Промовирани огласи »

Која е Христина Наќевска Митрашиновиќ ? Кажи ни нешто повеќе за себе.

Христина Наќевска Митрашиновиќ е балерина која уште од најрана возраст го избрала балетот како свој животен пат. Балетот не го доживувам само како професија, туку како начин на размислување, дисциплина и животна определба. Преку движењето раскажувам приказни, емоции и состојби кои често не можат да се искажат со зборови.

Колку поддршката од семејството и блиските ти значеше во градењето на кариерата?

Поддршката од семејството и блиските ми беше тивка сила што ме држеше исправена и кога беше најтешко. Нивната верба ми даваше храброст да продолжам напред, дури и во деновите кога патот изгледаше премногу стрмен. Балетот бара огромни жртви, физички и психички, и без разбирање и поддршка од најблиските, овој пат би бил многу потежок. Тие беа тука и кога имаше аплауз, но и кога имаше сомнеж и замор.

Што сè мораше да жртвуваш за да стигнеш до нивото на кое си денес?

Балетот бара целосна и безрезервна посветеност. На овој пат жртвував многу – време со семејството и пријателите, спонтаност, празници, па дури и дел од личниот комфор. Додека другите живеат поопуштено, балерините постојано се во сала , внимаваат на својот изглед и ја носат одговорноста на сцената и надвор од неа.

Освен физичките жртви, постојат и оние тивките, внатрешните – справувања со замор, болка, сомнежи и постојани очекувања. Но сите тие жртви имаат своја смисла. За возврат добив чувство дека живеам автентично, дека сум верна на својата страст и дека секој чекор на сцената е резултат на долгогодишна работа и љубов кон уметноста.

Токму тие жртви ме изградија не само како уметник, туку и како личност – посилна, поистрајна и посвесна за вредноста на секој успех.

Како изгледа еден твој типичен ден исполнет со проби, тренинзи и настапи?

Денот најчесто започнува со задолжителните вежби коишто ги имаме секој ден , продолжува со проби кои траат со часови , а често завршува и со дополнителна физичка активност . Тоа е динамичен, интензивен ритам кој бара целосна фокусираност и енергија.Доколку имам претстава претежно наутро сум слободна ,а 3-4 часа пред почетокот на претставата одам во театар за да се подготвам.

Дали имало момент кога си помислила да се откажеш – и што те задржа на овој пат?

Да, имало тешки моменти. Секој уметник ги има. Меѓутоа никогаш не сум се сомневала во самата себе или сум сакала да се откажам поради заморот и тежината коишто  ги носи оваа професија, туку причината секогаш била околината,луѓето , неправдата којашто ја има во секоја професија во нашава држава за жал и едноставно притисокот некогаш е преголем.

Но љубовта кон сцената и чувството кога си дел од приказна што допира луѓе, секогаш ме враќале назад. Тоа чувство е посилно од се друго и нормално ме задржува тоа што сум упорна да ја достигнам целта што сум ја зацртала.

Кој настап или улога ти е особено драга и зошто?

Секоја улога носи нешто свое, но најдраги ми се оние кои бараат не само техника, туку и длабока емоционална вложеност. Улогите во кои балетот престанува да биде само „убав“ и станува вистински силен и болен, ми се особено значајни.

Како омилени  сега за сега можам да ги издвојам Есмералда и Жизел токму поради емоционалната и драмска сложеност .

Што за тебе значи успех – аплаузот, личното задоволство или нешто трето?

За мене, успехот не се мери само со јачината или должината на аплаузот, но не можам да кажам дека тој не ми значи. Аплаузот е жив доказ дека приказната стигнала до некого, дека движењето било видено, почувствувано и разбрано. Тој момент на заедништво меѓу сцената и публиката е силен и незаменлив.

Но вистинската мера на успехот за мене доаѓа во тишината што следи потоа. Кога светлата ќе се изгасат и ќе останам сама со себе, ако чувствувам мир и знам дека сум била искрена, дека сум дала сè што сум имала – тогаш аплаузот станува повеќе од звук.  Тој станува потврда за емотивниот траг што сум го оставила на сцената.

Како се справуваш со критики и очекувања, и дали тие те мотивираат или оптоваруваат?

Критиките ги доживувам како неопходен дел од растот, и како уметник и како личност. Секако дека не е секогаш лесно – има моменти кога зборовите знаат да тежат, особено кога си вложил огромен труд и емоција. Но со тек на време научив да ги слушам критиките без да дозволам да ме обесхрабрат, туку да ги претворам во алатка за напредок.

Во балетот, улогата на репетиторот или менторот е клучна. Тоа е личноста што постојано те набљудува, ти укажува на деталите, на грешките, на нијансите кои публиката можеби никогаш нема да ги забележи, но кои ја прават разликата меѓу коректна и вистински силна интерпретација. Ти мораш да ги прифатиш тие забелешки и да ги примениш, дури и кога тоа значи да се соочиш со сопствените слабости. Токму во тој процес се случува вистинскиот уметнички раст.

Очекувањата се големи, но јас ги доживувам како доверба и предизвик, а не како товар. Тие ме туркаат да бидам подобра секој ден, да не се задоволувам со просечното и постојано да го надминувам сопствениот лимит.

Дали сметаш дека балетот и класичниот танц добиваат доволно внимание и поддршка кај нас?

Сметам дека балетот и класичниот танц заслужуваат многу поголемо внимание, почит и институционална поддршка отколку што моментално ја добиваат. Зад секоја претстава не стои само еден настап, туку години континуирана работа, дисциплина, жртви и искрена љубов кон уметноста.

Балетот е уметност која бара целосна посветеност уште од најрана возраст, постојан физички и ментален ангажман, како и системска грижа за уметниците. За жал, трудот што го вложуваат балетските уметници често останува недоволно видлив и недоволно вреднуван.

Верувам дека со поголема поддршка, едукација на публиката и почит кон процесот, балетот може да заземе многу позначајно место во културниот простор кај нас. Уметноста опстојува само таму каде што е препознаена и негувана, а балетот несомнено го заслужува тоа.

Ако не беше балерина, што мислиш дека ќе беше денес?

Иако е тешко да се замислам надвор од балетот, верувам дека повторно ќе бев поврзана со уметноста и движењето. Тоа е начинот на кој најискрено го разбирам светот и комуницирам со него. Без разлика дали преку танц, педагогија или некоја друга форма на креативно изразување, сигурна сум дека ќе барав простор каде телото, емоцијата и идејата се спојуваат во едно.

Уметноста за мене отсекогаш била повеќе од професија – таа е потреба, начин на размислување и животна насока. Затоа, дури и без сцената, би продолжила да создавам, да инспирирам и да живеам преку движењето.

Тагови: професии уметност балерина

Промовирани огласи »

Најновите огласи за работа во Скопје!

Најди работа во Скопје!

Скопје како главен град и економски центар на Македонија нуди широк спектар на можности за вработување во разни индустрии и сектори. Во последно време, пазарот на трудот во Скопје забележува зголемена побарувачка за професионалци од различни области, од технологија и маркетинг до угостителство и администрација. 

Еве некои од најновите и најпопуларни огласи за работа во градот:

Машински инженер
Оператор во производство
Продажен персонал - Ramstore Mall
Градежен инженер / машински инженер
Медицински претставник - дерматологија

Останатите оглси за во Скопје можете да ги најдете ТУКА.

Прочитајте и за: Огласи за работа во Тетово!

Промовирани огласи »

Кои се вашите права доколку работите прекувремено?

За вршењето на прекувремената работа на работникот му следува надоместок.

Прекувремена работа е секоја работа што се извршува над утврденото полно работно време.

Согласно Законот за работни односи, работодавачот може да побара од работникот да работи прекувремено кога постои значително зголемување на обемот на работа, кога е потребно продолжување на деловниот или производниот процес, кога треба итно да се отстранат дефекти на средствата за работа што би можеле да предизвикаат прекин, кога е неопходно да се обезбеди безбедноста на луѓето, имотот и сообраќајот, како и во други случаи предвидени со закон или колективен договор.

Прекувремената работа може да изнесува најмногу осум часа неделно и најмногу 190 часа годишно, освен кај работи кои поради специфичниот процес не можат да се прекинат или не постојат услови за организирање на работа во смени. Во период од три месеци, просекот на прекувремена работа не смее да надмине осум часа неделно.

За работниците во Министерството за внатрешни работи кои вршат специфични задачи согласно посебен закон, прекувремената работа може да надмине 190 часа годишно, но само за итни и неодложни работи и со претходна писмена согласност на работникот. Работникот кој работел повеќе од 150 часа над полното работно време и не отсуствувал од работа повеќе од 21 ден во текот на годината кај ист работодавач, има право, покрај додатокот на плата, и на бонус во висина на една просечна плата во државата.

Работодавачот е должен да води посебна евиденција за прекувремените часови, да ги прикаже во месечната пресметка на платата и за секое воведување на прекувремена работа претходно писмено да го извести надлежниот инспектор на трудот.

За прекувремена работа, работникот има право на додаток на основната плата, кој изнесува најмалку:

– 35% за прекувремена работа,
– 35% за ноќна работа,
– 5% за работа во три смени,
– 50% за работа во ден на неделен одмор.

За работа во денови на празници и неработни денови утврдени со закон, работникот има право на надомест на платата што би ја примил доколку не работи, како и дополнителна исплата зголемена за 50% за часовите поминати на работа.

Додатоците на плата не се исклучуваат меѓусебно, а правото на додаток за работа во три смени се остварува само за ефективно поминатото работно време во смени.

Тагови: закон прекувремено работнички права

Промовирани огласи »

Поскап јавен и такси превоз во Скопје? Синдикатите најавија повисоки цени ако се зголеми минималецот

Зголемување на цената на автобуската карта или Скопје ќе остане со редуциран јавен превоз. Ќе поскапи и такси превозот!

Приватните превозници од Скопје велат дека доколку дојде до зголемување на минималната плата, како што бараат работниците, тоа може да повлече зголемување на автобуската карта или да ги прекинат договорите, па така Скопје ќе остане со редуциран јавен превоз. Растот на минималецот ќе донесе и повисоки цени на такси услугите. 

Сите засегнати страни разумно да пристапат за решение за зголемување на минималната плата, кое за износот од 200 евра што се бара може да се реализира единствено со субвенционирање од државата. Во спротивно ќе резултира со минимално или работење со загуби, велат од Синдикатот на приватни автобуси превозници на град Скопје.

Изразуваме голема загриженост во однос на барањето на Сојузот на синдикатите на Македонија за покачување на минималната плата од 200 евра. Ние сме микро фирми со еден до двајца вработени и во изминатиот период имавме низа проблеми со исплатата на надоместоците што требаше да ни ги плаќаат во град Скопје, особено во времето на градоначалничката Данела Арсовска со која до ден денеска имаме судски спор поради нејзините одлуки за неисплата на дел од долгот. Во насока на тоа бевме принудени да земеме кредити за да можеме да ги сервисираме нашите обврски кон граѓаните на град Скопје. Во случај на покачување на минималната плата од 50 проценти би дошле во ситуација во која повеќе нема да можеме да возиме и ќе бидеме принудени да ги откажеме договорите затоа што работењето ќе биде сведено на минимум или со загуба. Затоа ги повикувам сите засегнати страни разумно да пристапат кон овој проблем за кој и ние самите сме свесни - изјави за МИА Кемал Муриќ, претседател на Синдикатот на приватни автобуски превозници на град Скопје.

Ваквото изнудено решение, дополнува Муриќ, ќе придонесе или за зголемување на автобуската карта или пак да ги откажуваме договорите.

Но, и во двата случаја нема да бидеме оштетени само ние со оставањето на голем број семејства без приходи во кој граѓаните на Скопје ќе останат без превоз или пак ќе биде покачена цената на билетот за превоз - вели Муриќ.

Во голем број држави во опкружувањето и во Европа, посочува тој, има пракса државата да го субвенционира јавниот градски превоз бидејќи во огромен број случаи овој превоз е непрофитабилен доколку нема субвенции.

Така што, апсолутно размислуваме и делуваме во таа насока да се обидеме да издејствуваме одредени субвенции од државата - изјави претседателот на Синдикатот на приватни автобуски превозници на град Скопје, кој застапува барање на околу 200 превозници.

И од Синдикатот на автотакси превозници на град Скопје велат дека зголемување на платите може да се случи само со поддршка и оти финансирањето на повисоките плати од страна на превозниците ќе ја зголеми цената на услугата.

Синдикатот на автотакси превозници се состои од членови кои се самофинансираат односно сами си ги плаќаат придонесите и платата, така што со секое зголемување на платата се зголемуваат и придонесите. Значи треба да се издвојат повеќе пари, а со тоа се намалува и заработката. За да се покријат тие трошоци би требало да се зголеми и цената на такси превозот, но со зголемување на цената би се намалил и бројот на патници. Едвај кубуриме да ги покриеме и сегашните придонеси, изјави за МИА Ѓорѓи Мариновски, претседател на синдикат на такси превозници на град Скопје.

Решение, дополнува, гледаме единствено во субвенционирање односно ако се зголеми минамалната плата државата да ги финансира тие средства.

Да речеме, тоа би било износ од плус 3.000 денари и тогаш би можело да се покрие, а вака целиот товар ќе биде на таксистите затоа што не сме во ставка како фризерите и останатите занаетчии кои имаат поволности - изјави Мариновски, претседател на Синдикатот на автотакси превозници на град Скопје, кој обединува 18 фирми со 1.500 члена. 

Тагови: автобус минимална плата Скопје такси

Вчитај повеќе вести...
барај огласи за вработување »