Кој е Пепика? Раскажете ни малку повеќе за себе и вашата приказна.
Јас сум Пепика Јаневска, 24-годишна девојка од Гевгелија, дипломиран економист и креатор зад брендот Sparkle.mk. Иако економијата е мојата професионална основа, креативноста отсекогаш била неразделен дел од мене. Празниците за мене имаат посебно значење – ја сакам атмосферата, светлината, украсените домови и чувството на топлина што го носат. Токму од таа љубов постепено се роди идејата за Sparkle.mk – мал, рачно изработен бренд кој денес претставува мој креативен израз и голема лична мотивација.

Како започнавте со изработка на лампиони и свеќи? Што ве инспирираше на тој пат?
Идејата се роди сосема спонтано. Отсекогаш купував украси за домот, особено за празниците, и сакав мојот дом да зрачи со топлина и празнична магија. Пред околу една година почнав да експериментирам со изработка на лампиони и свеќи – најпрво од љубопитност, а потоа со сè поголема посветеност. Желбата да создадам нешто поразлично, рачно изработено и со личен печат беше мојата најголема инспирација. Со тек на време, ова хоби прерасна во бренд кој денес е важен дел од моето секојдневие.

Како изгледа еден ваш работен ден во работилницата?
Мојот ден е динамичен и често долг – започнува рано наутро и завршува доцна навечер. Покрај редовната работа, најголемиот дел од слободното време го посветувам на Sparkle.mk. Процесот во работилницата е внимателно и детално испланиран: од подготовка на материјалите, преку самата изработка, до финалното доработување на секој производ. Секој ден е различен, но секогаш исполнет со креативна енергија. Иако знае да биде напорно, чувството дека градам нешто свое ми дава огромна сила и мотивација.

Кои се најголемите предизвици при изработка на рачно изработени лампиони и свеќи?
На самиот почеток, најголем предизвик беше набавката на квалитетни материјали и пробивањето на пазарот, особено поради конкуренцијата. Денес, најголемиот предизвик е времето – балансирањето помеѓу редовната работа и креативниот процес. Сепак, со добра организација и упорност, секој предизвик станува важна лекција.

Кои моменти ви носат најголемо задоволство и радост во процесот на работа?
Најголемата радост доаѓа од реакциите на луѓето. Кога ќе добијам фотографија од лампион украсен на новогодишна елка, кога некој ќе ми напише дека насмевката на неговото дете е непроценлива или кога ќе ја почувствувам радоста при преземање на нарачката – тоа се моменти што не можат да се опишат со зборови. Тие ми се потврда дека сето вложено време и труд имаат вистинска вредност.

Дали имате омилена техника или материјал што најчесто го користите?
Посебно место во мојата работа има природниот пчелин восок, кој е целосно еко-пријателски и висококвалитетен. Но, она што најмногу ме исполнува е постојаното истражување и експериментирање. Сакам да пробувам нови техники и пристапи, бидејќи верувам дека токму преку учењето се создава автентичноста. Експериментирањето е делот што ме држи највозбудена.

Како реагираат луѓето кога првпат ги гледаат вашите креации?
Реакциите најчесто се исклучително позитивни. Многумина забележуваат колку внимание е посветено на деталите и колку труд стои зад секој производ. Таквите коментари, особено од блиските и од задоволните клиенти, ми се огромна мотивација да продолжам понатаму.

Дали размислувате за проширување на работилницата или воведување нови производи
Секако. Никогаш не престанувам да учам и да размислувам како да бидам подобра. За следната година сериозно размислувам за реновирање и проширување на работилницата. Континуирано работам на нови идеи, со желба Sparkle.mk еден ден да стане моја примарна професионална определба. Без разлика на растот, најважно ми е брендот да остане автентичен и рачно изработен.

Како се инспирирате и од каде црпите идеи за новите дизајни?
Инспирацијата најчесто доаѓа спонтано, особено кога работам на нешто што досега не сум го правела. Кога подолго размислувам за една идеја и не сум сигурна како ќе изгледа крајниот резултат, токму тогаш се раѓаат најкреативните решенија. Дизајните што ги започнувам со доза страв, најчесто излегуваат најубави.

Би ги охрабрила сите што имаат било каква идеја да започнат и да не го чекаат „совршениот момент“, затоа што тој ретко доаѓа сам од себе.Сè е процес што бара време, трпение и многу обиди. Најважно е да се започне, да се учи од грешките и да се верува во сопствената приказна.
Тагови: уметност Sparkle.mk. изработки