Промовирани огласи »

ЕУ го одложи целосното воведување на EES до септември 2026 поради хаос на границите

Метеж, редици до седум часа и пропуштени летови го натераа Брисел да ја одложи целосната примена на системот за влез/излез (EES) до по летната сезона 2026 година.

Европската Унија го помести целосното воведување на системот за влез/излез (EES) од април на септември 2026 година, откако првичната примена покажа дека новите биометриски контроли создаваат сериозен метеж на граничните премини, особено во периодот на интензивен туристички сообраќај, соопшти Европската комисија.

EES постепено се применува од октомври 2025 година, но на аеродромите и пристаништата веќе се регистрирани долги редици, доцнења и пропуштени летови, бидејќи патниците од земјите кои не се членки на ЕУ мора да даваат биометриски податоци. Според податоците на ACI Europe, времето за обработка на патниците на некои аеродроми е зголемено и до 70 проценти, а во екстремни случаи чекaњето достигнува и до три часа, додека аеродромот во Лисабон во декември дури привремено го суспендираше системот поради редици и до седум часа.

Брисел нагласува дека одложувањето ќе им даде на земјите-членки поголема флексибилност за прилагодување на инфраструктурата и процедурите, а до целосната имплементација на EES патниците и понатаму ќе добиваат класични печати во пасошите при влез и излез од ЕУ.

Тагови: EEC граница ЕУ

Промовирани огласи »

Вработен во Холандија обвинет за „непосветеност“ затоа што си заминува од работа во 17 часот

Дали си непосветен ако си одиш од работа во 17 часот?

Еден вработен во холандската филијала на голема американска технолошка компанија стана вирален на социјалните мрежи откако му било приговорено дека не е доволно посветен на работа затоа што редовно си заминувал од работа во 17:00 часот, не одговарал на мејлови за време на викенд и одбил да учествува на Zoom состаноци надвор од работно време. Менаџерот со седиште во Њујорк го критикувал за неговата недостапност надвор од вообичаеното работно време, што ја отсликува „hustle“ културата на некои американски работни места.

Работникот му поставил граници на менаџерот и им објаснил дека во Холандија е нормално да се држи до утврдено работно време и дека завршувањето на обврските до 17:00 не значи непосветеност, туку добра организација. Кога менаџерот заплашил со план за следење на учинокот, вработениот го пријавил случајот кај локалната служба за човечки ресурси.

Холандскиот HR потоа ја отфрлил забелешката на американскиот менаџер и го потсетил на локалните закони за работа, кои јасно ги штитат правата на вработените за фиксно работно време и недостапност надвор од него. По интервенцијата, менаџерот престанал да контактира со вработениот надвор од работното време, а случајот предизвика широка дискусија за разликите помеѓу американскиот и европскиот пристап кон работа и баланс меѓу приватен и професионален живот.

Тагови: закон менаџирање на луѓе работнички права Холандија

Промовирани огласи »

Нови драстични мерки: одземање на возилото за возење без возачка дозвола

Од 1 февруари 2026 година, возење без дозвола или со екстремно пребрзо возење може да резултира со одземање на возилото. Прочитајте што точно предвидуваат новите законски измени.

Од 1 февруари 2026 година стапија во сила измените на Кривичниот законик со кои се воведува една од најстрогите санкции во сообраќајот: одземање на моторното возило од лица кои управуваат без стекнато право на возачка дозвола. Доколку сторителот со тоа изврши кривично дело против безбедноста на јавниот сообраќај, возилото со кое е сторено делото ќе биде одземено, под услов да е во негова сопственост.

Кога возилото е во сопственост на трето лице, ќе може да биде одземено само доколку се утврди дека сопственикот знаел или бил должен да знае дека лицето што управувало немало право да вози. Новите правила важат за сите видови моторни возила – патнички автомобили, мотоцикли, скутери и други моторизирани превозни средства – и предвидуваат и кривична, а не само прекршочна одговорност за ваквите случаи.

Законот пропишува одземање на возилото и при екстремно пречекорување на брзината: најмалку 70 км/ч над дозволената брзина во населено место или 90 км/ч надвор од населено место. Доколку возачот веќе бил осудуван за вакво кривично дело, одземањето на возилото е задолжително. Надлежните институции истакнуваат дека целта на мерката е драстично намалување на тешките сообраќајни несреќи, зголемување на дисциплината и отстранување на најризичните учесници од патиштата.

Тагови: возачка дозвола полиција

Промовирани огласи »

Во Словенија се зголеми минималната плата

Словенечкиот министер за труд ја потпиша одлуката за новата минимална плата, која беше објавена во Службени весник на Словенија во петокот, 30 јануари 2026 година, со ш… See more

Вработените со полно работно време ќе земаат приближно 1.000 евра нето плата во месецот. Минималната бруто плата изнесува 1.482,88 евра.

Словенечкиот министер за труд ја потпиша одлуката за новата минимална плата, која беше објавена во Службени весник на Словенија во петокот, 30 јануари 2026 година, со што се исполни законскиот рок според кој минималната плата мора да се утврди и објави најдоцна до 31 јануари секоја година.

Министерството за труд објаснува дека законот предвидува дека минималната плата мора да биде помеѓу 20 и 40 проценти над минималните трошоци за живот. За 2026 година, тој опсег беше од 1.372,03 до 1.648,28 евра бруто. Министерот одлучи за износот од 1.442,92 евра бруто, кој потоа беше прилагоден на инфлацијата од 2,7 проценти, што доведе до конечната минимална плата од 1.481,88 евра бруто, објавуваат регионалните медиуми.
Како што истакнува министерството, целта на таков модел е минималната плата да не биде само формална категорија, туку инструмент што им обезбедува на работниците основна финансиска сигурност и достоинствен живот.

Зголемувањето на минималната плата има и поширок општествен ефект. Голем број други бенефиции што се законски врзани за овој износ, исто така, автоматски се зголемуваат, вклучувајќи ги минималните надоместоци за невработеност, часовните плати за студентска работа, бенефициите за личен асистент, како и одредени други социјални и работни бенефиции. Затоа одлуката за минималната плата директно влијае на многу поголем број граѓани отколку што изгледа на прв поглед, објави Б92.

Тагови: минимална плата Словенија

Вчитај повеќе вести...
барај огласи за вработување »