Кристијан, кажете ни малку за себе и како започнавте со пицеријата?
Повеќе од 15 години сум дел од гастрономијата – професија во која не се вљубуваш по случајност, туку преку работа, дисциплина, но најмногу преку љубов кон луѓето и изобилството на вкусови. Мојата приказна започна во Малта, место кое ме научи на брзина, стандарди и интернационална услуга. Потоа продолжив во кафе бар „Martini“, каде што го надградував темпото, комуникацијата вештините во динамична средина. Следеше HomeBrew Specialty Coffee, каде ја открив уметноста на деталите и културата на квалитетот – од зрното до гостинот. Пет години работев во хотел „Панорамика“ каде стекнав стабилни знаења за организација, стандарди и секојдневна работа со голем обем. Сето ова искуство ме доведе до денешната пицерија КРЦ КРЦ, која постои речиси две години — во април го славиме нашиот втор роденден. Почнавме како партнерски бизнис, но со текот на времето интересите се променија и партнерот побара нови можности. Така продолжив сам, со уште поголема посветеност кон идејата да создадам место каде секоја пица ќе биде вистинско гастрономско искуство.

Зошто токму пицерија?
Пицата отсекогаш ми претставувала нешто повеќе од рецепт — тоа е креативност, истражување и вкус што остава впечаток. Сакав да создадам место каде луѓето ќе чувствуваат искрена љубов за вкусот, квалитетот и деталите. На крајот на денот, кој не сака парче сочна и вкусна пица?
.webp)
Кои се најголемите предизвици со кои се соочивте на почетокот?
Најголем предизвик беше препознавањето на брендот. Кога си нов на пазарот, потребно е време да се изградат доверба и препознавање. Сега е веќе полесно — луѓето знаат што добиваат кај нас, знаат дека не штедиме на продукти, дека секој детаљ ни е важен и дека вложуваме во квалитетот.
 - Copy 1.webp)
Што го прави вашиот концепт на пицерија посебен и различен од другите?
Нè издвојува желбата за постојани новини во менито и континуитетот во квалитетот. Кај нас нема случајни рецепти — има стандарди, тестирање и посветеност на вкусот. Сè што излегува од кујната мора да има вкус како првиот ден — ист квалитет, исто внимание кон состојките.
.webp)
Колку е важна свежината на состојките и како ги избирате производителите?
Свежината за мене е број еден правило. Имам внимателен избор на производители и работам со оние кај кои јас лично го чувствувам квалитетот и конзистентноста. Тоа е нешто што не го менувам лесно — затоа што вкусот го заслужува најдоброто.
.webp)
Како го одржувате балансот помеѓу квалитет, цена и задоволство на клиентите?
Го одржувам со чесен пристап — не штедиме на материјал, но не креираме нереални цени. Вистинскиот баланс е кога клиентот добива повеќе од тоа што го плаќа, без да ја жртвуваме суштината на производот.
.webp)
Какви планови имате за развој на пицеријата во иднина?
Тимот полека но сигурно расте што мене ми е особено драго да имам до себе луѓе кои ќе ја делат мојата страст кон пицата, и секако во иднина планираме да отвориме и нова локација каде уште повеќе луѓе ќе го почувствуваат вкусот на КРЦ КРЦ.
 - Copy 1.webp)
Која е вашата порака за сите кои размислуваат да започнат свој мал бизнис?
Да почнат! Не кога ќе биде лесно, не кога ќе има идеални услови — туку кога има идеја и желба. Бизнисот бара трпение, работа и верба во она што го создаваш. Ако правиш искрено и со квалитет, луѓето ќе го препознаат.