Министерството за здравство информираше дека предлог-законот за заштита од пушење е објавен на електронскиот национален регистар на прописи (ЕНЕР). Според предлог-законот се предвидува целосна забрана за пушење во затворени простории и ќе биде дозволено само во строго дефинирани отворени простории. Ќе се забрани и продажбата на парче, а се предвидуваат и високи казни за непочитување.
Што предвидува новиот Закон за заштита од пушење?
Со Законот за заштита од пушење се уредува заштитата од штетните ефекти од пушењето на тутун и други производи што содржат тутун и никотин, заштитата на населението од дејството на чадот од тутун во животната средина, забраната за пушење во јавни и работни простории, забраната за рекламирање и промоција на тутун и производи што содржат тутун и никотин, забраната за спонзорирање активности од страна на тутунската индустрија, прикажувањето и изложувањето на тутун и други производи што содржат тутун и никотин, како и уредите за консумирање на тутун и никотин, и превентивните мерки за подигање на јавната свест и поддршка за прекинување на употребата на тутун и производи што содржат тутун и никотин.
Цели на Законот
Со овој закон, власта цели да обезбеди:
- - заштитата од штетните ефекти од пушењето на тутун и други производи што содржат тутун и никотин;
- - заштитата на населението од дејството на чадот од тутун во животната средина;
- - забраната за пушење во јавни и работни простории, забраната за рекламирање и промоција на тутун и производи што содржат тутун и никотин;
- -забраната за спонзорирање активности од страна на тутунската индустрија, прикажувањето и изложувањето на тутун и други производи што содржат тутун и никотин, како и уредите за консумирање на тутун и никотин; и
- - превентивните мерки за подигање на јавната свест и поддршка за прекинување на употребата на тутун и производи што содржат тутун и никотин.
Што се воведува со овој Закон?
Законот воведува значително построги мерки за заштита на населението од штетните ефекти на пушењето и пасивното пушење, со цел намалување на болестите поврзани со тутунот и никотинот, особено кај децата и младите.
Со него се воведува целосна забрана за пушење во затворени простории.
Пушењето, вклучително и употребата на електронски цигари и уреди за загревање тутун, се забранува во:
- - сите здравствени, образовни, социјални, културни и спортски установи;
- - државни институции и објекти на локалната самоуправа,
- - работни простории и службени возила;
- - ресторани, кафулиња, барови и угостителски објекти за исхрана;
- - јавен превоз (вклучувајќи такси);
- - заеднички простории во станбени згради;
- - приватни возила ако во нив има дете.
Пушењето ќе биде дозволено само на строго дефинирани отворени простори, без затворање со стакло, фолии или слични прегради.
Забрана за рекламирање и промоција
Законот воведува целосна забрана за: рекламирање и промоција на тутун, никотински производи и електронски цигари, инфлуенсерски и онлајн промоции, социјални мрежи и интернет кампањи, спонзорства од тутунската индустрија на културни, спортски, медиумски и образовни настани, прикажување пушење во медиумски и забавни содржини, освен со јасна здравствена порака.
Забрани во продажбата
Со овој закон, се предвидуваат и строги забрани при продажба, односно:
- - Забранета е продажба на тутун и никотински производи на лица под 18 години;
- - Забранета е продажба „на парче“ (поединечни цигари);
- - Забранета е онлајн продажба и продажба преку автомати;
- - Тутунските производи не смеат да бидат визуелно изложени во продавници.
Дозволен е само ценовник без логоа и слики, со унифициран изглед.
Забрана на ароми и вкусови
Се забранува производство, увоз и продажба на: цигари, електронски цигари и никотински производи со ароми на ментол, овошни, слатки и други вкусови, освен природен тутун. Оваа мерка е насочена директно кон намалување на привлечноста на овие производи кај младите.
Засилен инспекциски надзор
Контролата ќе ја вршат:пазарен, здравствен, просветен и трудов инспекторат, Министерството за внатрешни работи, како и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
За прекршоците се предвидени и привремени забрани за работа на објекти.
Високи казни
Новиот закон предвидува значително високи казни за непочитување. По категории:
- - За правни лица: од 2.000 до 5.000 евра;
- - За одговорни лица: до 2.000 евра;
- - За физички лица: глоба на лице место од 100 евра;
Сепак, ќе биде можно и порамнување преку општокорисна работа или финансиски придонес за здравствени кампањи.
Тагови: забрана за пушење казни Македонија