Изабела е социјален претприемач и креативец, но пред сè човек кој длабоко верува во рачната работа и во луѓето што стојат зад неа. Јас сум основач на „Еснаф“, првата концептуална платформа во Македонија која на системски начин работи со занаетчии и лица од ранливи категории, со цел тие да добијат реална можност за економска независност и достоинствен живот од својот труд.
За мене, рачната работа никогаш не била хоби или нешто споредно. Таа е професија, знаење што се гради со години и труд што заслужува почит и фер вреднување. Истото важи и за традицијата, не ја гледам како нешто што треба да остане во минатото, туку како жив ресурс со огромен потенцијал за иднината, доколку ѝ се пристапи со внимание и современ поглед.
Мојата работа е природен спој на култура, бизнис и општествена одговорност. Преку „Еснаф“ се обидувам да создадам простор каде што луѓето можат да растат, да учат, да заработуваат и да се чувствуваат ценети. Тоа и не е само работа, тоа е начин на размислување и начин на живот.

Раскажете ни малку повеќе за себе и како започна вашата професионална приказна
Мојата приказна започна многу рано, уште од детството, преку плетење, везење и ткаење. Создавањето отсекогаш било дел од мојот живот. Подоцна во текот на животот, во целиот тој процес на создавање, од прва рака ги почувствував проблемите со кои се соочуваат
занаетчиите: немање пласман, несоодветно вреднување на трудот и целосен недостаток на системска поддршка.
Кога го отворив „Еснаф“ во 2019 година, немаше сличен модел. Не отвoрав само продавница, градев цел екосистем од нула. Повеќе од една година вложував во учење: посетував бројни работилници и семинари за социјално претприемништво, организирани од организации како „Лице в лице“, „Хуманост“ и други, и имав ментор кој ми помогна да ја разберам суштината на бизнисот. Тогаш научив една клучна лекција: едно е да создаваш, а сосема друго е да изградиш одржлив бизнис што носи одговорност и кон луѓето.

Што ве мотивираше да им дадете глас на занаетчиите и како се роди идејата за „Еснаф“?
Еснаф не се роди како проект со почеток и крај, туку како лична мисија. Тоа што ме мотивира е фактот дека занаетчиите имаат огромно знаење, вештина и вредност, но нивниот глас ретко се слуша и уште поретко е соодветно вреднуван. Како некој што пораснал со рачна работа и самиот создава, многу јасно ги гледав тие празнини, недостигот од пласман и системска поддршка.
Идејата за „Еснаф“ се роди од потребата сите тие поединечни гласови да не бидат расфрлани и осамени, туку обединети под еден заеднички бренд. „Еснаф“ е тој заеднички глас, нашиот прв македонски бренд, идентитет под кој занаетчиите можат заедно да настапат, да се поддржуваат и да бидат препознаени како професионалци, а не како маргинална сцена.
Мојата мотивација доаѓа од верувањето дека рачната работа заслужува почит, а занаетчиите заслужуваат простор каде што нивниот труд ќе биде видлив, фер вреднуван и долгорочно одржлив. „Еснаф“ е резултат на таа посветеност, не како проект, туку како континуирана мисија што расте заедно со луѓето што ја создаваат.
Кога работиш нешто од срце, поинаку ги доживуваш неправилностите.
Мотивацијата произлезе од неправдата што постојано ја гледав, луѓе со огромно знаење и вештини, а без глас, без пристап до пазар. „Еснаф“ се роди како одговор на тие реални потреби.
Сакав да создадам простор каде што ракотворството нема да биде евтино компромисно решение, туку вредност што се почитува. Простор каде што зад секој производ стои човек, а не анонимна фабрика.

Кои се најчестите предизвици што ги среќавате кога работите со мали занаетчиски бизниси?
Предизвиците се многубројни и постојани, особено затоа што „Еснаф“ од самиот почеток беше изграден како целосно нов и уникатен модел на пазарот. Кога го отворивме во 2019 година, немаше друг простор што истовремено функционираше како продавница, платформа за занаетчии и социјално претпријатие. Сè мораше да се гради од почеток.
Еден од предизвиците како да ги вклучиме сите лица кои творат и се уште не се во можност да се регистрираат. „Еснаф“ е легален и структуриран начин за пласман, со договори, јасни правила и бренд кој стои зад секој производ. Во средина каде што голем дел од рачната изработка се продава во сивата економија, свесно избравме потежок, но исправен пат. Тоа значеше многу едукација: за цени, реална вредност на трудот, бизнис структура, даночни обврски и одговорност кон крајниот купувач.
Паралелно со тоа, работевме и на едукација на публиката, да се разбере зошто рачната изработка има повисока цена, зошто не може да се споредува со масовно произведени увозни производи и која е разликата помеѓу занает и индустрија.
Дополнителен предизвик беше и инклузијата на лица од ранливи категории. Иако нивните производи се подеднакво квалитетни и вредни, често се случуваше купувачите да се повлечат откако ќе дознаат кој стои зад изработката. Токму затоа беше важно „Еснаф“ како бренд да стои цврсто зад секој производ, без етикетирање, без сожалување, туку со професионален пристап и еднакви стандарди за сите.
На сето ова се надоврза и пандемијата, само три месеци по отворањето. COVID-19 нè принуди брзо да се адаптираме, да го развиеме онлајн присуството и да го преиспитаме начинот на функционирање, без да се откажеме од вредностите.
Сите овие предизвици сè уште постојат, но денес ги гледам како дел од растот. „Еснаф“ постојано се менуваше, локации, концепт, пристап, со една цел: да биде одржлив, чесен и силен модел што расте заедно со занаетчиите, а не на нивна сметка.

Дали можете да споделите пример на проект што најмногу ве инспирирал и зошто?
Еден од најемотивните и најпотврдувачки моменти беше кога ги отворивме ширум вратите на продавничката. Тоа не беше само физичко отворање простор, туку отворање кон светот. Приказните што се развија потоа – средбите со луѓе, реакциите на посетителите, моментот кога покажавме дека сме вредни изработувачи и колку многу знаеме и можеме да создадеме – беа силна потврда дека сме на вистинскиот пат.
Посебно значаен е и просторот во Македонско село, каде секојдневно ја претставуваме македонската култура и традиција пред посетители од земјата и од светот. Тоа не е само продажба – тоа е културна размена.

Како гледате на улогата на заедницата и соработката меѓу занаетчиите и пошироката публика?
За мене, заедницата е суштината на „Еснаф“. Занаетчиството никогаш не било индивидуален чин, тоа отсекогаш се пренесувало преку луѓе, семејства, мајстори и ученици. Затоа и називот е Еснаф , а малата точка над буквата н во логото претставува човек, креатор
Денес, под брендот „Еснаф“ се обединети различни генерации и искуства: од нови, млади креативци кои допрва влегуваат на пазарот, сè уште не се регистрирани и учат на мали, сигурни чекори, до мајстори кои со децении ја одржуваат и ја пренесуваат традицијата жива.
Токму затоа „Еснаф“ постои како заеднички дом, простор каде што почетниците добиваат поддршка, насока и видливост, а искусните мајстори добиваат признание, континуитет и почит за својот долгогодишен труд. Оваа разноликост е нашата сила, затоа што овозможува знаењето да се пренесува, а традицијата да не згасне, туку да се развива.
Соработката со пошироката публика е подеднакво важна. Посетителите и купувачите не се само консументи, туку активен дел од приказната, тие преку изборот да купат рачно изработен производ директно поддржуваат човек, вештина и наследство. Со тоа се гради свесна публика која разбира зошто рачната работа има вредност и зошто нејзината поддршка е важна.
Фактот што „Еснаф“ е заштитена трговска марка дополнително ја зацврстува оваа доверба. Тоа е гаранција за квалитет, автентичност и долгорочна посветеност, знак дека зад секој производ стои проверен труд, почит кон занаетот и јасни вредности. „Еснаф“ не е само бренд, туку заедница што обединува, едуцира и создава мост меѓу минатото, сегашноста и иднината на занаетчиството.

Што мислите дека е клучно за да се пренесе вистинската вредност на рачната изработка до потрошувачите?
Клучот е во раскажувањето на приказната, транспарентно, искрено и без романтизирање. Луѓето треба да знаат колку време, знаење и труд се вложени во еден производ. Да ја разберат разликата меѓу „рачно изработено“ и „рачно доработено“.
Едукацијата и континуираната комуникација се неопходни за да се изгради почит кон рачната работа.

Како влијаеше вашето лично искуство и вредности врз начинот на кој ги раскажувате бизнис приказните?
Моето лично искуство силно го обликува начинот на кој ги раскажувам бизнис приказните, затоа што доаѓам од светот на создавањето, а не од класичниот бизнис. Учество на модни настани, особено искуството во Сараево – како дел од fashion weekend, со модна ревија и изложби каде настапував како дизајнер и креатор – ми покажа колку е важно зад секој производ да стои јасна приказна, емоција и контекст.
Таму сфатив дека публиката не се поврзува само со формата или естетиката, туку со значењето, процесот и вредностите што стојат зад едно дело. Тоа искуство ми помогна да развијам искрена желба за раскажување приказни што се искрени и човечки, а не наметнати или маркетиншки празни.
Моите вредности, почит кон рачната работа, времето вложено во создавањето и луѓето што стојат зад секое дело директно се пренесуваат во начинот на кој го градам „Еснаф“. Бизнис приказните што ги раскажуваме не се за бројки и трендови, туку за луѓе, животни приказни. Верувам дека токму таа автентичност создава доверба и долгорочна врска со публиката.

Што би им порачале на сите оние што размислуваат да започнат своја приказна или бизнис?
Би им порачала да си дадат време и простор да учат и да се прилагодуваат. Ништо вредно не се гради преку ноќ, а „полека“ многу често е најбрзиот начин да стигнете таму каде што сакате. Важно е да верувате во она што го правите, дури и кога патот не е јасен од самиот почеток.
Не мора да имате одговори на сите прашања однапред, многу од нив ќе ги откриете додека одите. Патот се гради со обиди, грешки, корекции и учење. Секоја лекција, без разлика дали е добра или тешка, носи знаење што ве прави посилни и посвесни.
Најважно е да останете доследни на себе и на вредностите што ве водат. Кога имате јасна причина зошто нешто го правите, начините како да го направите ќе се појавуваат со текот на времето.

Тагови: изработки Еснаф занаетчии