена од претставата Амадеус
Како започна твоето патување кон турските серии и што беше најтешко во пробивањето на тој пазар?
Во Истанбул заминав со силна желба да го проширам своето знаење и да си додадам плус предизвици на моето уметничко растење. Мислев дека јазикот ќе биде најголема бариера да ги реализирам моите замисли. А, тие не беа врзани само за турските серии, туку и за магистерски и докторски студии, театарски претстави, филмски проекти... Сакав да искусам од сѐ што нуди овој град за младите уметници. Брзо сфатив дека повеќето пречки на патот сама си ги поставувам, што од страв од непознатото, што од недоверба во своите квалитети. И само ми се потврди дека за уметник кој твори со многу љубов, сите навидум пречки, се знаци на патот!

Бела фигура - Турски театар
Доколку не беше на сцената, во кој правец мислиш дека ќе те однесе животот и како би ја насочила својата креативна енергија?
Од сцена на платно, од платно на екран, од екранот со маска, пераи и боца рипам во длабочините на Црвено море, испливувам и се сместувам во мал шатор покрај Радика... душата полна каде и да е, само ако комплетно е таму...