Промовирани огласи »

Нови цени на горивата од полноќ - добри вести за возачите!

Добри вести за возачите!

Од ноќеска на полноќ цените на бензините ќе се намалат за два денари, а цената на дизелот ќе остане иста, соопшти Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).

Од 19.12.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:

  • Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 71,00 (денари/литар)
  • Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 73,00 (денари/литар)
  • Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 66,50 (денари/литар)
  • Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 65,50 (денари/литар)
  • Мазут М-1 НС 32,635 (денари/килограм)

Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се намалуваат за 2,00 ден/лит.

Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V), како и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) и на Мазутот М-1 НС не се менуваат.

Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 19.12.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени, се наведува во соопштението на РКЕ.

Тагови: Регулаторната комисија за енергетика-(РКЕ) цени на горивата

Промовирани огласи »

Новогодишна магија на влезовите – приказната на уметницата Бојана Тошевска

Како еден влез може да донесе насмевки? Бојана Тошевска ја открива тајната на својата уметност

Која е Бојана? Кажи ни нешто повеќе за себе и за тоа како започна твојата креативна приказна. Како дојде до идејата токму влезовите на зградите да станат твое платно за новогодишна уметност?

Ликовна уметница од Битола, а понекогаш и живеам во Штип. Од најмала возраст цртав постојано по тетратки и по сè што ќе ми се најдеше при рака. Талентот го наследив од мајка ми, а како дете цртањето го доживував како најискрен начин да ги искажам емоциите и мислите кога зборовите не ми беа доволни.

Подоцна таа љубов ја претворив во професија. Студирав класично сликарство на Ликовната академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, а моментално сум при крај со вториот циклус студии на истиот универзитет. Активен член сум на Друштвото на ликовни уметници – Битола и зад себе имам повеќе групни изложби во земјава и во странство, како и две самостојни изложби, од кои последната е „Точка, не круг“.

Идејата влезовите на зградите да станат мое платно дојде како сплет на околности, но и како предизвик што веднаш ме привлече. Ова е проект на агенцијата за одржување и управување со станбени згради ,,Ideal Logistik” а јас се вклучив преку препорака од мојот почитуван колега Ристе Мицевски, кој веќе неколку години работеше на истиот. Во тоа препознав шанса влезовите да добијат ново лице и празничен дух. Најголема одговорност ми е секој влез да ја постигне својата цел да внесе радост, топлина и новогодишна магија кај секој што ќе помине.

Колку време и енергија одзема подготовката и реализацијата на еден целосно украсен влез? Дали секој влез има своја приказна и како ја приспособуваш декорацијата според просторот и луѓето што живеат таму?

Подготовката и реализацијата на еден целосно украсен влез одзема доста време и енергија, затоа што не се работи само „да биде шарено“, туку да изгледа уредно, читливо и да трае. Обично, најпрво ми оди време на идеја и скица, да осмислам композиција што ќе одговара на вратата/стаклата и да испланирам кои бои и детали ќе ги користам. Потоа следи самото сликање, кое најчесто трае од неколку часа до еден цел ден (понекогаш и повеќе), зависно од големината на влезот, бројот на стакла, деталите и временските услови. Најмногу енергија одзема концентрацијата мора да се држи темпо, а истовремено да се работи на студ и „во живо“ меѓу луѓе.

Да, секој влез има своја приказна. Не сакам да повторувам исто, затоа што секој простор има различна атмосфера. Некои влезови се посветли и бараат понежни тонови, други се потемни и таму одам со посилни контрасти за да „оживее“ сцената. Декорацијата ја приспособувам според распоредот на просторот (врати, стакла, рамки), и според тоа што мислам дека најубаво ќе„седне“ на тој влез  дали повеќе ќе му прилега класичен новогодишен мотив, нешто посмешно и разиграно, или нешто поелегантно и минималистички.

А луѓето што живеат таму многу влијаат. Кога ќе почувствувам дека има многу деца, често одам со поигриви ликови и повеќе детали што ќе ги привлечат. Кога влезот е помирен, правам почиста композиција со акцент на светлина и празнична атмосфера. Најубаво е што додека работам, станарите неретко ми кажуваат што им се допаѓа, се шегуваат, предлагаат нешто и тогаш влезот станува како мал заеднички проект, а не само моја работа.

Кои се најчестите реакции од станарите кога ќе го видат финалниот резултат? Со какви предизвици најчесто се соочуваш при изработка на новогодишните слики и декорации? Како ја одржуваш мотивацијата и креативноста кога работиш на повеќе проекти во исто време

Најчестите реакции од станарите се баш човечки и искрени насмевка, „леле колку е убаво“, „ни го разубави денот“, па дури и кога брзаат, застануваат барем на момент да погледнат. Секогаш добивам благодарности во форма на чоколадо, кафе, чај, па дури и мандарини. Тие мали, но искрени гестови ми покажуваат колку значи тоа што го правам и ме мотивираат да продолжам.

Предизвиците најчесто се практични, ама знаат да бидат и сериозни. Временските услови се најголем фактор студ, ветер, влажност, па и брзо стемнување, а јас морам да работам прецизно. Друг предизвик е и самиот простор не е секој влез ист, има различно осветлување и различни површини, па секогаш мора да најдам решение композицијата да биде убава и да изгледа уредно.

Кога работам на повеќе проекти во исто време, мотивацијата ја одржувам така што си поставувам јасна цел и темпо  ден по ден, влез по влез. Мене ме „пали“ чувството дека правам нешто што веднаш има ефект денес сликам, утре некој поминува и му се крева расположението. А кога ќе ме фати замор, најмногу ме враќаат реакциите на луѓето и моментот кога ќе го видам завршениот резултат и ќе знам дека сум ја постигнала целта празничниот дух да се почувствува уште на самиот влез.

Каква е твојата порака за оние кои сакаат да се впуштат во вакви креативни активности? Што би им советувала да земат во предвид?

Мојата порака е едноставна: ако чувствуваш дека сакаш да создаваш, почни. Не чекај „совршен момент“, ниту да бидеш 100% сигурен дека ќе испадне идеално. Уметноста и креативноста се градат со работа, пробување и храброст да се покажеш.

Би им советувала да земат предвид неколку работи:

  • Планирај, ама остави простор за импровизација. Добра скица и идеја многу помагаат, но на терен секогаш има нешто непредвидено.
  • Почитувај го просторот и луѓето. Кога работиш јавно, тоа е нечие секојдневие и нечие „дома“. Важно е да биде со вкус, мера и позитивна порака.
  • Сметај на напор и дисциплина. Убавите резултати не доаѓаат само од инспирација, туку од трпение, концентрација и константност.
  • Облекувај се слоевито и топло. Ако работиш надвор, студот брзо ја краде енергијата.
  • Не се споредувај со други. Спореди се со себе од вчера тоа е најздрава мерка.

И најважно: биди искрен во тоа што го правиш. Кога создаваш со срце и со добра намера, луѓето го чувствуваат и тогаш креативноста не е само твој израз, туку радост што се дели.

Дали планираш да ги прошириш своите идеи во иднина? Дали има некои нови проекти на кои работиш или размислуваш да започнеш?

Да, планирам и понатаму да ги проширувам идеите. Овој проект со влезовите ми отвори нова енергија и ми даде многу инспирација, па сакам да продолжам да работам на вакви креативни иницијативи и да ги развивам чекор по чекор. Главниот фокус во моментов ми е завршувањето на магистерските студии. Сакам тој труд да го заокружам како што треба, затоа што ми е важно делата да бидат зрели, јасни и целосни. Потоа планирам со тие дела да направам изложба што нема да остане само на едно место, туку да ја пренесам во повеќе градови. Ако се отвори можност, би ми било особено драго изложбата да ја претставам и надвор од Македонија, за да стигне до поширока публика и да видам како различни средини ќе ја доживеат мојата работа.

Тагови: интервју сликање уметност

Промовирани огласи »

Сите причини зошто какаото е добро за вашето здравје

Внесете какао во вашиот ден и почувствувајте ја разликата

Какаото е природен производ добиен од зрната на какаовото дрво, богато со антиоксиданси, минерали и природни соединенија кои позитивно влијаат на телото и умот. Со векови се користи како напиток во различни култури, не само поради неговиот пријатен вкус, туку и поради моќните нутритивни својства. Богато е со магнезиум, железо и флавоноиди, а содржи и теобромин – соединение кое природно дава енергија и добро расположение.

Пиењето какао е добро затоа што го поддржува кардиоваскуларното здравје, го намалува стресот и го подобрува фокусот. Благодарение на антиоксидансите, какаото го намалува оксидативниот стрес и придонесува за подобра циркулација, а теоброминот и малите количини на природни стимуланси нежно го будат организмот без нагло зголемување на пулсот. Дополнително, топлото какао поттикнува лачење на хормони на среќа, што го прави идеален напиток за релаксација и расположение.

Какаото не е само вкусно задоволство, туку и корисен ритуал за енергија, смиреност и подобрa целокупнa благосостојба. Редовната консумација во умерени количини е мал, но значаен чекор кон поздрав и побалансиран животен стил.

Тагови: здравје какао здрав напиток магнезиум железо

Промовирани огласи »

Пијаните и пребрзите возачи ќе останат без автомобил: Нови драстични казни во сообраќајот

Трајно одземање на возилото, забрана за управување до 10 години и затворски казни – новиот предлог-закон ветува жестока борба против пијани, дрогирани и пребрзи возачи.

Во Собранието пристигна предлог за драстично построги санкции за најтешките сообраќајни прекршители, со кој се воведува трајно и задолжително одземање на возилото за пијани, дрогирани и пребрзи возачи со претходни осуди. Група пратеници од ВМРО-ДПМНЕ предлагаат возилото да се конфискува ако сторителот вози најмалку 70 км/ч над дозволеното во населено место или 90 км/ч надвор од населено место, под услов веќе да бил осудуван за исто или слично кривично дело. Автомобилот задолжително ќе се одземе и кога возачот, иако е сопственик на возилото, во моментот на делото воопшто немал право да управува моторно возило, додека кај туѓо возило конфискација ќе има само ако сопственикот знаел или бил должен да знае дека лицето нема возачка дозвола.

Клучна новина е и задолжителната забрана за управување со моторно возило од шест месеци до 10 години – двојно подолг максимум од досегашниот. Судот ќе може да наложи и престанок на важењето на возачката дозвола за одредена категорија во траење од една до 10 години, при што сторителот во тој период нема да може повторно да стекне дозвола од истата категорија. Покрај тоа, се предвидува затворска казна од три месеци до три години или парична казна за возачи кои со безобѕирно управување го загрозуваат јавниот сообраќај – возење со над 1,5 промили алкохол, под дејство на дроги или психотропни супстанции, движење во спротивна насока, опасно претекнување или сериозно пречекорување на брзината.

Со истите санкции ќе се казнуваат организаторите и учесниците во нелегални улични трки, како и лицата кои возат без положен испит или без важечка возачка дозвола. Во образложението на предлог-законот се наведува дека мерките се одговор на сериозниот пораст на тешки сообраќајни несреќи и се темелат на искуствата од Словенија и Австрија. Предлагачите нагласуваат дека измените се дел од поширокиот проект „Сејф сити“, кој има цел драстично да ги намали најопасните прекршоци и да ја зголеми безбедноста на патиштата низ државата.

Тагови: возачка дозвола казни Министерство за внатрешни работи (МВР) Сејф сити - Безбеден град

Вчитај повеќе вести...
барај огласи за вработување »