Во Собранието пристигна предлог за драстично построги санкции за најтешките сообраќајни прекршители, со кој се воведува трајно и задолжително одземање на возилото за пијани, дрогирани и пребрзи возачи со претходни осуди. Група пратеници од ВМРО-ДПМНЕ предлагаат возилото да се конфискува ако сторителот вози најмалку 70 км/ч над дозволеното во населено место или 90 км/ч надвор од населено место, под услов веќе да бил осудуван за исто или слично кривично дело. Автомобилот задолжително ќе се одземе и кога возачот, иако е сопственик на возилото, во моментот на делото воопшто немал право да управува моторно возило, додека кај туѓо возило конфискација ќе има само ако сопственикот знаел или бил должен да знае дека лицето нема возачка дозвола.
Клучна новина е и задолжителната забрана за управување со моторно возило од шест месеци до 10 години – двојно подолг максимум од досегашниот. Судот ќе може да наложи и престанок на важењето на возачката дозвола за одредена категорија во траење од една до 10 години, при што сторителот во тој период нема да може повторно да стекне дозвола од истата категорија. Покрај тоа, се предвидува затворска казна од три месеци до три години или парична казна за возачи кои со безобѕирно управување го загрозуваат јавниот сообраќај – возење со над 1,5 промили алкохол, под дејство на дроги или психотропни супстанции, движење во спротивна насока, опасно претекнување или сериозно пречекорување на брзината.
Со истите санкции ќе се казнуваат организаторите и учесниците во нелегални улични трки, како и лицата кои возат без положен испит или без важечка возачка дозвола. Во образложението на предлог-законот се наведува дека мерките се одговор на сериозниот пораст на тешки сообраќајни несреќи и се темелат на искуствата од Словенија и Австрија. Предлагачите нагласуваат дека измените се дел од поширокиот проект „Сејф сити“, кој има цел драстично да ги намали најопасните прекршоци и да ја зголеми безбедноста на патиштата низ државата.
Тагови: возачка дозвола казни МВР Сејф сити - Безбеден град