Внимавајте, од утре камерите на „Сејф сити“ ве снимаат. Министерството за внатрешни работи стартува со системот „Безбеден град, безбедна држава“, кој автоматски ќе регистрира сообраќајни прекршоци и ќе ги казнува прекршителите. До Нова година е предвиден пробен период.
Возачите ќе добиваат само предупредувања, без изрекување казни. Од јануари системот влегува во целосна примена.
„Сторителите на прекршоци кои ќе бидат документирани преку системот Безбеден град ќе бидат санкционирани согласно одредба која ја регулира најголемата дозволена брзина на движење на возилата, односно нема да има толеранција без разлика дали ќе се документира прекршок во населено место или надвор од населено место“, вели Гоце Андреевски – портпарол на МВР.
Секој сопственик на возило чие прекршување ќе биде документирано, ќе добие СМС и мејл известување со линк, на кој ќе може да преземе записник и платен налог.
Од моментот на приемот, тече рок од осум дена за плаќање половина казна.
По истекот, износот мора да се плати целосно во следните осум дена, пред да започне постапката за присилна наплата.
Казните ќе може да се плаќаат и електронски, а системот веднаш ќе го известува МВР дека глобата е платена.
Тагови: Сејф сити - Безбеден град Скопје